top of page

Патот до обновен ум (6)

Мора да стигнеме до местото каде што нашиот ум е трансформиран, обновен преку Божјиот Збор, така што треба да му дозволиме на Божјиот збор да започне да го оформува начинот на кој мислиме. Постои светоглед што постои во духот и светоглед што постои во телото. Светогледот на Духот е тоа што ние го исполнуваме, го почитуваме Божјиот закон, ја исполнуваме Божјата волја, Му даваме задоволство на Небесниот Татко преку следењето на Духот. Така што, потребен ни е светогледот со кој ќе се предадеме на Духот. Во Послание до Римјаните 8 глава стои:

Оние кои живеат по тело, копнеат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното. Копнежот на телото е смрт, а коп­не­жот на духот – живот и мир.

Како го оформуваме светогледот на Духот? Го оформуваме преку проучување, читање, медитирање на Божјиот Збор, откривајќи која е Божјата волја. Нам веќе дадено ни е помазание кое нѐ учи, нѐ поучува, како што пишува во Прво послание на Јован Богослов 2:27:

И помазанието, што го примивте од Него, од Исус, пребива во вас, и немате потреба некој да ве учи; но бидејќи самото помазание ве учи на сè, и е вистинско, и не е лага, останете во него онака, како што ве научило тоа.

Треба да дојдеме до степен каде што ќе го оформиме умот да мисли за духовни работи, и покрај тоа што умот не е духовен дел од нас. Даден ни е зборот на вистината, кажана ни е апсолутната вистина.

Потребно е да го промениме начинот на кој мислиме. Потребно е да го реструктуираме нашето мислење, нашето размислување. Обрасците на нашите мисли треба да бидат како Божјите обрасци. Пример треба да ни биде Божјиот Збор. Не по случајност напишано е дека Зборот дојде во тело т.е во Исус Христос, и Тој стана пример и образец за тоа како треба да се мисли и постапува. Божјиот Збор е апсолутната вистина. Исто така, во Прво послание на апостол Петар 2:21 напишано е:

Бидејќи вие сте за тоа повикани, оти и Христос пострада за нас, оставајќи ни пример, за да врвиме по Неговите стапки.

А во Послание до Ефесјаните 5:1 и 2 стои:

И така, угледајте се на Бога, како чеда возљубени, и живејте во љубов, како што и Христос нè засака и Себеси за нас се предаде како принос и жртва на Бога за пријатен мирис.


Необновениот ум предизвикува да се сомневаме, да се плашиме, да се чувствуваме дека стоиме на работ, на ивицата, со впечатокот дека сме дисквалификувани. Божјиот Збор гласи:

Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста.

Исус Христос постојано ги опоменуваше: Не се плашете! Зошто се сомневате? Зошто не верувате? До кога ќе бидам со вас? Исус Христос постојано е против нашиот душевен дел, делот со кој наоѓаме разумно и оправдано решение и одговор, наместо да реагираме според нашиот духовен дел, во срцето, делот каде што веруваме. Како што укажува во Евангелие според Марко 11:23-24:

Имајте вера во Бога. Оти, вистина, ви велам, ако некој ѝ рече на оваа планина: Дигни се и фрли се в море! и не се посомни во срцето свое, а поверува дека ќе биде како што рекол, ќе му се исполни, што и да каже. Затоа ви велам: сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека ќе го добиете: и ќе ви биде.

Затоа, многупати, работите не се случуваат, затоа што не гледаме во натприродното, туку ментално се обидуваме да го објаснеме и да го направиме.

Има многу работи кои се присутни на Небесата, но не се присутни на Земјата. Бидејќи нашиот ум не е програмиран, оформен да мисли така, не ги гледаме нештата. Ако не си дозволиме себеси да научиме, да се трансформираме, да се ослонуваме на апсолутната вистина тогаш лесно ќе бидеме изманипулирани и ќе веруваме во лагата.

Божјиот Дух доаѓа преку мечот на Духот, и тој ги разделува душата и духот. Божјиот Дух ги разделува, ја одвојува целината составена од умот, волјата и емоциите од духот, од она што сме ние и нашиот дух, како што е укажано во Послание до Евреите 4:12:

Зашто, словото Божјо е живо и дејствува и е поостро од секаков меч со две острици; и навлегува до разделување на душата и духот, до зглобовите и мозокот, и ги проценува мислите и намерите на срцето.

Така што, поаѓаме од идејата дека кога доаѓа Духот на вистината нам ни ја открива сета вистина, нѐ води кон вистината, бидејќи Тој е вистината.

Во нас се одвива процес кој трае постојано, и се случува во нашиот дух, не во нашиот ум. Нашето тело не сака да ја спроведува Божјата волја, ниту пак нашиот ум.Нашиот сака да поставува прашања, да има логично објаснување, оправдување. Нашиот ум сака да ги прави нештата на свој начин, а не начин како што укажува Духот. Тука се јавува тој јаз, тој простор, таа разлика помеѓу необновениот ум и Духот. Целта е духот да се обнови за да функционира синхронизирано со Духот. И телото сака да прави она како што сака, не сака да биде дисциплинирано. Но, нашиот дух е покренат од Божјиот Дух преку раѓањето наново.

Што е тоа наново раѓање? Исус тоа одлично го објаснува при средбата со Никодим одговарајќи:

„Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.” Никодим Му рече: „Како може човек да се роди, кога е стар? Зар може по вторпат да влезе во утробата на мајка си и да се роди?” А Исус му одговори: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо; зашто, роденото тело од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е. Затоа, не чуди се што ти реков: вие треба да се родите одозгора. Ветрот дува каде што сака и гласот негов го слушаш, но не знаеш од каде иде и на каде оди; така е со секој човек роден од Дух.” Никодим Му одговори и рече: „Како може тоа да биде?” Исус одговори и му рече: „Ти си учител Израилев, па тоа ли не го знаеш? 11. Вистина, вистина ти велам: ние зборуваме за она, што знаеме, и сведочиме за она, што сме виделе; а вие нашето сведоштво не го примате. Кога за земни работи ви зборував и не верувавте, како ќе поверувате, ако би ви говорел за небесните?

Врз основа на ова може да се заклучи дека нашиот дух е наново роден и тоа првиот чекор за промена. Со тоа Божјиот Дух влијае на нашиот дух кој пак, влијае на трансформација на нашата душа односно на нашиот ум, го обновува умот, а тој пак влијае на трансформација на нашето тело, емоциите и волјата. На тој начин може да се имплементира Божјата волја како на небото, така и на земјата. Нашето вистинско Јас е всушност нашиот внатрешен човек, нашето срце. Таму престојува Небесниот Татко. Така што, ние сме совршени внатрешно, но не сме комплетни и целосни во нашата душа и нашето тело. И заради тоа, ние треба да ѝ дозволиме на нашата душа да биде траснформирана и обновена.

Светиот Дух го просветлува нашиот дух, како што пишува во Втора книга Царства 22 глава:

Ти си Господи, светило мое; Господ ја просветлува мојата темнина. Тој е штит за сите што се надеваат на Него, зашто, Кој е Бог, освен Господ, и Кој е сила, што се надеваат на Него.

А во Послание до Римјаните 8 глава стои:

Духот нè поткрепува во нашите немоќи; бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. А Оној, Кој ги испитува срцата, знае каква е мислата на Духот, бидејќи Он по волјата на Бога посредува за светиите.

Ова ни укажува на фактот дека Светиот Дух е пратен за да ни помага, да нѐ советува, да нѐ насочува, а доколку ние сме послушни на неговиот глас нема за што да се грижиме или плашиме. Во Псалм 16 пишува:

Ти ми ги покажа патиштата на животот: со радост ме исполнува Твоето лице; вечно блажеснтво е во Твојата десница.

Кој подобро би знаел што е најдобро за нас, ако не Небесниот Татко? Тоа е и целта да живееме по духот, а не по телото, за да бидеме нашето вистинско Јас. Небесниот Татко во Книга пророк Еремија зборува:

Оти само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, вели Господ, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж.

Духот во нас е волен и желен да ја открие и изврши небеснета реалност на земјата. Ние сме зависни од изворот на животот, а тоа е Небесниот Татко, Кој се откри преку Исус Христос, а преку Светиот Дух живее во нас. Во Јован 15 глава пишува:

Јас Сум вистинската лоза и Мојот Татко е лозарот. Останете во Мене како Јас во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не остане на лозата, така ни вие, ако не останете во Мене. Јас Сум лозата, а вие сте прачките. Кој останува во Мене, и Јас во него, тој дава многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо. Ако останете во Мене и ако Моите зборови останат во вас, барајте што и да посакате, и ќе ви биде.

А во 7 глава Исус говори:

„Ако е некој жеден, нека дојде при Мене и нека пие. Кој верува во Мене - како што е кажано во Писмото - „од неговата внатрешност ќе потечат реки на жива вода.”
„Јас сум патот, вистината и животот; никој не доаѓа при Татко Ми, освен преку Мене. Кој Ме видел Мене, Го видел Таткото.
 

Потребна е нашата свесност за потребата од пренасочување од старото Јас кон новото совршено Јас, а тоа се остварува преку промена на нашиот светоглед, преку нашето покајание и нашата свесна одлука за прифаќање на Божјата волја, а не нашата, бидејќи Божјата волја за нас е совршена, а нашата волја, иако навидум правилна и добра, е сепак несовршена.

Дали сме подготвени доброволно да се откажеме од нашата погрешна природа и да пристапиме кон наша целокупна трансформација, која бара труд, трпение, време, понизување, а пред сѐ љубов и почит кон Небеснио Татко?


 


2 views

Recent Posts

See All

Comments


bottom of page