top of page

Непријателот во нас

Размислувајќи за тоа дека сите ние сме различни и имаме различен пристап за нештата во животот, вклучувајќи го и разбирањето за тоа кои сме и што сме и зошто сме такви какви што сме, решив да го анализирам ова прашање преку Божјиот Збор. Некои од нас се спротивставуваат сами на себе односно се непријатели на сопственото постоење. Вистинското решение за човек да се разбере себеси е да го разбере неговиот Создател односно Небесниот Татко преку Неговиот збор. На тој начин добиваме откровение за тоа кои сме, што треба да бидеме доколку не сме и што треба да направиме за да живееме во нашиот целосен потенцијал.

Апостол Павле до Послание до Ефесјаните 5. глава пишува:

Следете го Божјиот пример, бидејќи вие сте Негови омилени деца. Вашите постапки нека бидат водени од љубовта, токму онака како што Христос, воден од љубов, го принесе Својот живот како жртва што Му е пријатна на Бог и има сладок мирис.

Врз основа на овие зборови некој ќе запраша како може да се биде како Небесниот Татко? Возможно ли е тоа? Дали некој е достоен да биде како Него? Или некој ќе запраша со осуда: како се осудуваш да бидеш, да го имитираш Бог? А што прават децата? Зарем не ги имитираат своите родители? Зарем не го имитираат нивното однесување, навики, речник на зборување, светогледот на животот итн? Од кого учиме додека сме деца? Хмм... е па зошто тогаш би се спротивставувале на идејата да го имитираме нашиот Небесен татко? Зошто имаме пречки, бариери за тоа? Доколку некој нѐ праша за нашите родители, ние ќе му кажеме, не можеби целосно, но до одредена граница ги познаваме нашите родители или најблиските со кои сме живееле, ама за нашиот Небесен Татко ништо не знаеме. И? Како би го имитирале некого кога не го познаваме? Што се случува тогаш? - Се случува војна во самите себе, стануваме непријатели на самите себе, бидејќи не знаеме за нашата вистинска природа, не знаеме од каде потекнуваме, не ја знаеме нашата конфигурација, и во повеќето случаеви нѝ останува само да нагодуваме, а ветровите на животот се такви, еднаш ќе дувнат во еден правец, другпат во друг и така некои од нас остануваат во виулицата на животот. Една од причините зошто е тоа така е наметнатото мислење дека Небесниот Татко е негде толку далеку, дека толку недостижен, страшен, строг, дека ја бара секој прилика да нѐ казни, па наметнатото прашање:Кој си ти па да бидеш сличен на Бога? А ете Бог со својот свет збор нѝ вели: Следете го Божјиот пример, бидејќи вие сте Негови омилени деца. ..... Омилени? Го прифаќаш фактот дека си омилен, омилена?

 

Исус Христос нѐ откупи сите за да бидеме деца на Небесниот Татко, како што пишува во Послание до Римјаните 8. глава: Не го примивте духот на ропството, за да бидете пак во страв, туку го примивте Духот на посинувањето, со кој викаме: „Ава - Татко!” така што, преку процесот на посвојување ние сме дел Божјото семејство, а со тоа ги имаме сите придобивки како член на семејството, наследуваме сѐ од нашиот родител. Небесниот Татко нѐ сака исто толку колку што го сака Исус Христос. ...Мене ми се допаѓа оваа вест, а вам?

Прашањето е: Како доаѓа до забуна т.е неправилно расудување за тоа што нѝ се случува? Сржта е во расудувањето, а најдобро може да се расудува доколку се знае вистината. Од една страна, знаеме дека светот во кој живееме не е совршен, од друга страна, некој знае некој не, дека имаме голем непријател - ѓаволот, од трета страна сме ние односно нашето сопствено познавање или непознавање. И сето тоа кога ќе се измеша тешко дека некој ќе знае од која страна доаѓа заканата односно проблемот, а со тоа и какво решение да се употреби. Комплицирано, нели? Ѓаволот ќе ја искористи секоја можност да се протне во нашиот живот, а најлесно е кога ние не ја знаеме нашата позиција, не ја познаваме нашата структура, како функционираме. Еве, да земеме пример, сме дел од некоја група на пријатели, познаници и сите ние не сме исти. Сме биле сведоци на тоа како деца, дури и како возрасни, било во семејството или на работа кога сѐ одело добро но, преку влијанието на одредена личност нештата се менуваат...нема повеќе слога, мислењата се разединуваат, се прават сплетки, дружењето е непријатно, одбивно и слично. Што мислите? Што се случи? Се случи следново: непријателот т.е ѓаволот ја искористи слабоста на таа личност и преку таа личност ги промени сите останати, кај некој се појави гнев, кај некој сомнеж, кај некој емотивна повреда и сл. ...важно резултатот е промена, но во негативна насока. Некој од групата можеби ќе остане на нозе, бидејќи ја знае вистината, но што мислите за останите? Зарем нема да се променат на негативно? Како ќе се однесуваат во иднина? ....Многу прашања, нели?

Штом не знаеме кој глас и од каде ни доаѓа тој глас односно таа мисла, дали е од нас, дали е од ѓаволот или дали е од Бога, ќе имаме тешкотии и ќе водиме војна во самите себе. Дали знаеме дека сме составени од тело, душа и дух? Кои мисли се од душата ,која е составена од умот, емоциите и волјата, а кои од духот? Во Послание до Евреите 4. глава концизно е укажано дека Божјото Слово е живо, и делотворно, и поостро од секој меч остар од двете страни, и навлегува до разделувањето на душата и духот, на зглобовите и на мозокот; и ги суди мислите и намерите на срцето. Што значи, доколку го немаме тој механизам сигурно дека ќе почнеме да се спротивставуваме на самите себе. Тогаш несомнено ќе имаме поделба во самите себе, ќе се појави страв, сомнеж, а сето тоа нѐ ограничува, при што подложни сме на измама, искушение. Неправилното расудување доведува до мислење, размислување, доживување што се погрешни и на крај имаме погрешни перцепции за нештата, а со тоа живееме во лага, за која мислиме дека е вистина.

Ако лажните перцепции, емоции, согледувања навлезат до толкава мера во нашето битие тие на крај целосно ќе нѐ променат. Врз основа ова можеме да видиме зошто некои луѓе се однесуваат во сосем спротивна насока од вистината, прават, реагират сосем погрешно...прават зло, повредуваат, навредуваат, наметнуваат погрешни обрасци на размислување, наметнуваат лага како да е вистина, црното го прават бело, а белото црно, па од тоа постојат сиви варијанти односно ја изобличуваат вистината. На ваков начин многумина престануваат да веруваат во вистината, им се намалува верата во добрината, правината, не му веруваат на Бога, не веруваат во Неговиот Збор и знаете, едното повлекува друго, па другото повлекува трето и така луѓето стануваат непријатели на себеси. Но да бидеме реални стануваат непријатели и на другите. Многумина наместо да итаат кон вистината, тие ја менуваат доктрината на верување само да го оправдаат своето однесување и размислување. Еве да речеме, еден од тие примери може да биде позната реченица дека постојат повеќе патишта кои водат до Бога, па секој го приспособува своето верување на таа мисла. А Исус Христос јасно потенцира: Јас сум патот, вистината и животот. Никој не доаѓа при Татко ми освен преку мене.



Како ќе бидеме подалеку од измамата? - Имитирајќи го Небесниот Татко! Што правеше Исус Христос? Се молеше за луѓето, правеше добро, ги лекуваше, ги избавуваше од злото, го почитуваше својот Небесен Татко и велеше дека го прави само она што ќе му рече Небесниот Татко, односно беше послушен. Исус Христос нѝ е повеќе од доволен пример кој може и треба да се следи. Кој пример го следиш ти? Која е таа позната личност која ти е пример за тоа каков сакаш да бидеш? Дали таа личност живее според вистинита или лагата? Си се запрашал, ли? Си се запрашала, ли? Штом се решиле дека ќе му веруме на одредена личност, ќе го следиме нејзиното однесување, зошто тогаш не му веруваме на Небесниот татко, на Исус Христос? Зарем Неговата вистина, Неговиот збор, Неговата мудрост е помала и незначајна од човечката? Зошто толку лесно прибегнуваме кон човечкото, а не кон Божјото? Зарем не го сакаме најдоброто за себе и за другите? Има контрадикторност во нашите мисли и ставови нели? Зошто не застанеме и не размислиме и не ја согледаме вистината? Зошто постојано да се бунтуваме против себеси и против Бога? Штетата ја трпиме ние и другите околу нас! Бог не се спротивставува самиот на себе!

Зошто би се спротивставувале на Божјата волја за нас, која вклучува љубов, совршено здравје, просперитет на секое поле, благосостојба? Зошто не би верувале во ова? Зарем ќе се препуштиме на стравот, сомнежот, тагата, болеста, сиромаштијата, негативното во сѐ? Каде е нашата вера, колкава е нашата вера во вистината?

Дали светото тројство Таткото , Синот и Духот се разделени? Не, не се! Така и ние. Не смееме нашата душа да прима информации од физичката димензија на овој свет, не можеме да толкуваме духовни нешта со физички очи, преку погрешни перцепции и обрасци на размислување. Не смееме да дозволиме нашата душа да се спротивставува на духот. Во Евангелие според Марко 11. глава пишува:

Имајте вера во Бога! Вистина ви велам, ако некој и рече на оваа планина: ‘Дигни се и фрли се во морето,’ а не се посомнева во своето срце, туку верува дека ќе биде она што го рече, тоа и ќе биде. 24Затоа ви велам: сè што ќе побарате во молитва, верувајте дека го примивте, и ќе ви биде.

Во оваа изјава нема поделба и сомнеж. Но, доколку почнеме со умот да размислуваме и да ги наоѓаме сите причини зошто нештото не би случило тогаш доаѓа сомнежот и ние веќе не веруваме и тука доаѓа спротивставувањето. Затоа не смееме да дозволиме ѓаволот да нѐ подели, да предизвика војна во самите нас.

Што се случи со Јуда, за да дојде до одлуката да го предаде Исус? Се случи нешто во Јуда што предизвика поделба во него. Таа поделба се нарекува измама. Тој имаше спротив, нејасен, збунивачки став во себе, а тоа доведе до изместување на неговата врска со Исус, а тоа ја измести неговата вера. Ќе речете: да, секому може да му се случи да погреши, секому може да му се случи тешкотија во животот, некаква траума, неправичност и тоа да доведе до неправилно размислување и однесување? Така е, навистина е така. И токму заради тоа Исус Христос дојде и ги поправи сите лоши работи што ѓаволот нѝ ги направи. Таа е вистината што треба да се прифати, дека сме нови битија, и дека треба да се раководиме според новата реалност. Исус Христос направи размена, ги понесе нашите маки, неправди, сиромаштија и сѐ останато и нѝ даде мир, здравје, благосостојба. Прашањето е дали ние веруваме во тоа? И дали ќе живееме според таа вистина? Таа е апсолутната вистина. Ако има поделба во нас, ако се спротивставуваме ако не веруваме, тогаш верувањето и неверието не можат да фукнционитаар во исто време. Секогаш ќе има конфликт во нас, секогаш ќе постои прашањето зошто? или можеби е вака...не, не е вака...можеби е поинаку...и така во круг.

Во 10. глава од Второто Послание до Коринтајаните е даден одговорот на прешањето што треба да правиме:

Не сме вооружени со човечки оружја, туку со моќните Божји оружја. Со нив ги уриваме сатанските упоришта и ги соборуваме сите зли мудрувања и се друго што ги попречува луѓето да Го запознаат Бога. Ја поразуваме секоја бунтовна човечка мисла и ја учиме да Му биде послушна на Христос.

Токму ова треба да го правиме со нашите мисли, да управуваме и сѐ што е погрешно да го оттргнеме и на негово место да ставиме Божја мисла за нашето тело, душа и дух да бидат синхронизирани според Божјата волја. Не смееме да дозволиме некаква погрешна мисла, ситуација или што било да навлезе во нас, бидејќи тоа ќе ја затруе нашата душа и нашето срце, бидејќи ако дозволиме да бидеме измамени ние наскоро ќе манифестираме измама, а не вистина. Небесниот Татко нѝ вели:

Синко, ќерко, внимавај на моите зборови и приближи го увото кон поуките мои, да не отстапуваат тие од твоите очи. Чувај ги внатре во сцрцето свое, зашто тие се живот за оние што ги наоѓаат и здравје за целото тело нивно.

Почитувани, се молам и ви посакувам да живеете според вистината и во вистината, и го врзувам секое зло што се обидува да ве попречи во тоа, во моќното име на Исус Христос.

Имајте само убавини.


 





7 views

Comments


bottom of page