Претпоставувам дека денешниот ден го започна со твој поглед во огледалото, за да погледнеш како изгледаш, а во исто време да ти пролета мислата колку си прекрасен/на, и дека со радост ќе го поминеш овој, од Бога даден, ден. Дали твоето огледало го одразува твојот вистински лик?
Многу е важно како се гледаме. Твојата претстава за тебе ќе одреди колкав потенцијал ќе искористиш. Ако се гледаш себеси со некаков недостаток, како непривлечен/а, тогаш ќе си го ограничиш животот, бидејќи сликата за тебе е изместена и погрешна. Колку од нас не сме свесни дека во нашето огледало се гледаме како личности изместени од некој аспект. Што гледаш во твоето огледало? Ако имаме изместена слика за себе тогаш тоа нѐ остава уназадени. Што ќе се случи ако го отстраниме погрешното огледало? Светото Писмо јасно укажува дека сме направени според сликата на Господ Бог. Тој те направил талентиран/а, убав/а, паметен/а, со самодоверба, целосно опремен/а со вештините за целта за која си тука, на земјата.
Но, трикот на непријателот е да ја измести таа слика, тој не сака да се гледаш
онаков/а каков што навистина си. Тој ќе ти ги претставува само погрешните слики за тебе. Само штом ќе погледнеш во неговото огледало ќе ги видиш сите твои падови, неуспеси, сѐ она што не ти се допаѓа кај тебе и тоа зголемено многукратно. Неговото огледало секогаш ќе ти зборува лаги, дека не си слободен/а, дека за тебе нема милост, дека не ти простено, дека немаш совршено здравје, дека немаш просперитет, благослов, дека не заслужуваш итн. Да, можеби си поминал/а низ тешки мигови и периоди во животот, кои придонеле да се чувствуваш поразено, но сето тоа Небесниот Татко ќе го искористи за да го претвори во добро за тебе, од пепел ќе направи чудо. Затоа, не гледај во погрешното огледало. Се додека веруваш во тие пореметени, изопачени слики, до тогаш не ќе можеш да се издигнеш. Треба го исфрлиш тоа огледало и да го ставиш правилното.
Божјиот збор е како огледало – го рефлектира она што навистина си. Треба да ја имаш само сликата што Господ Бог ти ја дава. Ти не си дефиниран врз основа на твоето минато, твоите грешки, од тоа како си израснат, од тоа како нешто не успеало туку ти си дефиниран од твојот креатор.
Во Божјиот збор ќе откриеш дека си вреден/а, ценет/а, талентиран/а, благословен/а. Штом започнеш да се гледаш онака како што те гледа Господ Бог тогаш започнува лечењето на твоите рани. Неговиот збор ќе ги поправи нештата, ќе ги излекува лузните, неправичните работи во твојот живот, работите што предизвикале да се гледаш со помала вредност.
Чувај го вистинското огледало пред себе. Гледај се во него секој ден. Ќе видиш дека ќе прераснеш во сосем поинаква, поразлична личност.
Можеби страдаш од некаква зависност. Се додека се гледаш зависен од нештото дотогаш ќе бидеш таков. Гледај се во огледалото кое те прикажува како целосен/а, слободен/а, чист/а, обновен/а. Мораш да започнеш од твојата внатрешност, па потоа да се манифестира однадвор.
Не можеш да бидеш успешен/а со негативна слика за себе. Исто како магнет- како се гледаш себеси така и ќе привлекуваш сѐ околу себе. Стравот привлекува уште поголем страв. Верата привлекува уште посилна вера и успех. Биди во согласност со Бог, со Неговите зборови, просперитет, богатство, плодна година.
Не се гледај како осамена личност, без пријатели, со самосожалување, туку како уникатна личност, со убавина, прекрасен карактер, дружењубива, што секој би сакал да се дружи и да биде со тебе. Гледај се како победник, а не како жртва. Ова ќе придонесе дури и во тешки времиња да бидеш полн/а со самодоверба со надеж, со Божја благонаклоност, сигурен/а во Божјата помош и закрила. Ти си воин/а со најсилното оружје што Бог го направил за тебе, Тој е оној што ќе те опсипа со љубов и поддршка, Тој ќе ти го покаже патот затоа што Тој е Патот, Вистината и Животот. Не те создал туку така, да те остави во пустината на животот.
Исус вели: Мојот јарем е лесен. Дојди и ќе ти дадам мир и одмор. Мир ви давам, мојот мир ви го давам. Не како што го дава светот. Посилен е оној што е во тебе отколку оној што е во светот. Во Послание до Филипјаните пишува: Сѐ можеш преку Исус Христос кој ти дава сила.
Израелците откако беа ослободени од многуте години робство направија шатор во кој ќе го слават Господ Бог. Мојсеј им нареди да ги предадат сите бронзени огледала што ги добија од Египјаните и од нив да направат сад во кој ќе се мијат пред да влезат во шаторот. Зошто го направи ова? Што сакаше Господ Бог да им укаже со ова? Тој всушност им рече: „Дајте ми ги старите огледала во кои се гледавте како намачени, жртви, уморени. Јас ќе ви дадам нови, во кои ќе ја гледате вашата вистинска вредност како сакани, вреднувани, убави, благословени, богати, со свој имот и територија.“ Ќе немаше никаква полза доколку одеа во новата земја со стариот светоглед, доколку се гледаа себеси како намачени. Господ Бог сака своите деца да ги направи среќни, да им овозможи сѐ најдобро. Затоа, гледај се во Божјото огледало, а не во огледалото на непријателот. Запознај го својот создател, дознај какви мисли и планови има Тој за тебе, колкава е Неговата љубов, втрчај се во Неговите прегратки, дозволи Му да те сака, да ти обезбеди сѐ, радувај се заедно со Него, верувај Му, прифати го Неговиот подарок за тебе, прифати го Исус Христос за твој спасител, живеј исполнет живот со радост. Не се гледај со чувство на вина, безвредност, со чувство на незаслужена љубов... верувај - Божјата милост е вечна! Нема нешто што може да те оддели од Божјата љубов. Тој ќе ја избрише секоја солза, тој ќе ја стопи секоја вина, секоја несигурност, секој сомнеж. Тој те гледа совршен/а, без грешка. Тој те нарекува праведен/а, чист/а, без вина... верувај во Неговите зборови... предај се на Неговата љубов. Дозволи Му да те обнови, да те прероди. Не го оставај ѓаволот да ти ги пласира неговите лаги и да го извитоперува твојот вистински идентитет. Дај му го старото огледало на Небесниот Татко, препушти ја целата тежина Нему, имај доверба во Него. Ти си дете на Семоќниот Бог. Не можеш да го чуваш твоето старо огледало и да го имаш новото Божјо огледало во исто време. Мораш минатото да го отпуштиш, ослободи се од прангите на погрешното мислење. Неуспехот е случка, тоа не си ти. Разочарувањето е период, тоа не си ти. Не се дефинирај според негативното. Остави го Небесниот Татко да ти го покаже твоето вистинско лице. Верувај му!
Направи го тој чекор уште денес!