top of page

Исклучи ги негативните гласови во твојата глава


„Ова е крајот! Ти ќе изгубиш сѐ! Нема да излезеш од овој хаос. Не си доволно паметен/на. Чекаше премногу. Требаше ова да го започнеш порано.“ ...Ова се само дел од гласовите во нашата глава со кои живееме. Секоја ноќ пред спиење некој глас нѝ ги повторува истите, па истите реченици, а по можност со зголемен интензитет. Ваквите гласови се гласови кои те стопираат во живеењето на спокоен, исполнет, среќен живот. Ваквите гласови ги спречуваат да ги живееме оние убави и среќни денови, периоди од нашиот живот со мислите: „До кога ќе трае оваа убавина? Сигурно за брзо ќе заврши? А кога ќе биде тоа?“ И ...ете за момент веќе не сме спокојни и исполнети со радост и задоволство. Размислуваме за притисокот, стресот што беше потребен да се стигне до таа радост, тој успех и за сега да расте сомнежот и стравот до кога ќе трае радоста. Нѐ обзема страв од помислата дека тој глас нѐ убедил дека таа радост, тој успех не е заслужен, дека нѐ е за нас и одеднаш веќе таа радост преминува во страв, успехот веќе не го гледаме како успех туку го анализираме како нешто туѓо, се запрашуваме дали сме благословени или дека така тоа се случи по некоја случајност.

Нам нѐ ни е потребна вера само во лошите времиња, туку и во добрите. Негативните гласови имаат капацитет и најубавото да го претворат во хорор. Треба да веруваме дека Божјата добрина нема да исчезне, да не е ограничена. Ние треба да ги замолкнеме гласовите кои ни внесуваат страв, сомнеж, грижа, неспокој. Помислата дека нешто лошо може да се случи или дека повторно ќе ни се случи е ужасувачка. Непријателот секогаш има алатка, начин, спомени што ќе ги искористи за да нѐ ужасне, дури иако добрите времиња и среќата се тука, дека благословот, здравјето се тука. Но, секогаш се појавуваат тие негативни гласови на отпор, неприфаќање на убавото, радосното, постојаното мрморење на наоѓање пречки, грешки, несовршености, маани, спротивставување на спокојот и мирот, со зборовите: „Не се опуштај, ова нема да трае, ти не си вреден, не го заслужуваш ова.“

Одморањето во она што Бог го направил понекогаш е потешко од примањето на она што Бог го направил за нас. Предизвик е да се верува дека радоста ќе трае, дека мирот ќе трае, дека здравјето ќе трае, дека успехот и просперитетот ќе трае. Предизвик е да се биде спокоен и мирен без притоа потајно да се поставува прашањето што ако? А сѐ е до гласовите. Ако ги слушаш тоа ќе биде храната твоја. Нели верата доаѓа од слушањето, а слушањето од Божјиот збор?!



Така што, ако сакаш да го промениш резултатот треба да ги промениш и мислите за тебе, за твојот просперитет и благослов. Кои гласови ќе ги слушаш? Внимавај на говорот за себе. Примерот во Светото писмо со жената која имала здравствен проблем скоро цел живот е совршен пример. Имено, приказната гласи вака:

И една жена, која страдаше дванаесет години од крвавење, и сиот свој имот го беше потрошила по лекари, а ниеден не можел да ја излекува, пристапувајќи одзади, се допре до крајот на Неговата облека и наеднаш ѝ престана крвавењето. И рече Исус: „Кој се допре до Мене?“ А бидејќи сите порекнуваа, Му рече Петар и оние што беа со Него „Учителе, народот Те опколил и Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“ Но Исус рече: „Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене.“ Жената, штом виде дека не може да се сокрие, со треперење пристапи, па како падна пред Него, Му кажа пред сиот народ зошто се допрела и дека веднаш оздравела. А Тој ѝ рече: „Не бој се, ќерко, верата твоја те спаси; оди си во мир!“ 

Значи, жената сама на себе си зборуваше: Само да го допрам и ќе се излекувам. Таа веруваше во тоа чудо и се држеше до тоа цврсто убедена. Што треба да направиме и ние? Цврсто да се држиме до Божјата добрина, до нашиот благослов, успех, радост, спокој, да се држиме до Божјите ветувања за нас. За тоа треба да ствава збор над зборот. Јас сум благословен, благословена, јас сум здрав, мојот ум е благословен, делата на моите раце се благословени, моето семејство е благословено, моите деца се благословени итн. Само ваквите зборови, само ваквите гласови можат да им се спротивстават на негативните гласови и да ги однесат во бездната на непријателот.

Нам ни припаѓа светлината, а на ѓаволот темнината. Не ја задржувај лагата како вистина дека Бог те казнува, прифати ја Божјата љубов, Божјите ветрувања, Божјите благослови. Затвори ја вратата на ѓаволот. Не создавај притисок онаму каде што го нема преку прифаќање на лагите на непријателот. Исклучи ги негативните гласови во твојата глава! Држи се до божјиот збор кој гласи: Јас дојдов за да имаш живот вечен и да го имаш во изобилие, вели Господ Исус. И што и да посакаш од Отецот во Мое име, ќе го направам, за да се прослави Отецот во синот. Ако посакаш нешто во Мое име, Јас ќе го направам, вели Господ Исус.

1 view

Comentarios


bottom of page