top of page

Патот до обновен ум (18)

  • Feb 19
  • 6 min read

Трансформацијата е процес кој со себе носи низа од промени. Трансформацијата ни ја открива лагата во која сме живееле, маските што сме ги носеле, лажниот идентитет што сме го присвоиле, за вистината со која сме биле премногу исплашени за да се соочиме. Соочувањето со сето ова не е лесно, не е нежно. Станува збор за кршење на лажното Јас, за откривање и соочување со удобните лаги кои сме си ги повторувале и убедувале дека се вистина. Станува збор за крај на старата верзија од нас која не можеше и не сакаше да ја прифати реалноста. Она што е најважно е соочување со фактот како ќе го доживееме сето она што поминало - како нешто што сме го иззгубиле или како нешто врз што ќе градиме нешто ново и поцврсто односно како подлога за трансформација.

Трансформацијата нѐ втурнува во оган. Животот не е веќе ист. Чувствуваме лава во нашата внатрешност. Нешто што не можеме и не смееме да го игнорираме. Колку и да се трудиме лавата да ја потиснеме, таа еруптира.

 

Во Божјиот Збор има прекрасни содржини кои укажуваат на она што поминуваме, за нашата трансформација. Имено пишува вака:

Затоа: ниту оној кој сади, е нешто; ниту оној кој навадува, туку Бог, Кој прави да расте. А оној, кој сади и оној, кој вади - едно се, но секој ќе ја прими својата награда според својот труд. Ние сме соработници на Бога, а вие сте Божја нива, Божја зграда. Според Божјата благодат, која ми е дадена, јас, како мудар градител, ја поставив основата, а друг гради. Но секој да внимава како надградува. Зашто, никој не може да постави друга основа, освен онаа што е поставена, која е Исус Христос. И ако некој врз оваа основа ѕида злато, сребро, скапоцени камења, дрво, сено, слама, сечие дело ќе излезе на видело; Денот ќе го покаже, зашто ќе се открие во оган; а огнот ќе покаже какво е чие дело. Оној, кому ќе му остане тоа што го градел, ќе прими награда; а оној чие дело ќе изгори, тој ќе претрпи загуба, но самиот ќе се спаси, но така, како низ оган.

 

Имаме избор: да го градиме наново истиот идентитет или да оставиме светиот оган да го изгори сето она што е погрешно, она што не е наше и да дозволиме да ја изградиме нашата автентичност. Имаме избор да дозволиме огнот на промената да ги изгори старите мисли, старите обрасци на размислување, старите навики, старата слика за себе.

Во Јован 15 глава Христос говори:

Јас сум вистинската лоза, Мојот Отец е лозарот. Секоја прачка во Мене, што не дава плод, Тој ќе ја исече; и секоја, што дава плод, ќе ја очисти, за да принесе повеќе плод. Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал. Бидете во Мене, и Јас ќе бидам во вас. Како што прачката не може да роди плод сама од себе, ако не е на лозата, така и вие, ако не бидете во Мене. Јас сум лозата, а вие прачките; и кој е во Мене, и Јас во него, тој ќе даде многу плод; зашто без Мене не можете да направите ништо. Ако некој не остане во Мене, ќе биде исфрлен надвор, како прачка, и ќе се исуши; а таквите ќе ги соберат, и во оган ќе ги фрлат, и ќе изгорат. Ако останете во Мене, и зборовите Мои во вас, тогаш, што и да посакате, барајте и ќе ви биде. Со тоа ќе се прослави Мојот Отец: да носите многу плод и да бидете Мои ученици. Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов! 10Ако ги запазите Моите заповеди, ќе останете во љубовта Моја, како што Јас ги запазив заповедите на Мојот Отец и останувам во љубовта Негова. Ова ви го реков за да остане радоста Моја во вас и радоста ваша да биде полна. Ова е Моја заповед: да се љубите еден со друг, како што ве возљубив Јас. 

 

Ова наше предавање, препуштање не е откажување од аспект дека сме губитници. Ова е најхраброто нешто можеме да го направиме. Зошто? Затоа што ќе се соочиме со фактот дека повеќе не знаеме кои сме, а тоа , во тој момент, за нас е поразувачко.

 

Штом ќе ја промениме перцепцијата дека нашиот т.н. пораз е всушност пробив маскиран во катастрофа сѐ се менува. Старото мора да го снема за да се роди новото, како што укажува Божјиот Збор старото помина сега се е ново.

Ако не го прифатиме новото остануваме заглавени преку обвинување на другите, играње на улогата на жртва, одвлекување на вниманието кон друго, не се менуваме, не ја откриваме нашата вистинска слика, не го откриваме она што лежи под лагата и темнината.

Обидот да се одржи стариот идентитет кој не ни е веќе во служба, поттиснувањето на вистината која упорно притиска да излезе на виделина, значи туркање на можноста наново да се родиме. Истото ни го кажува и Христос со следново:

„Вистина, вистина, ти велам: ако некој не се роди од вода и Дух, тој не може да влезе во Божјото Царство. Роденото од тело, тело е; а роденото од Дух, дух е.  Ветерот дува каде што сака, и го слушаш неговиот шум, а не знаеш од каде доаѓа и каде оди. Така е со секој, кој е роден од Дух.“ 

Целосната трансформација претставува преминување во личност која има цврстина, стабилност, сигурност во сопствениот идентитет. Целта не е да се биде перфекционист, совршен, да се биде подобар од другите, туку да се биде цел и исполнет, значи да се согледаме целосно - со сите предности и недостатоци, да бидеме подготвени да се преобликуваме, трансформираме преку обновувањето на нашиот ум. Кога го правиме ова прекинуваме да живееме поделен живот. Оваа целовитост не само што е неопходна за нас, туку и за светот во кој живееме. На тој начин носиме нова свесност во светот. Стануваме доказ дека најтемните мигови во животот можат да се преобликуваат во светлина.

Огнот во кој се наоѓаме не нѐ уништува туку нѐ прочистува. Во Псалм 11 пишува: Зборовите Господови се зборови чисти, сребро преку оган очистено од земја, седумпати прочистено.

Борбите што сме ги поминале и потешкотиите не се без корист, не се изгубено време, изгубена енергија. Иако е тешко да се прифати фактот ама некои од нив ни беа неопходни за да дојдеме до моментот кога ќе се освестиме до каде сме, на каде одиме, што правиме.

Не станува збор само за преживувањето од темнината туку станува збор и за нашата целосна трансформација. Не можеме тоа да го сториме само доколку заборавиме на сѐ и продолжиме. Кога и да е, необновениот ум ќе ги произведе истите резултати од минатото. Решението е соочување и редизајнирање на нашето размислување, редизајнирање на нашите мисли. Ако не излеземе од темнината и не се родиме наново остануваме во хаос. Златото останува скриено во пепелта.

Прашањето е како ги трансформираме најтешките мигови и ситуации во светлина.

Прво, мора да се соочиме со нашата темнина претворена во незадоволство, гнев, болка, себичност, потиснати чувства, чувство на безвредност, љубомора, завист итн. Несоочувањето со овие особини доведува до нивно избивање кога најмалку очекуваме. Не станува збор за самообвинување туку прифаќање. Во моментот кога сме свесни за она што ни се случува имаме капацитет да го менуваме. Во спротивно ќе стои и ќе се крие во темнината, несвесни за неговото постоење.

Сета енергија што ја трошиме за потиснување можеме да ја искористиме за личен развој и она што било слабост станува наша сила.

Новата реалност претставува живеење на животот што не сме го живееле, да се каже НЕ на човечки односи кои барале да бидеме нешто што не сме, ситуации кои поттикнувале можност да се омаловажуваме и да бидеме помалку наместо целосни. Тоа вклучува и говорење на вистината која порано сме ја преќутиле, бегање и одбивање од ситуации кои барале од нас да бидеме предавници на самите себе. Ова не е себичност. Ова е неопходност.

 

Нашата трансформација ќе влијае и на трансформацијата на другите. Златото што е создадено во нас, не е само за нас, туку и за другите. Ова е одговорност - да се употреби она што сме го научиле. Ние сме решение за нечиј проблем.

Небесниот Татко нѐ создаде според Неговата слика. Така што нема потреба да останеме во истата состојба во која не сме исполнети и среќни. Има простор и можност за промена, за подобрување. Зошто да бидеме проголтани од старите обрасци на размислување, старите спомени, истите случки, истото опкружување кога имаме можност да се трансформираме преку Божјиот Збор? Така и гласи нели:

Не се огледувајте со овој свет туку трансформирајте се преку обновувањето на вашиот ум за да знаете која е добрата, угодна и совршена Божја волја.

Време е да се гледаме како што Тој не гледа, да мислиме, да живееме според Неговиот образец.

Размислите за следново прашање: Според чиј образец живееш во моментов?



 
 

Бидете во тек

со сите новости

Ви благодариме!

КОНТАКТИРАЈТЕ СО НАС

  • Facebook
  • LinkedIn
  • Youtube
  • Instagram
  • Spotify

За сите Ваши прашања

пополнете ја контакт формата

Ви благодариме за пораката!

© 2024 by Eliezer. Powered and secured by Wix

bottom of page