top of page

Патот до обновен ум (16)

  • Writer: Elena Gj.Kostadinovikj
    Elena Gj.Kostadinovikj
  • Sep 4
  • 6 min read

Светот околу сака да нѐ оформи во нешто што ја изместува нашата вистинска слика, нашата вистинска вредност. Навидум изгледа дека ни се нудат начини и содржини за подобрување на животот, нашата самореализација, трансформација но, не на вистинскиот начин, користејќи медоти кои не се божји туку демонски. Знам дека зборот демонски ви звучи суров и некако апстрактен и спиритуален, но вистината не смее да се негира и игнорира.  И стихот кој гласи: Не се сообразувај, односно не дозволувај да бидеш формиран, обликуван според обрасците на светот, туку трансформирај се преку обновувањето на твојот ум, укажува токму на ова. Не смееме да ги рашириме рацете на се што изгледа правично и логично, туку преку Божјата вистина да испитаме која е добрата, совршена и угодна Божја волја. Сме забележале дека не секогаш се реализира и манифестира Божјата волја за нас, на овој свет, нели? Не треба човек да мисли на ова за да одговори потврдно. Постојат зли сили кои работат против нас. Не го констатираме ова за да живееме во страв, туку напротив, да не нѐ чуди зошто нештата не се онака како што треба да бидат. Има ли излез и решение за ова? Да има! - доколку постапуваме и живееме според она што Светиот Дух ни го говори.

 

ree

Да се биде трансформиран значи да се биде оформен на начин што ќе ни биде подобро, на начин што ќе ја истакне нашата Божја слика. Божјиот збор ни овозможува да бидеме оформени на начин на кој ќе ги знаеме границите и рамката на Божјата волја. Ако не зачекориме во процесот на трансформација, како би ја дознале, како би ја расудиле и тестирале Божјата волја? А ако не би разбрале, ако не би имале мудрост да го примениме знаењето, како би се промениле? Мудроста е разбирање. Во Послание до Колосјаните 3:2 стои: Размислувајте за она што е на небото, а не за она што е Земјата, односно умот да ви биде фокусиран на небесното. Значи, повторно доаѓаме до истиот заклучок - да не се обликуваме според погрешните работи во светот, туку да се трансформираме преку вистионскиот образец.

Дали би можел нашиот дух да биде врзан за нашиот погрешен систем на верување? Божјиот дух се поврзува само со божјото. Затоа потребно е да го обновиме умот, умот да го поврземе на линијата на небесното, а не на земното.

Кога го оформуваме нашиот умот според рамката на небесното односно според Божјиот стандард тогаш започнува и обновата. Зошто е тоа така? Затоа што го имаме стандардот, знаеме според кој стандард, според кои параметри треба да го подесуваме нашето размислување и однесување. Дури тогаш започнува расчленувањето и распознавањето на оние делови во умот кои се разделени, распарчени од вистинските параметри. Тоа е слично како да имаме повеќе личности во нас, како повеќе варијанти од реалноста. Тоа е можеби од доживеани трауми, случки, животни настани кои придонеле за умот да биде расцепкан, распарчен. Тие настани придонеле кај нас да не можеме да ги обработиме и не знаеме како да се соочиме. Тие настани нѐ промениле и тоа ни влијае во сегашноста. Секој таков или сличен настан ни создава различна реалност. Ние продолжуваме да живееме, но тоа стои во нас, во нашиот ум. Мислиме дека поминало време и дека се избришало, но не е така. Одредени моменти се стимул за проживување на истата таа траума или настан. Тој момент злото го користи за да нѐ трауматизира уште повеќе. Првиот чекор кон отстранување на овие реакции е осознавањето дека тој момент го поттикнал ѓаволот и го користи во сегашноста и иднината за постојано да нѐ малтретира. Што значи, треба да се фокусираме на вистината, за да може вистината да го открие она што е погрешно во нашиот ум. Кој би сакал да го проживува моментот на тешкотија и траума? Никој! Но мораме да се соочиме со истата, да ја надминеме, за да нема повеќе влијание врз нас.

Во Филипјаните 4:8 пишува:

Впрочем, браќа, сѐ што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е на добар глас - ако е некаква добродетел, ако е некаква пофалба - мислете на тоа!

 Во овој стих се укажува на ова што го образложуваме. Се порамнуваме, се поистоветуваме со вистината, со Божјиот стандард, а не со реалноста која не постои. Која е нашата рамка според која живееме? Божјата или рамката од светот? Што правиме кога споредуваме вистинито со лажно? Ако знаеме што е вистинито, лажното се препознава, нели? Но ако не го знаеме вистинитото, како би го распознале лажното? Лекувањето започнува која ја знаеме вистината и откровението за таа вистина ќе нѐ ослободи, како што укажува во Јован 8:32:

Тогаш ќе ја запознаете вистината и вистината ќе ве ослободи.

Ако немаме откровение за добрината на Небесниот Татко, тогаш го немаме ни стандардот според кој треба да се менуваме.

Штом ќе го видиме, штом ќе го откриеме најдоброто ќе го сакаме најдоброто, нели? Штом ќе дознаеме за Исус Христос - светлината на светот, кралот над кралевите, господар над господарите, зошто би сакале нешто подолу? Да, има борба за да се добие најдоброто, но тоа е дел од патот тука, на Земјата. Со фактот што ќе ја дознаеме вистината, разделените делови од умот ќе бидат видливи, а штом се видливи ќе знаеме на што треба да работиме. Кога ќе дознаеме дека Небесниот Татко не е оној кој не ни ги направил тие нешта, тогаш започнува лекувањето, прифаќањето на Неговата љубов и помош. Во Прво послание на Петар 4:7 стои: Бидете трезвени и ревносно молете се. Што значи да се биде трезвен? Значи да се биде умерен, реален, присебен, разумен, да не се биде контролиран од своите емоции, мисли, погрешни влијанија, зли сили итн.

Тајната се состои во следново: Да се земе вистината и да му дозволиме на Небесниот Татко да ја манифестира во нашиот живот и во животот на другите околу нас!

Ако ние се трансформираме, тогаш трансформацијата ќе се манифестира и кај другите.

На пример, ако сме поспани, уморни или сме конзумирале алкохол повеќе од дозволената количина, се чувствуваме дезориентирани, не можеме да се фокусираме. Истото се случува кога живееме во лага, кога умот ни е расцепкан, разделен. Ја гледаме погрешната реалност, а не вистината. Затоа и пишува да се биде трезвен, да се биде под контрола.

Кој светоглед нѐ контролира во момнетов? Каков резултат имаме од нашиот светоглед? Што причинило, кој предизвикал да имаме таков светоглед? Што се случило? Како сме стигнале до ова што сме денес, до ова што ни се случува?

Еве, за полесно, да го направиме тоа, во дневник или тетратка, записник, да почнеме да го запишуваме сето она што ни доаѓа како одговор на овие прашања. Да му ставиме наслов. Да го насловиме со нашето име. На пр. Проект Елена. Вие ставете го вашето име. Таа тетратка нека биде наменета само за тоа. Да го напишеме сето што ни доаѓа на ум. Да ги етикетираме мислите што ни доаѓаат, да ги класифицираме. Од каде потекнува таа мисла, од кога, од некоја случка, од погрешни информации, од погрешни уверувања, од непроверени информации и прифатени како вистинити итн. Да ги потенцираме со маркер во друга боја. Верувајте, ќе се изненадите што ќе дознаете. Пред да започнеме, прво да се помолиме и да побараме помош и водство од Светиот Дух да ни ги открие работите за кои не сме свесни.

На пример, од каде и кога и преку кого сме ја слушнале мислата дека не можеме да направиме нешто? Кога Божјиот Збор гласи: Сѐ можам преку Исус Христос кој ми дава сила. Овој стих е вистината, а другото е извртената реалност според која досега сме живееле. Значи, штом го знаеме стандардот односно во случајов, овој стих, тогаш вистината нѐ ослободува и нашиот ум во таа област повеќе не е разделен туку обновен. Истото ова се однесува за секоја област од нашиот живот.

Второ послание до Коринтјаните: 

Оружјето на нашето војување не е телесно, туку е силно во Бога за разурнување на тврдини, па ги рушиме мудрувањата; и секое превознесување што се крева против познавањето на Бога; и ја поробуваме секоја мисла за послушност на Христос. 

Кое е тоа превознесување што се крева над вистината кај нас? Која тврдина треба да ја разурнеме? Штом ја разурнеме таа тврдина тогаш  ќе бидеме слободни. Во Послание до Филипјаните 2 глава пишува: Вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Христос. Или според друг превод: Размислувајте како што размислува Христос.

 

Штом нашите темели се изградени врз вистина, тогаш имаме мир и спокој, а со тоа радост. Во Исаија 26 глава укажува на тоа:

Небесниот Татко го чува во совршен мир оној чиј ум е фиксиран на Него.

Врз основа на ова заклучуваме дека умот треба да се усогласи со духот, за да го имаме Божјиот мир, а Божјиот мир можеме да го имаме доколку имаме доверба во Небесниот Татко.

Да се потсетиме на стихот од Исус Навин:

Да не се одделува од устата твоја оваа книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сѐ она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во твоите патишта и умно ќе постапуваш.

 

 

 
 

Бидете во тек

со сите новости

Ви благодариме!

КОНТАКТИРАЈТЕ СО НАС

  • Facebook
  • LinkedIn
  • Youtube
  • Instagram
  • Spotify

За сите Ваши прашања

пополнете ја контакт формата

Ви благодариме за пораката!

© 2024 by Eliezer. Powered and secured by Wix

bottom of page