Без оглед на тоа колку добри личности сме или колку вера имаме, никогаш не постигнуваме состоја во која негативните мисли, обесхрабрувачките мисли не доаѓаат односно не се појавуваат во нашиот ум, како на пример: Твојата идеја никогаш нема да се оствари. Никогаш нема да се здобиеш со посакуваното образование. Никогаш нема да ја запознаеш вистинската личност. Ќе се случеше нешто досега.
Или надоаѓаат мисли на загриженост: Медицинсиот извештај не покажува добри резултати. Твоето дете не е на вистинскиот пат. Бизнисот не функционира. Што ќе правиш?
Звучи познато?
Главните алатки на ѓаволот се лагите и измамата. Нашиот ум е центарот на неговата мета. Ако тој може да го контролира нашето мислење, тогаш ќе го контролира нашиот живот. Не можеме да го стопираме доаѓањето на негативните мисли, но она што нас нѐ интересира е да го научиме следново: само затоа што мислата доаѓа, не значи дека треба да размислуваме за неа. Ние го контролираме влезот на нашиот ум. Ние сме одговорни за тоа што примаме во нашиот ум. Не по случајност Божјиот Збор говори дека треба да го штитиме нашиот ум, да го обновуваме.
Да бидеме селективни во тоа што пуштаме во нашиот ум. Ако мислата е негативна, обесхрабрувачка, тажна, мисла која носи грижа, страв, да си направиме услуга - да не ја пуштаме внатре! Не е толку комплицирано! Едноставно да не ѝ дозволиме на таа мисла да влезе во нашиот ум, да не размислуваме на неа, да не ѝ обрнуваме внимание и да не ѝ даваме време и простор во нашиот живот. Но често, кога доаѓаат тие негативни мисли, ние без размислување им даваме пристап, и за кратко стануваме загрижени, разочарани, без енергија и мотивација.
Затоа, да ставиме акцент, да бидеме свесни за тоа за што размислуваме, кои мисли ги обработуваме во нашиот ум. Кога обесхрабрувачка мисла ќе дојде, како на пример: Ништо добро нема во твојата иднина. Зошто воопшто се надеваш? Повторно ќе се разочараш.
Пред да започнеме да размислуваме за овие мисли, пред да им дозволиме да зафатат корен, да се запрашаме од каде доаѓа оваа мисла.
Доколку не е позитивна, охрабрувачка, надежна мисла, мисла полна со вера и сила, тогаш таа мисла не е од Небесниот Татко. Таа мисла е од ѓаволот кој прави сѐ за да насади негативни семиња, исполнети со страв и инфериорност. Во Исаија 26 глава Небесниот Татко говори:
Ти го чуваш во совршен мир оној чиј ум е насочен он тебе.
На што е сконцентриран нашиот ум? На што мислиме во текот на денот? Дали на дневните вести? Дали на содржините на социјалните мрежи? Дали на озборувањата? Дали на страшни спомени?
Да, дел од тие мисли се факти. Не пишувам за негирање на фактите, туку пишувам за моментот на селектирање на мислите на кои ќе размислуваме. Вистинскиот пристап е следниов: да, постои несигурност; не знам како ќе резултира, но знам дека Небесниот Татко ме обезбедува со сѐ што ми треба, дека Тој ми е заштита, дека ја имам Неговата љубов. Наместо да го преокупираме умот со проблемот, грижата, стравот, да се преокупираме со ветувањата што ни ги дал Небесниот Татко.
Еве еден едноставен принцип: штом негативна мисла наиде, да ја избришеме и замениме. Не е доволно само да не мислиме негативно. Не е доволна одлуката дека ќе речеме дека нема да престојуваме и да размислуваме околу таа негативна мисла. Проблемот е што таа мисла повторно ќе се појави, ќе се повтори за неколу секунди. Така што, штом ја избришеме негативната мисла потребно е да ја замениме со позитивна, Божја мисла. Да не го оставаме умот празен.
На пример, ако ни дојде следнава мисла: Нема ништо добро во твојата иднина. Прво, да ја избришеме таа мисла. А како второ да ја замениме со следнава: Небесен Татко, Ти ми вети дека патот на праведните, мојот пат е се посветол и посветол. Ти рече дека новите денови ќе ми бидат подобри од деновите во минатото.
Или ако наиде следнава мисла: Овој проблем е преголем. Опозицијата е посилна. Никогаш нема ова да го надминеш. Имаме две опции: едната е да живееме разочарани, поразени, заплашени, или можеме да ја замениме со она што Небесниот Татко го говори: Татко, Ти рече кога непријателот доаѓа против мене од една страна, Ти ќе го уништиш и ќе го натераш да избега по седум различни патишта. Да, можеби ова за мене е премногу и преголемо, но знам дека за Тебе не е.
Или ако наиде лажлива мисла: Тебе никогаш нема да ти биде добро. Никогаш нема да бидеш она за што си креиран да бидеш. Ти никогаш нема да излезеш од долг.
Да не дозволиме овие мисли да се повторуваат и да играат во нашиот ум. Ако го правиме тоа, тогаш се погубуваме себеси. Тоа нѐ оттгнува од барањето на Божјата благонаклоност. Да ја избришеме и да ја земениме со следнава: Небесен Татко, ти благодарам дека она што си го започнал во мојот живот, ќе го завршиш. Она со што се соочувам не е трајно, туку краткотрајно. Пробивот доаѓа во мојот живот, лекувањето е дел од мојата порција. Слободата доаѓа. Победата за мене доаѓа.
Треба да го насочиме нашиот ум во вистинската насока, и на тој начин нашиот живот ќе се движи во вистинската насока. Ние го привлекуваме она на што постојано мислиме, на она на што постојано престојуваме. Ако мислиме поразителни мисли за себе, за нашата ситуација, за нашата иднина, тогаш го привлекуваме поразот, а тоа не прави слаби, не ги забележуваме нашите силни страни, нашата вера ослабува. Зошто да не започнеме со бришење на негативното и замена со Божјо? Колку повеќе ќе ја видиме Божјата мислост и благонаклоност доколку мислиме според Божјиот светоглед, доколку сме селективни на она што го мислиме?
Во Книга Исус Навин 1:8 стои:
Да не се одделува од устата твоја ова книга на законот; туку поучувај се од неа дење и ноќе, за да разбереш како ќе го извршуваш сè она, што е напишано во неа; зашто тогаш ти ќе имаш успех во патиштата твои и умно ќе постапуваш.
Медитирањето на Божјиот Збор значи постојано да се мисли на истиот. Грижата е медитирање на негативното. Проблемот е тоа што медитираме на погрешните работи. Му дозволуваме на негативното постојано да се одигрува во нашиот ум. Зошто да не го промениме, да го свртиме обратно, да ги замениме мислите? Не ни треба повеќе енергија за да веруваме во позитивното отколку да веруваме во негативното или да се грижиме!
Наместо да го живееме денот во грижа, да кажеме: Небесен Татко, ти благодарам што ме чуваш во твојата прегратка и ми обезбедуваш се што ми е потребно. На овој начин не му дозволуваме на мислите да нѐ исцрпуваат туку ние сме во контола на нашите мисли и се исполнуваме со благодарност, Божји мир и светлина. Свесно ги користиме мислите за да се охрабриме, да се мотивираме, да ја градиме нашата вера.
Грижата не ги намалува проблемите, токму напротив ги зголемува. Причината зошто немаме мир е тоа што нашиот ум е закотвен на проблемот, на тоа што не функционира. Затоа Небесниот Татко ни укажува дека ако останеме фокусирани на Него, на Неговата апсолутна вистина тогаш Тој ќе ни даде мир во сред тешкотијата. Зошто да ја вложуваме сета енергија на она што би можело негативно да се случи кога можеме таа енергија да ја вложиме во медитирање на она што Бог ни го ветил? За секога област од нашиот живот Небесниот Татко ни даде изјави, зборови, ветувања на кои треба да медитираме, да размислуваме, да ги декларираме, да се молиме.
За сѐ е потребен тренинг, па и за примена на овој принцип кој се состои од избриши и замени. Апостол Павле до Филипјаните говори:
Браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!
Борбата е во нашиот ум. Да бидеме селективни на она што влегува во нашиот ум. Умот е нашата куќа. Зарем ќе дозволиме во нашата куќа да влезе крадец, убиец, некој што ни мисли зло? Секој ќе рече, секако дека не. Но, сепак за мислите не гледаме така. Ако гледаме на нашите мисли сериозно тогаш ќе се заземеме и ќе внимаваме на нашата благосостојба.
Кога стравот чука на вратата на умот, да ѝ дозволиме на верата да одговори. Или следниот пат кога сомнежот ќе се појави, да возвратиме: Не, не за тебе сомнежу, нема место. Тропна на погрешната врата, на погрешната адреса. Кога несигурноста сака да се протне, да ѝ речеме: Тргни се од мојот имот. ти не си добредојдена овде. Јас знам која сум. Јас сум ќерка на Севишниот, јас сум Негово уникатно дело, една и единствена, јас сум направена според неговата слика, крунисана сум со неговата благонаклоност, облечена сум во наметка на праведноста, јас сум прекрасно направена.
Да ја затвориме вратата на негативното, на сите ограничувачки и поразителни мисли. Некогаш поминало толку време верувајќи во истите, што станале дел од нас. Не сме знаеле за подобро. Така сме биде пораснати, воспитани, можеби животот нѐ принудил да мислиме така, ѓаволот толку многу ја извртил нашата приказна што сме останале збунети и разочарани со чувство на изгубоност. И така, тие мисли зазеле голем дел од нашата куќа, се сместиле, а ние несвесни дека некој ни провалил во куќата и ни го запоседнува имотот.
Еве, да замислиме дека секоја негативност зазела посебна просторија - стравот живее во една, сомнежот во друга, тагата во трета и така редум. Колку повеќе простории зафаќаат толу помалку простории остануваат за радоста, мирот, љубовта, и сѐ што е убаво.
Затоа време е генерално чистење, нели! Добрата вест е што ние ја имаме контролата, никој друг! Ние сме менаџери на сопствената куќа, на сопствениот имот. Нема потреба да чекаме од некој друг. Небесниот Татко ни има дадено сѐ за да имаме живот во светост и изобилие. Нашата иднина е во рацете на нашиот Небесен Татко. Не туку така ни вели: Кога вашите татковци не ви даваат змии и камења ако побарате леб, колку Јас, Вашиот Небесен Татко ќе ви дадам вам кои Ме барате?!
На овој начин не само што го заменуваме негативното мислење со позитивно туку и ја ставаме нашата вера во акција, а на тој начин му дозволуваме на Небесниот Татко да направи за нас невозможни работи, да имаме мир во бурни мигови, да имаме изобилие во немаштија околу нас, воздигнување во момент на слабост.
Токму во миговите кога сме најслаби, најранливи, кога се случува нешто тешко и негативно во нашиот живот, токму тогаш сме ставени во искушение да веруваме во лагите на ѓаволот. Тогаш најмногу треба да ги одбиваме тие мисли и да ги декларираме Божјите ветувања. Целата енергија ни е потребна за да ја надминеме таа ситуација, а не таа енергија да ја користиме за да бидеме партнер со ѓаволот и да го анимираме во неговата игра. Божјиот Збор гласи: Не му давај место на ѓаволот и тој ќе побегне. Тоа значи не му оставај простор во твојата умствена куќа.
Ако оставиме умот празен, тој по природа ќе гравитира кон негативното. Ќе запрашате зошто е тоа така? Затоа што живееме во паднат и скршен свет во кој силите на темнината имаат големо влијание и моќ. Затоа е потребно ние свесно да го управуваме нашиот живот, нашиот ум односно да го обновуваме, како што гласи Божјиот Збор:
Не се огледувај на овој свет; туку трансформирај се преку обновување на твојот ум за да знаеш која е добрата, угодна и добра Божја волја.
Да се дисциплинираме при анализа на мислите кои ни доаѓаат во умот... и тоа се учи. Да не им даваме пристап размислувајќи на нив.
Промената доаѓа од нашиот ум, од нашите мисли. промената зависи од нас. Зошто да не ја обликуваме нашата иднина според Божјиот план? Тоа што било, било. Она што може да се промени, да го промениме. А од денес да воспоставиме нови правила во нашиот умствен куќен ред. Денес да ги скинеме сите синџири на ропство. Да ја прифатиме новата Божја реалност за нас. Да го практикуваме принципот избриши и замени со ново, со подобро, со Божјо. Ако не го сетираме умот, ѓаволот ќе го тоа прави место нас. Во Псалмите пишува: Божјата мислост се обновува секое утро. Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова!