Да не го трошиме животот залудно, и да не го трошиме нашето време залудно. Еден од начините како можеме да си го трошиме времето залудно е правење работи што не му се важни на Небесниот Татко, само за да се остави впечаток кај луѓето. Нашите мотиви не се она што го правиме туку зошто го правиме она што го правиме, а тоа е всушност делот за кој Бог се интересира.
Некој од нас , како дете, составувал мозаик, сложувалка, а можеби и како возрасен. Ќе го земам мозаикот како пример. Кога имаме визија да направиме нешто, било тоа да е бизнис, или некоја задача, учење, унапредување и.т.н., сето тоа е врз сликата односно имагинацијата, претставата што ја имаме за тоа. Исто е како кога купуваме мозаик, никој не ги гледа поодделните делови туку ја гледаме целосната слика на кутијата. Доколк сме истрајни и се обидуваме да направиме различни комбинации од делчињата за да видиме кое каде одговара за да стои, конечно ќе го составиме мозаикот. Голема е веројатноста дека откако сме го составиме тој мозаик ќе сакаме да се предизвикаме со нова цел, нов мозаик. Небесниот Татко така нѐ направи, за да имаме мотив и желба да достигнуваме нови цели, нови предизвици, да растеме. Она што е важно да се потенцира е тоа дека треба да уживаме во патувањето кон исполнување на зададената цел. Доколку не уживаме во патувањето постои можност поголемиот дел од нашиот живот да го поминеме исфрустрирани. Во најмала мера, од секое патување добиваме искство. Исто како што аплицираме за одредена работна позиција и на интервјуто го прикажуваме нашето искуство, така и Небесниот Татко сака да имаме искуство.
Предизвикот се состои во следново: Лесно е да се каже некому да му ги прости престапите на својот ближен, но кога станува збор за нас лично, кога нас ни се случува некој да нѐ повреди, и особено кога таа личност е „тешка“ за сакање, ех тогаш настапува нашето искуство. Лесно е да му се каже некому што да прави, како да постапи, да се дели совет, а колку е тешко истото да го имплементираме ние, нели? Колку пати сме го прашувале Бог што треба да направиме, а Тој нѝ рекол, направи го истото што ти би му го кажал на другиот да го направи. Така што Бог нѝ дава слика, претстава за тоа што треба да направиме, а со тоа нѝ дава мера на вера што нѝ е потребна само нам за да го постигнеме тоа, како што пишува во Послание до Римјаните 12 глава: Мислете според делот на верата, што Бог на секого му го одмерил.
Штом ја отвориме кутијата и ги истуриме сите делови од мозаикот, изгледа невозможно како ќе ги составиме и ќе ги поставиме на точнито место во мозаикот. Можеби и ќе наиде прашањето дали сакаме да го составиме мозаикот воопшто или да бараме нешто полесно? Има многу делови да се состават од моментот каде сме и каде треба да стигнеме. Исус Христос во Евангелие според Јован констатира: Јас, Татко, Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам. Дали сакаме да бидеме извршители на она што сме го започнале? Јас велам да!
Кога почнуваме да го составуваме мозаикот прво ги поставуваме деловите кои ја оформуваат рамката, па потоа ја составуваме внатрешноста на сликата. Понекогаш некое делче едноставно не се вклопува никаде, или пак некое делче упорно сакаме да го втурнеме и сместиме на место кое не е вистинското, зарем не е така? Да го споредиме тие делчиња со некои состојби во нашиот живот, ќе видиме дека навистина се такви! Дека се случува некоја случка или настан едноставно не се вклопува во нашиот живот или пак, некогаш упорно се обидуваме да се вклопиме некаде, а токму напротив, местото нас не нѝ е таму.
Лесно е да се зборува за победата, за успешните луѓе, за готовиот производ, но не секој зборува за процесот, за предизвиците, за тешкотиите, за падовите, па споредувајќи се со успешните доаѓа чувството на незадоволство, фрустрација, омалуважување, нетрпеливост, дури до степен на откажување. Личниот раст и развој трае постојано. Во Послание на апостол Јаков е запишано:
„Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост: трпеливоста, пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток.“
На ова се надоврзува и даденото решение:
„Ако некому од вас не му достига мудрост, нека ја моли од Бога, Кој на сите им дава изобилно и без укор – и ќе му се даде. Но да се моли со вера и никако да не се сомнева; оти оној, кој се сомнева, прилега на морски талас, кого ветрот го издига и растура; таков човек нека не мисли дека ќе добие нешто од Господа. Човек што се двоуми во сите свои патишта е непостојан.“
Треба да живееме повкроренето, а не површно односно да живееме според духот, а не според душата. Душата има три дела: ум, волја и емоции. Таа не нѝ кажува ништо за Бог, туку за нас. Умот нѝ кажува што мислиме, волјата нѝ кажува што сакаме, а емоциите нѝ кажуваат што чувствуваме. А Бог сака да живееме според духот и сака да стигнеме до степен до кој ќе живееме според она што Тој го кажува, без оглед на нашите мисли, волја и чувства. Имено, во Послание до Римјаните 8 стои: Оти оние, кои живеат по тело, мислат за телесното, а кои живеат по Дух – за духовното. Телесното мудрување е смрт, а духовното мудрување – живот и мир; бидејќи телесното мудрување е непријателство против Бога; на законот Божји тоа не му се покорува, ниту, пак, може. А оние, кои живеат по телото, не можат да Му угодат на Бога.
Таков пример за послушност е примерот во Евангелие според Лука 5:
„Еднаш, кога народот се притискаше кон Него за да го чуе словото Божјо, Он стоеше покрај Генисаретското Езеро.Тогаш виде два кораба, што стоеја покрај езерото; а рибарите, излегле од нив, си ги плавеа мрежите, Како влезе во еден од корабите, кој беше на Симона, го замоли да се оддалечи малку од брегот, па седна и го поучуваше народот од коработ. А штом престана да говори, му рече на Симона: „Заплови во подлабоко и фрлете ги мрежите свои за лов!” Но Симон Му одговори и рече: „Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме; но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.” И штом го направија тоа, тие уловија голема количина риба, та дури и мрежата им се скина. Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба така, што за малку ќе потонеа.“
Може да се заклучи дека и покрај, според Петар бесмисленото спуштање на мрежите во морето, и она што поминаа во текот на ноќта, послушноста на Петар даде резултати. Така и за нас, и покрај нашите мисли, емоции, желби најважно е да бидеме послушни на Господовиот глас, без оглед на тоа колку болно и тешко да изгледа.
Еден од најзначајните мотиви за да се биде успешен е причината зошто сакаме да бидеме успешни. Кој е мојот мотив за да бидам успешна? Дали од себични причини, да си докажам себеси дека можам и дека тоа ќе ми биде критериум за среќен живот? А на ова може да се додаде и причина плус, да им докажам на другите дека сум поуспешна од нив. Или сакам да бидам успешна за на тој начин да им помогнам на другите и и со тоа да ја реализирам мојата, од Бога, дадена мисија? Значи, нашите мотиви треба да поаѓаат прво, за да му бидеме послушни на Небесниот Татко и второ, да им помагаме на другите луѓе. Доколку овие мотиви не се во нас тогаш потробна нѝ е промена, обновување на умот, како што нагласува во Послание до Ефесјаните:
„Оти ние сме Негова творба, создадени во Христос Исус за добри дела, што Бог ги предодредил уште од порано да ги вршиме. да го отфрлите од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината. да го отфрлите од себе стариот човек според вашето поранешно живеење, кој се распаѓа во измамливите желби, да се обновите со духот на својот ум и да се облечете во новиот човек, создаден според Бога во правда и светост во вистината. Вие некогаш бевте темнина, а сега сте светлина во Господа: живеете како деца на светлината!“
Еве, како домашна задача нека ни биде следново: кога ќе најдеме време за да бидеме сами, да размислиме и да напишеме на хартија, што правиме во текот на денот, сите активности. Потоа да се запрашаме зошто го правиме тоа. Токму тука стојат нашите вистински мотиви - зошто ги правиме нештата што ги правиме. А тоа е единствениот дел што Небесниот Татко го интересира.
Нашата промена подразбира и понизност, како што гласи Божјиот Збор: И така, понизете се под силната Божја рака, за да ве возвиши во право време.
Ако не се понизиме доброволно тоа ќе го направи Тој, а мора да се биде реален и искрен, поболно е кога тоа Тој го прави наместо ние доброволно. Доколку не сме понизни успехот може да биде опасен. Зошто? Затоа што постои можност да почнеме да мислиме дека нашиот усшех се должи на нас, на нашите можности, нашето постоење без Небесниот Татко, дека ние сме богови над сѐ, а уште полошо - да мислиме дека сме подобри од другите луѓе, а тоа отвора врати за да ги омаловажуваме другите, со мислењето дека не се толку важни колку што сме важни ние. Така се развива гордоста. Во Послание до Ефесјаните јасно стои:
„Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нè засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживе со Христа и нè воскресна со Него и постави на небесата во Христа Исуса, за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Христа Исуса, зашто по благодат сте спасени преку верата; и тоа не е од вас – Божји дар е; не е од дела, да не би некој да се пофали.“
Треба да поаѓаме од вистината дека Небесниот Татко е оној кој постојано нѐ набљудува. Можеби од луѓето ќе се скриеме, ама не и од Него.
Треба да пораснеме, а за тоа треба да сме отворени кон промена, а нема подобар татко од Небесниот, кој ќе нѐ научи нели? Ако му оставиме Нему, Тој да нѐ води, ќе нема потреба ние сами да се промовираме туку Тој ќе нѐ промовира и унапреди. Затоа, да ги откриеме вистинските мотиви за она што сме и што треба да бидеме.
Драги читатели, се молам Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение, за да Го познаете, и да ги просвети очите на срцата ваши, за да увидите, во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите, и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила. Таа сила Он ја покажа во Христос, кога Го воскресна од мртвите и Го постави од Својата десна страна на небесата, повисоко од секое началство, власт, сила и господство и од секое име, со кое се именуваат не само во овој свет, туку и во идниот, и сè Му покори под Неговите нозе и Го постави глава над сите во Црквата, која е Негово тело, полнота на Оној Кој исполнува сè во сè.