top of page

Ти си прекрасен/на

Ти што читаш! Тебе ти пишувам! Ти прекрасен човеку, кој околностите те навеле да го чуеш или прочиташ мојот глас, моите зборови, тебе ти говорам! Ти, кој во овој момент имаш можеби збунувачки мисли за тоа до каде си во животот, дали си сторил сѐ што треба и како што треба. Ти, кој што си заборавил на себе или пак, си заборавил на светот околу себе. Ти, кој имаш неодговорени прашања за тоа дали си доволен, достоен, здрав, убав, паметен, снаодлив, богат, ситуиран, можеби познат... А можеби си го поставуваш прашањето дали воопшто се познаваш себеси. Ти, кој од толку многу прашања, не гледаш која ти е од Бога дадената мисија, зошто си тука и сега. Вртлогот на мислите те довеле до заклучокот дека не правиш ништо, не си постигнал ништо!



Не правиш ништо? Кој ти го кажал тоа? Кој ти шепоти дека сѐ е безвредно и дека си ги го потрошил времето и енергијата? Знаеш ли дека со секој изминат ден ја дишеш и вкусуваш убавината што Небесниот Татко ја создаде? Дека со секој изминат ден ја покажуваш славата на Небесниот Татко?

Да, Таткото кој те благослови со секаков духовен благослов од небесата, поради Својата љубов спрема тебе, уште пред светот да биде создаден. Тој те одбра да бидеш Негово дете, преку вера во Христос, и да бидеш свет и непорочен во Неговите очи.

Знаеш ли дека потребно е да ја промениш старата слика за себе и да погледнеш што Небесниот Татко има направено за тебе. Тој те избави од темнината, те исчисти и сега си правичен пред него. Потребна ти е вистината. Мора да зборуваш и живееш од длабините на духовниот оган. Да ги поттикнеш духовните дарби што ти се дадени од Небесниот Татко. Не забаравај дека си избран како дете на Небесниот Татко и дека имаш кралска крв, да живееш и да се однесуваш како таков.

Знаеш ли дека си храм на Светиот Дух? Знаеш ли дека уште еден ден Исус Христос живее преку тебе? Уште еден ден си победник и дека му плукаш на сатаната в лице и покажуваш дека сѐ можеш преку Исус Христос кој ти дава сила? Да, сигурен си дека посилен е оној Кој живее во тебе отколку она што е во светот бидејќи овие се Господовите зборови за тебе:

Ако јас сум со тебе, кој може да биде против тебе! Те извлеков од пеколот и те спасив од раката на смртта и те спасив од сред огнот. Зашто јас сум добар и милоста Моја е вечна. Зашто Јас благоволив да ти го дадам царството.

Знаеш ли дека твојот Небесен Татко, по своето богатство, ја исполува секоја твоја потреба за слава преку Исус Христос?

Земи го небесното огледало и погледни колку си прекрасен и полн со Божја светлина. Наместо да ги читаш и слушаш лагите на сатаната, читај и слушај ги зборовите на твојот Небесен Татко. Прифати ја Неговата љубов и итај во Неговите прегратки, затоа што Тој ќе им заповеда на ан­ге­ли­те Свои за тебе, да те чуваат на сите па­тишта твои. Ќе те понесат на раце, да не ја соп­неш ногата своја од камен . Те благословува и те чува, те погледнува со неговото светло лице и те милува, го врти лицето негово кон тебе и ти дава мир.


 

Ти што читаш! Тебе ти зборувам и ти пишувам! Не заборавај дека си направен според сликата на Бога! Не заборавај дека ти си најдобрата инвестиција во која Бог инвестирал! Дека ти си најдоброто парче од универзумот во кое Бог го ставил најдоброто!


 


7 views

Comentarios


bottom of page