top of page

Патот до обновен ум (9)


Верувам дека со досегашните информции се трансформирате и го обновувате вашиот ум. При овој процес согледуваме дека имаме пукнатини, распарчени делови во нашиот ум кои расфрлени на повеќе страни резултираат со внатрешна борба. На некој начин сме поделени во нас самите односно имаме конфликт во самите себе. Тоа не би требало да е случај, но нема човек што е совршен на секое поле. Па, затоа потребно е да се стремиме кон состојба на благосостојба, а тоа е возможно само доколку се трансформираме секојдневно.

Една од најобесхрабрувачките работи во нашиот живот е тоа што се случуваат работи кои не се според Божјата совршена волја за нас. Тоа се случува често. Не сме секогаш во совршената Божја волја. Постојат секакви сили кои работат против нас постојано. Ако не му дозволуваме Светиот Духот да ја диктира Неговата волја и како треба да одиме во секоја ситуација, ќе застраниме од патот, дури и ако тоа е сосем малку. Постојат сили кои упорно работат и се обидуваат да не турнат и пренасочат од вистинскиот пат. Така е во овој паднат свет. Секој треба да го знае ова. Да се биде усогласен односно управуван со овој свет значи дека нѐ обликуваат во нешто што не е она што Бог ни го одредил односно не сме обликувани според Неговиот лик. Според овој свет ние сме обликувани во слика која не е Божја. Ако не си дозволиме да бидеме трансформирани односно променети, тогаш не постои можност да расудиме односно да ја знаеме Божјата волја. Многумина од нас застрануваме од патот, а не сме свесни за тоа. Тоа е од причина што не знаеме што се случува во духовната сфера, кој стои позади злото. Токму заради тоа нашиот ум треба да биде обновен, трансформиран преку Божјиот Збор, преку вистината.



Не можеме да се трансформираме доколку немаме разбирање. Разбирањето се добива преку мудроста. Во Послание до Колосјаните пишува:

Мислете за небесното, а не за земното.

Менталното здравје е од огромна важност. Нашиот ум, нашите мисли. Каде што ни се мислите, таму ни е срцето. Тоа што го мислиме тоа усно го изговараме, а тоа го трасира нашиот правец. Нашиот јазик е кормилото, како што стои во Јаков 3 глава:


Земете ги бродовите за пример. Тие се толку големи, а сепак кормиларот со мало кормило ги води онаму каде што сака, и покрај силните ветрови кои ги движат. Така е и со јазикот. Мал орган е, но голема штета може да направи. Едно жарче може цела шума да запали! Јазикот е оган, најопасен од сите наши органи. Во состојба е целото тело да го опогани. Јазикот може целиот наш живот да го запали, бидејќи се пали од самиот пекол. Со јазикот Го величаме нашиот Господ и Татко, а со истиот тој јазик ги колнеме луѓето коишто се создадени според Божјо подобие. Од иста уста излегуваат и благослови и клетви.

А Исус Христос ни рече:

И ви велам, дека за секој лош збор, што ќе го изговорат луѓето, ќе одговараат на судниот ден; оти по зборовите свои ќе бидеш оправдан, и по зборовите свои ќе бидеш суден.

Дел од нашето секојдневие е користењето на несоодветни изрази во одредена ситуација сметајќи дека тоа е шега. Во тоа се гледа нашата несвесност во употребата на зборовите. Ако постојано лажеме, другите ќе знаат дека тоа можат да го очекуваат од нас. Прашањето е дали ќе ни веруваат кога ќе кажеме вистина? Секако дека не би ни верувале. На тој начин нашиот збор ја губи вредноста. На тој начин нашиот вредностен систем е изопачен и неправилен. Доаѓа до контрадикторност бидејќи нашиот дух е фокусиран на небесното, а нашиот ум на земното. Тука се јавува конфликтот во самите нас.

Во Ефесјаните 2 глава пишува:

Но Бог, богат со милост, поради големата Си љубов, со која нè засака, иако бевме мртви поради гревовите наши, нè оживе со Христос и нè воскресна со Него и постави на небесата во Исус Христос, за да им го покаже на идните векови преизобилното богатство на Својата благодат во добрина кон нас преку Исус Христос.

Треба да се фокусираме на небесните работи бидејќи таму е вистинскиот свет. Овој свет е само копија на тој свет или подобро кажано наликува на макета која може да биде изработена од пластика, хартија или некој друг материјал. Тоа е само макета, а не вистинската работа. Токму заради тоа треба да се обликуваме според небесното, а не според овој свет, како што гласи стихот:

Не управувајте се според овој век, туку трансформирајте се преку вашиот обновен ум, за да дознаете која е добрата, угодна и совршена Божја волја.

На овој начин може да согледаме што е она што кај нас треба да го промениме. Според кој стандард ќе се водиме, дали според небесниот или според овој, земскиот кој е погрешен. Дефинитивно земскиот стандард ни влијае негативно. Нашиот ум е полн со погрешни сфаќања, гледишта, верувања, претстави за нештата, лаги, изместена вистина, трауми, негативни случувања итн. Не знаеме како да го преработиме сето тоа, како да го восприемиме, како да го решиме, како да го поправиме. Всушност креираме друга реалност, а можеби и повеќе реалности во нас. И на овој начин сме блокирани.

При каква состојба, злото се повеќе ја комплицира ситуацијата и лесно зазема упоришта во нашиот ум и постојано нѐ напаѓа, а ние не знаеме кој нѐ напаѓа и од каде доаѓа нападот.

Постои небесен стандард според кој треба да живееме. Доколку живеееме според тој стандард ќе треба да направиме подесувања, порамнувања во нас и со нас, а тоа го правиме преку Божјиот Збор. Лекувањето, промената доаѓа штом ја знаеме вистината, кога се освестуваме и започуваме да живееме според совршен стандард. Се враќаме на вистинскиот пат. Како што укажува во Послание до Филипјаните 4:8:

А понатаму, браќа мои, на она што е вистинско, што е чесно, што е праведно, што е чисто, што е љубезно, што е достојно за слава, на она што е добродетел, што е за пофалба, само на тоа мислете!

А во Прво послание на Петар 4:7 стои:

Крајот е близу. Затоа бидете трезвени и ревносно молете се.

Тоа значи да бидеме внимателни, да ги контролираме нашите мисли и емоции. Да бидеме ориентирани кон целта и да се стремиме кон повисоко, подобро, побожјо. Зошто? Затоа што на тој начин ќе ја имплементираме Божјата волја како на небото така и на земјата. Треба да се потсетуваме на тоа секој ден. Да не дозволуваме никаква зла сила да нѐ оттргнува од патот. Да не бидеме токсицирани од случувањата околу нас, од она што ни се пласира како вистина, а не е. Не можеме да го видиме патот доколку нашиот ум е поматен. Во Послание до Тимотеј 1:7 пишува:

Зашто Бог не ни даде дух на страв, туку дух на сила, љубов и разбраност.

Ева не ги контролираше своите мисли. Остави да биде замаена, завлечена од предлогот на змијата. Таа воопшто не се спротивстави. Таа воопшто не требаше да разговара со змијата, а не пак да го прифати нејзиниот предлог.

Во Евангелие според Лука Исус прашува: Што се плашите и зошто такви мисли влегуваат во срцата ваши? А во Прва книга Царства 18:21 стои: До кога ќе кривите на двете страни?

И од дватастиха заклучуваме дека ние сме неодлучни, променливи, не стоиме на една страна туку се луламе и лесно преминуваме од една на друга страна, мислите не ни се фокусирани во вистината. Контроверзијата што ја создаваме ни наметнува сомнеж, сомнежот збунетост, а збунетоста неодлучност и така резутатот е застранување од патот.

Небесниот Татко нѐ создаде совршени, за да ја распознаеме вистината од лагата, која е добрата, угодна и совршена Божја волја. Зарем не е така? Зошто да се сообразуваме со лагите на овој свет кога можеме да живееме според Божјата вистина и реалност?

Ако дозволиме да бидеме манипулирани од нашите чувства, емоции, тогаш нештата ги гледаме преку погрешен филтер, кој може да биде филтер на нашето минато, не можеме да ја прикажеме нашата целосна слика, за тоа кои навистина сме ние. А Светиот дух сака да нѐ ослободи од синџирите што нѐ држат во уназадување, во ограничување.

 

Мораме да го поставиме нашиот ум да биде со умот на совршените Адам и Ева, пред да погрешат, како што Бог ги направил совршени. Ние го извлекуваме Божјото Слово од страницата на Светото Писмо и го правиме димензионално во нашиот дух, за да можеме да ја сфатиме вистината. Ако чувствуваме и насетуваме во нашиот дух дека треба да побараме нешто или дека треба да имаме нешто, тогаш треба да го вербализираме тоа. Мораме да го следиме Небесниот Татко, да ја земеме сета наша енергија, како духовно, така и душевно, во нашата душа, нашето психолошко царство, и физички, и да ја воспоставиме Божјата праведност.

Но, за да произведеме плод, треба да бидеме поткастрени што значи дисциплинирани. Постои можност секоја молитва што ја молиме да биде услишена и тоа е затоа што нашиот молитвен живот е поврзан со Него; нашите молитви, нашите желби се Негови желби. Треба да се молиме во Духот бидејќи тој го заобиколува нашиот ум. Исто така, треба да бидеме концентрирани на фактот дека сме избрани, именувани и дека Таткото сака да ни даде се што бараме во името на Исус Христос.

Бог поставил во нас вечен живот. Тој рече дека Неговата слава се открива преку нашите предадени животи. Светиот Дух сака да нѐ одведе во откровение за да немаме точка на задушување.


 

0 views

Yorumlar


bottom of page