Со секој изминат ден нашиот ум добива и прима нови информиации. Меѓу тие информации е и збогатеното знаење како да го обновиме нашиот ум. Патот е долг, но нема застанување.
Трансформацијата е нешто величествено и значајно. Трансформацијата претставува преминување од темнина во светлина. Трансформацијата не е само замена на стари начини на однесување со нови, или пак, дополнување на листата што треба, а што не. Трансформацијата е преминување од ропство во слобода, како што укажува Божјиот Збор во Послание до Римјаните 8:
Зашто законот на Духот на животот во Исус Христос ме ослободи од законот на гревот и смртта.
Слободата е да го правиш она што го сакаш, нели? Дали постои опцијата, она што сакаме да го правиме да е она што треба да го правиме?! Трансформацијата е промената на нашето срце односно да го сакаме да го правиме она што треба да го правиме. Зарем не се најслободни оние луѓе што го прават, го работат она што го сакаат, а не она што им претставува товар? Не секогаш правењето на тоа што треба е лесно, а колку пак, е потребно тоа нешто да се засака. Обновувањето на умот е клучот за трансформација.
Што е погрешно со нашиот ум, па да треба да се обновува? Зарем не е доволно едуциран, информиран, развиен? Не станува збор за акумулирање на повеќе информации, туку работа на суетата на умот, помраченоста која влијане на правилното расудување. Нашиот необновен ум има светоглед кој е спротивен на Божјиот, кој се спротивставува и не се понизува на Божјиот. Необновениот ум е далеку од Бога. Тој ум е насочен, наклонет со својот светоглед со тоа дека Бог можеби е со свој авторитет, дека е величествен, дека можеби е добар, мудар, дека има апсолутни права над мене, но умот вели: Не! Нема да живеам така! Јас сум главен! Јас сакам да ги гледам моите дела како поубави.
Имено, во Послание до Римјаните 1 е наведено:
Зашто, иако Го познаа Бога, не Го прославија како Бог, ниту покажаа благодарност; туку станаа суетни во своите мисли и нивното неразумно срце се помрачи.Зборувајќи дека се мудри, станаа безумни, и ја заменија славата на нераспадливиот Бог со слика слична на распадлив човек, на птици, на четвороножни животни, и на лазачи.
Како да се избегне егоцентричноста, суетата, бунтовноста против Бог?
Во Послание до Тит 5 пишува:
Бог нè спаси, но не според извршените од нас праведни дела, туку по Својата милост, преку барањата на преродување – и обновата од Светиот Дух, Кого изобилно Го излеа на нас преку Исус Христос, нашиот Спасител, та оправдани со Неговата благодат да станеме по надеж наследници на вечниот живот.
А во Второ Послание до Коринтјаните 3:17-18 пишува:
А Господ е Дух; а каде што е Духот Господов, таму има слобода. Ние, пак, сите со откриено лице, гледајќи ја славата Господова, се преобразуваме, трансформираме во ист образ, од слава во слава, како што доаѓа Духот Господов.
Така што, треба да му дозволиме на Светиот Дух да нѐ променува однадвор и одвнатре. Однадвор, ставајќи ја пред нас вистината за Христос, а одвнатре дозволувајќи Му да ни ги омекне стврднатите срца, за да се понизиме, за да не бидеме возгордеани. Светиот Дух ни ја презентира славата на Исус Христос, за да имаме објективна претстава кој е Тој, а преку Него каков е Небесниот Татко. Не по случајност Исус Христос ни рече:
Љуби Го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и со сета своја сила'!
Кој влијае на заслепување на нашиот ум? Ѓаволот! Како што пишува во Второ Послание до Коринтјаните 4:4:
Ним богот од овој свет им ги заслепил умовите нивни, за да не ги осветли светлината на Благовестието за славата на Христос, Кој е образ на невидливиот Бог.
Затоа, заедно со Светиот Дух, да се стремиме кон вистината кон Исус Христос!
Во Послание до Ефесјаните 3 глава стои:
Оти мнозина, постапуваат како непријатели на крстот Христов; нивниот крај е погибел, нивниот бог – стомакот, а славата – во нивниот срам; тие мислат за земните работи. А нашето живеалиште е на небесата, од каде што Го очекуваме и Спасителот, нашиот Господ Исус Христос, Кој ќе го преобрази нашето понизено тело така, што тоа ќе стане подобно на Неговото славно тело, со силата, преку која што Он може и да потчинува под Себе сè.
Врз основа на овие зборови, се заклучува дека мисловниот процес, показателите од процесот на трансформација на оние кои решаваат да мислат повеќе на вечното отколку на земското се повеќе од видливи.
Во Евангелие според Матеј 16 глава пишува:
Оттогаш почна Исус на Своите ученици да им открива дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне. А Петар, како Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: „Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!” Но Он се заврте и му рече на Петар: „Бегај од Мене, сатано! Ти си ми соблазан, оти мислиш не за она, што е Божјо, а за она, што е човечко!”
Исус Христос директно укажува на состојбата на умот на Петар, бидејќи неговиот ум не беше насочен кон Божјите работи, туку човечките. Човештвото без Христос во центарот е еднакво на човештво кое е демонско по природа. Не постои сива област туку црна или бела. Дали нашиот ум е насочен кон Божјите работи или работите на светот? Исус Христос говори:
„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене; зашто, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби својата душа заради Мене, ќе ја најде: оти каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?
Обновувањето на умот е всушност израз на ефектот од крстот врз човековото срце, на човековиот ум. Така што, дали мислиме од перспектива на небесното или од перспектива на земското?
Обновениот ум се закотвува во она што Бог го кажува над сѐ останато, нас секој глас. Како што пишува во Изреки:
Секој збор од Бога е чист; Он му е штит на оној, што се надева на Него. Не додавај кон зборовите Негови, за да не те разобличи, и да не излезеш лажливец.
Ако верувам во лага, она што го правам е креирам место за таа лага, тоа семе да 'рти, преку времето поминато на мислење и изговарање. На тој начин го наводнувам тоа семе, сѐ додека не зафати корења во мојот профил како личност, а со тоа ќе го зафати начинот преку кој влијаам на другите. Таквата лага се отстранува само преку покајание: Небесен Татко, избрав да верувам во спротивното од она што Ти го рече. Прости ми. Треба да сме свесни дека ѓаволот води војна со таа лага против мојата душа и јас не смеам да го дозволам тоа, и одлучувам дека нема да дозволам тоа да влијае врз мојот живот.
Обновениот ум нѐ позиционира да ја видидме сферата на чудата. Обновениот ум е како Исус Христос кога се преобрази во светлина во духовната, невидлива сфера. Имено, пишува:
Исус се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина.
Обновениот ум ги илустрира Божјиот срце и ум за планетата Земја, а ние сме дел од тој план.
Обновениот ум е чувар, стражар на Небесната активност тука на Земјата. Трагедија е кога умот ќе застрани. тогаш Божјата слобода за да ја искаже неговата волја е ограничена. Умот не треба да биде расфрлан, туку треба да биде употребен за неговата вистинска намена. Секоја наша акција и мисла укажуваат на нашиот сојуз со Небесниот Татко или со ѓаволот. Обновувањето на умот значи шрепознавање на она што доаѓа од пеколот, а што доаѓа од Небесата и партнерување со небесното. Небесниот Татко го дизајнира нашиот ум да биде една од најмоќните натприродни алатки во универзумот, но мора да биде осветен преку Светиот Дух за да го прикаже дизајнот на Небесниот Татко и Неговите идеи. Портата на пеколот е во нашите умови секогаш кога се согласуваме со ѓаволот. Со тоа ја поттикнуваме и поддржуваме човечката мудрост што не го познава Бог. На тој начин му дозволуваме да краде, убива и уништува. Во Матеј 16 глава стои:
На тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат. И ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата.
Обновениот ум ни го открива, за нас, непознатото, како што е наведено во Прво послание до Коринтјаните 2 глава:
Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат. А нам, пак, ни го откри тоа Бог преку Својот Дух, зашто Духот испитува сè, па дури и длабините Божји.
Обновувањето на умот придонесува да мислиме како Бог што мисли, да ги гледаме Неговите патишта, нашите патишта да ги израмниме со Неговите. На тој начин му овозможуваме на Светиот Дух да комуницира со нашиот дух и да работи на нашата душа. Ако го промениме умот, ќе ја промениме нашата волја, а нашата волја ќе не однесе во одредена насока. Затоа е важно постојано да го всадуваме Божјиот Збор во нашето битие, не само во умот како информација. Потребно е да го посееме Божјиот Збор за тоа да резултира со зголемување на способноста за расудување односно како што гласи стихот врз кој се темели Елиезер:
„Немојте да се прилагодувате со овој свет; туку, трансформирајте се преку обновувањето на вашиот ум, за да можете да дознаете која е добрата, угодна, и совршена Божја волја!“