top of page

Патот до обновен ум (4)

Ние мораме да го промениме начинот на кој мислиме, не смееме да размислуваме исто како што тоа сме го правеле во минатото. Истите постапки носат исти резултати. Откако сме ја увиделе нашата грешка, зарем ќе продолжиме да ја правиме, како што пишува во Послание до Ефесјаните 4:17: ...а не постапувате веќе, како што постапуваат и другите незнабошци, по суетата на својот ум; помрачени во разумот, отстранети се од Божјиот живот поради нивното незнаење и ожесточување на нивното срце.

Кога се раѓаме наново односно кога одлучуваме да живееме по Божјите начела, кога веќе го прифаќаме дарот што Небесниот Татко ни го дава т.е жртвата што Исус Христос ја направи за нас, тогаш треба да сме свесни дека стануваме ново битие во духот, старото помина и сега сѐ е ново. Нашиот дух е совршен. Промената би дошла доколку нашата душа, нашето тело би се синхронизирале со духот. Потребно е да го промениме начинот на кој мислиме, како ги перципираме нештата, бидејќи стариот начин на размислување не вродил со плод. Доколку не размислуваме на вистинскиот начин тогаш нашето разбирање станува помрачено, страно и оддалечено од животот со Господ Бог преку нашата игнорантност. Што направи сатаната со Адам и Ева? Ги натера да размислуваат поинаку, погрешно, да се сомневаат во Божјата љубов, во она што се тие, да се побунат против Бога. Веднаш штом нашите мисли не се во согласност со божјиот збор резултатот е правење грешка, а со тоа би имале проблеми. Многумина од нас се соочуваме со истиот проблем – сакаме различни резултати, но мислиме исто и се однесуваме исто! Нели во Изреки пишува: Зашто какви му се мислите на човекот во душата негова, таков е и тој. Нашиот живот оди во правец по кој одат нашите мисли. Доколку сакаме различни резултати од предходните, не треба само да се молиме или надеваме, или да бараме некој да нѐ промени. Авторитетот го имаме ние. Во Битие 1 пишува: Рече Бог: да создадеме човек според нашиот образ и подобие како што сме ние, кој ќе биде господар. Ги благослови Бог луѓето и им рече: Плодете се, и множете се, и наполнете ја земјата, и господарете над неа.


Во Евангелие на Марко напишана е параболата за царството Божјо што Исус им ја кажува на народот, а гласи:

И пак почна да поучува покај морето; и се собра околу Него многу народ; Он влезе тогаш во кораб во морето и седеше, а сиот народ стоеше на суво, покрај морето.

2. И ги поучуваше многу со параболи, и во поуките Свои им велеше:

3. Слушајте! Ете излезе еден сејач да сее;

4. и се случи, кога сееше, едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа.

5. Други паднаа на каменито место, каде што немаше многу земја, и набргу изникнаа, оти

земјата не беше длабока;

6. а кога изгреа сонцето, тие свенаа, па како немаа корен, се исушија.

7. Некои паднаа во трње; и израсна трњето, и ги задуши, и не дадоа плод.

8. А други паднаа на добра земја и почнаа да даваат плод, што израсна и узреа; и принесоа; кое триесет, кое шеесет, кое сто.”

9. И им рече: „Кој има уши да слуша, нека чуе!”

10. А кога остана Сам, оние што беа околу Него, заедно со дванаесетте, Го прашаа за

параболата.

11. И им кажа: „Вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Божјо, а на оние, надворешните, сè ќе им се кажува во параболи,

12. за да гледаат со очи, и да не видат; да слушаат со уши, и да не разбираат; оти се бојат да не се покајат некогаш, та да им се простат гревовите.”

13. И им рече: „Зар не ја разбирате оваа парабола? Како тогаш ќе ги разберете сите приказни?

14. Сејачот го сее словото.

15. Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но при кои, откако го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го граби словото, посеано во срцата нивни.

16. Исто така и посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат,

17. но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат.

18. Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото,

19. но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога се вселат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно.

20. А посеаните зрна на добра земја се оние, што го слушаат словото и го примаат и принесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто.”

За што служи оваа парабола? – За да се објасни како функционира божјиот збор! Исус го споредува семето со божјиот збор односно што претставува зборот во Царството божјо споредено со семето во овој свет. Ова е моќно! Знаете ли дека сѐ што е на планетата Земја не функционира без семе? Благодарение на семето животот постои, овој свет постои. Не би јаделе доколку не постојат семиња, животните постојат благодарение на семе, ние постоиме благодарени на семе. Без семе не постои живот. Целокупниот процес се состои од садење на семето, времето поминато на созревање, растење, па жнеење. Ни првиот, ни вториот чекор не смеат да се прескокнат, инаку во спротивно не би имало жетва. Истото важи и за божјиот збор. Зборот треба да се посее, па да созрее, да фати корен во нашиот дух и на крај да даде плод. Сте погледнале ли фотографии од некои карпести места во кои , според нас, не би постоеле шанси да израсне дрво или цвеќе, но, сепак семе се протнало во длабините на карпата и, замилсете, толку мало семе има толкава сила да израсне во дрво, дури да го расцепи каменот.

Имајќи го предвид овој пример, да се подзамислиме колкава моќ имаат нашите мисли, нашите зборови. .. божјиот збор е можен, но мора да го засадиме во нашиот дух во нашето срце, да го наводнуваме. Токму во оваа прабола Исус зборува за четири состојби на срцето. Божјиот збор е семешто не е распадливо, како што пишува во Прво послание на апостол Петар 1:23 преродени не од распадливо семе, туку од вечно преку словото на живиот Бог, Кој пребива во сите векови. Не постои лошо семе од божјиот збор, но проблемот е почвата, на каква почва ќе падне. Не секој има срце за да го прими божјиот збор и да го заштитува. Каква е состојбата на нашето срце? Но, и секој од нас поминува низ тие 4 состојби, секој со различните животни околности, ситуации.

Во првата состојба кога сејачот го посеа семето едни зрна да паднат покрај патот, па долетаа птиците небески и ги исколваа. Посеаното покрај патот ги означува оние, кај кои се сее словото, но при кои, откако го чујат, веднаш доаѓа сатаната и им го граби словото, посеано во срцата нивни. Во овој случај станува збор за личност кај која зборот воопшто не навлегол во нејзиното срце, зборот не бил воопшто разбран. Доколку личноста не преземе акција за да го обнови умот, секој посеан божји збор ќе биде лесна мета за ѓаволот да го украде. Во овој случај семето нема никакви шанси да навлезе во почвата односно срцето.

Во втората состојба посеаното на каменито место ги означува оние, кои, штом го чујат словото, веднаш со радост го примаат,

17. но немаат во себе корен и се непостојани; па, кога настане жалост или гонење заради словото, веднаш се соблазнуваат.

Мора да бидеме реални дека потребно е повеќе време за да се порасне, да фати корен насаденото. Да речеме дека сме посеале семе од домати на различна длабочина. На Тоа што е подлабоко ќе му биде потребно пократко време за да израсне, но при достигнување на одредена висина растението ќе почне да венее. Зошто? Затоа што нема доволно длабок корен. Истото е и со оние луѓе кои не се трпеливи, не се издржливи, кои не се придржуваат кон вистината. да се разбереме, никој не сака да биде прогонуван заради вистината, не е пријатно чувството да се биде оттурнуван, но мора да разбереме дека тоа е дел од животот.

Во третатата состојба односно Посеаното во трње ги означува оние што го слушаат словото, но грижите за овој век, примамливото богатство и други желби, кои, кога се вселат во нив, го задушуваат словото и тоа останува бесплодно. со други зборови, можеме да бидеме толку зафтени што воопшто ќе немаме време за нашата врска со небесниот Татко. доколку не ставиме приоритети во извршувањето на работните, секојдневните задачи тогаш нема да остане време за вистинските нешта. Што е приоритет во нашиот живот во моментов? дали можеби поминуваме премногу време на социјалните мрежи, или пак гледање телевизија, или озборување, или обврски околу домот или што било друго што го зафаќа целокупното наше време? Доколку сакаме растението да порасне, не треба само да го насадиме и наводнуваме, туку треба да ги отстрануваме сите диви треви, троска што расте околу тоа растение. Во спротивно, троската ќе ја одземе сета хранливост и влага од растението и тоа ќе овене. Така е и со нас - што ни го краде времето што треба да е посветено на вистината, на божјиот збор? Каков плод ќе дадеме на ваков начин? Да, можеби ќе има некакви плодови, но ќе бидат мали, ситни, нема да бидат рзвиени во целост. Токму заради тоа потребно е да го обновиме умот за да го задржеме фокусот во вистинската насока, да знаеме како да функционираме, да се спротивставиме на искушенијата, на нашите погрешни помисли, да му дозволиме на божјиот збор да не обликува во сликата дадена од небесниот татко.

Во четвртата состојба се посеаните зрна на добра земја, а тие се оние, што го слушаат словото и го примаат и принесуваат плод: едни триесет, други шеесет, а други сто. Небесниот Татко сака ние да принесуваме плодови и тоа во изобилие, така ни вели и Исус Христос: јас дојдов за да имаш живот вечен и тоа живот во изобилие. Неговите раце се ширум отворени за давање. Од нас зависи колку ќе примиме. Доколку се сеќавате во Малахија 3: 10 Господ ни зборува: не ќе ли ви ги отворам небесните брани и не ќе ли излеам врз вас благослов со полна мерка. Се ова зависи од нашата посветеност, желба, истрајност, вера. И да, ќе не чини нешто, тоа со сигурност. Не можеме да бидеме како светот и во исто време како Бог. Не се седи на два стола. Исус Христос вели: Вие не сте од светот, како и јас што не сум од него. Ако не сме од светот, тогаш сме во него, но не сме преокупирани со она што се сучува околу нас; ние само поминуваме низ него, бидејќи сме граѓани на друг свет. Исто така во Јован 15 глава Исус зборува: Вие не ме избравте Мене, но јас ве избрав вас и ве поставив да одите и да принесувате плод, и вашиот плод да остане; и Мојот татко да ви даде се што ќе посакате во мое име. Ова ви заповедам: да се љубите еден со друг. Ако светот ве мрази, знајте дека мене ме мразеше пред вас! Ако бевте од овој свет, светот би ги љубел своите; но бидејќи не сте од светов - туку Јас ве избрав од светот - затоа светот ве мрази.



Исус дава и друга парабола:

„Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, па спие и станува ноќе и дење; а како никнува и како расте семето, тој не знае. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред трева, па клас, а потоа и полно зрно во класот. А кога узрее плодот, одеднаш испраќа срп, зашто дошло времето за жетва.” Пак продолжи: „Со што да го споредиме царството Божјо, или со каква парабола да го прикажеме? Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите семиња земни; а кога се посее, израснува и станува поголемо од сите растенија, и пушта големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат птиците небески.”

Божјиот збор е семето. Ако не го сееме божјиот збор, каков плод ќе дадеме? Некои од нас сакаат жетва без да посеат семе. Сакаат јаболка, но садат семе од портокали. Малку е смешно, но понекогаш не сме свесни што правиме, и потоа сме фрустрирани и разочаранои зошто немаме позитивни резултати.

Во Послание на апостол Јаков пишува: Но кој ќе се задлабочи во совршениот Закон на слободата и остане во него, тој, бидејќи е незаборавлив слушател, туку извршител на делото, ќе биде блажен во своето делување.

Дали веруваме во ова? Доколку не постои вера дискутирањето е напразно. Со верата ја испуштаме моќта што ја има во семето. Земјата, почвата е нашето срце. Ако посееме страв, да бидеме сигурни дека тој страв ќе расте и ќе се зголемува. На сѐ што се фокусираме ќе расте. Тоа треба да ни е јасно! Апсурдно е да сееме во нашето срце семе на зло кон ближниот, а да очекуваме љубов и разбирање. Позната е поговорката, која потекнува од Светото Писмо: Тоа што сееш тоа и ќе жнееш. Врз основа на досега кажаното, какви мисли негуваме, што сееме во нашето срце? Што сме посеало во минатото? Има ли тоа семе некаков резултат денес? Во нашиот живот ништо не доаѓа туку така, неочекувано. Што расте во нашето срце во моментов? Какви слики впиваме? Какви зборови? Какви примери на однесување земаме од другите околу нас? Дали фокусот ни е во озборувањето или можеби во смислувањето на некаква измама, или лажење или пак, срцето ни е исполнето со љубов, почит, благодарност, славење на Небесниот Татко... Сите сакаме брзи, инстант резултати... ќе истрчаме некој километар и ете сакаме да имаме кондиција. Не функционира тоа така. Па за брзо ќе се откажеме. И обновување на умот не е процес кој трае само неколку дена. Промената на сите поранешни обрасци на размислување, навики, погрешни перцепции не се менува преку ноќ. Но, токму затоа ја имаме вербата дека секој ден сме сѐ подобри и поуспешни во нашата преобразба во сликата што Господ Бог ја има за нас.

 

Божјиот збор е жив. Потребно е да го декларираме, да го изговараме, да го насадиме во нашето срце, да го одржуваме и да бидеме сигурни дека ќе донесе плод.

Но, мора да бидеме свесни дека имаме непријател кој не го сака Божјиот Збор, не ја сака вистината, не сака да нѐ види успешни, здрави, просперитетни, благословени, не сака да ја искусиме Божјата љубов. Ѓаволот нѐ мрази и се ќе направи само ние да бидеме подалеку од Божјиот Збор, подалеку да бидеме од промената. Сѐ ќе стори за да не нѝ остане време да обрнеме внимание на вистината, ќе нѝ дава лажна претстава за нештата, ќе нѐ лаже, ќе ни дава непотребни обврски, лажна забава, ќе не едуцира со погрешни вистини, ќе ни го претставува гревот како да не е нешто посебно. Штом ќе сакаме да посветиме време на молитва или откривање на суштината на Божјиот Збор, ќе нѝ се приспие, ќе добиеме телефонски повик, и какви не други случки. Дали сме подготвени за наша промена?

Исус Христос ни вели: Вистина, вистина ви велам: кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши. Секој од нас има потенцијал да прави големи нешта, да создава. Но она што создава не сме ние самите по себе туку Божјиот Збор засасен во нас. Сѐ што треба да направиме е да го земеме зборот и да го заштитиме и за одредено време ќе произведе плод. Господ Бог вели: Словото што излегува од Мојата уста не се враќа при Мене без плод, туку го прави она што го сакав и ќе го изврши она заради кое го испратив. Бог ќе застане покрај секого и ќе очекува некој да покаже интерес и да се посвети и да каже: „Господи еве сум јас, ќе го земам Твојот збор и ќе дозволам да ми го управува животот. Ќе доминирам над емоциите, ќе доминирам над моето мислење и над сѐ со Твојот збор.“ Бог бара таков човек. Дали би сакал, сакала ти да бидеш?

Не станува збор за одлука што се носи само денес, туку без оглед на околностите одлуката да биде непроменета. Дури тогаш резултатите се видливи. Дали ќе бидеме посветени?

Почитувани, посакувам Духот на вистината, Светиот дух да ве упати во сета вистина, секое утро да ве потсетува на донесената одлука да се промените, да не се управувате според овој век туку да се трансформирате преку вашиот обновен ум за да можете да познавате која е добрата, угодна и совршена Божја волја.


2 views

Recent Posts

See All

Comentários


bottom of page