Патот до обновен ум (15)
- Elena Gj.Kostadinovikj
- Mar 21
- 6 min read
Колку често вршиме детоксикација на нашиот ум од нечистотија? Дали тоа е секој ден, еднаш неделно, еднаш месечно или одвреме-навреме? Има ли некакви нечисти мисли или содржини во нашиот ум? Колку долго престојуваат? Од кога? Размислете. Ако ви е потребно, запишете ги, разгледајте го тоа што го пишувате.

Дали сме свесни дека Небесниот Татко нашето тело го направи соврешено? Совршено да функционира, да има одбранбен механизам, да се лекува самото себе, да ги исфрла токсините, штетните материи, да заздрави. Колку пати чувствуваме дека потребно е да ја промениме храната што ја конзумираме, да конзумираме повеќе овошје и зеленчук, да пиеме повеќе вода сѐ со цел да го исчистиме нашето тело, крвните садови, да го подобриме метаболизмот и сл. Тоа е природен процес, без да сме свесни. Но, како резултат на погрешен начин на живеење, тие функции можат и да се изместат и телото повеќе да не функционира во својот целосен капацитет. Се поставува прашањето: Што правиме со нашите мисли? Колку долго погрешните, токсичните мисли, спомени, содржини, случувања, зборови итн. стојат во нашиот ум? Нашето тело е храм на Светиот Дух, нели? Во Послание до Ефесјаните 5-та глава стои:
Христос ја возљуби Црквата и Се предаде Сам Себеси за неа, за да ја освети, очистувајќи ја со водно капење во словото, и да ја претстави пред Себе славната Црква, која нема дамка, ниту брчка, или нешто слично, за да биде света и непорочна.
Колку често го чистиме нашиот ум од токсини? Христос ни укажува како тоа се прави - преку водно капење во Божјиот Збор. Што значи, токсините се исфрлаат, а на нивно место се ставаат Божјите зборови. Како го разбираме процесот на обновување на умот? Како нешто што се прави понекогаш или нешто што се прави секојдневно?
На пример, водата има моќ да ја исчисти нечистотијата. Сме поминале ден на работа, ден исполнет со обврски, сме пешачеле, вежбале итн. Резултатот од сето тоа е нечистотија на нашето тело и непријатен мирис. Што правиме? Туширајќи се, ја отстрануваме нечистотијата. Но, што ако решиме да не се тушираме една седмица или две? Што би се случило? - Би се насобрала толку нечистотија што ни ние самите, ни другите не би сакале да бидат во наша близина.
Значи, мора да го исфрлиме нечистото што се наталожило од поминатиот ден. Ова се однесува на физичкиот дел од нашето постоење. Но, дали истата постапка ја практикуваме со умствениот дел, со психичкиот? Дали го чистиме, измиваме негативното или го оставаме да се таложи? Дали некогаш сме направиле ваква споредба? Исус Христос со своите зборови и примери ни укажува токму на ова. Имено, во Матеј 15-та глава е напишано:
Пристапија кон Исус ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи: „Зошто учениците Твои не го запазуваат преданието на старите? Зошто не си ги мијат рацете кога јадат леб?“ А Тој им одговори и рече: „Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание? Зашто Бог заповедал и рекол: ‚Почитувај ги татко си и мајка си‘, и ‚кој говори лошо против таткото свој или мајка си, со смрт да се казни‘. А вие велите: ‚Ако некој му рече на татка си или на мајка си: она, со што би можел да се ползуваш од мене, е ветено за Господ‘, тогаш тој може да не го почитува својот татко или својата мајка! Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание! Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи: ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.‘“И како ги повика луѓето, им рече: „Слушајте и разберете! Не го осквернува човекот она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот.“ зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот. А јадењето со неизмиени раце не го осквернува човекот.“
Доколку лошите помисли, намери, спомени, стрес, непријатни мигови, караници, добиени навредливи зборови и сл. не ги исчистиме, не ги отфрлиме од умот, тие ќе се таложат. Да, физичката нечистотија е моментално видлива, но менталната не е веднаш видлива. Но, и таа по одредено време испливува на површина и се одразува на различен начин, дали е во форма на гнев, тага, анксиозност, одмазда, некултурно однесување, бесчуствителност, повлекување во себе, обесхрабреност, сомнеж, страв дури и физички симптоми кои го нарушуваат здравјето.
Кога последен пат сме извршиле детоксикација на умот? Кога сме го измиле со водата на Божјиот Збор?
Кога го декларираме Божјиот Збор во тој момент се одвива чистењето, отстранувањето на токсините и нечистотијата.
Ако не ја исчистиме нечистотијата од нашиот ум, нема ни самите себе да се сакаме.
Колку многу внимание обрнуваме на чистотата, уредноста на нашиот дом, дворот, возилото, нашата облека, обувките, а за нашата внатрешност го немаме овој пристап.
Можеме да ангажираме други лица кои ќе го одржуваат дворот, нашето возило, хигиената во домот, машината ќе ја пере облеката, но што со нашиот ум? Кој ќе преземе нешто во врска со обновувањето на нашиот ум? Ние ја имаме таа одговорност. Не понекогаш, не еднаш месечно, не еднаш неделно туку секојдневно! Ако ние не ја ставиме вистината во нашиот ум, ѓаволот ќе ги стави неговите лаги. Да бидеме внимателни. Зошто би ја чувале таа нечистотија? Да не ѝ дозволуваме на негативноста да ја има контролата, туку ние, со вера, надеж и победа.
Да изјавиме, да изговориме зборови на вера за да се согласиме со она што Небесниот Татко Го говори за нас, да ги декларираме Неговите планови за нас. Зад нас оставаме сѐ што било негативно, тажно, неправично, лошо и денес влегуваме во нов почеток. И како што ги изговараме овие зборови, нека продрат длабоко во нашиот дух, да ги впиеме, да ги апсорбираме. Зборовите имаат моќ доколку им дозволиме да фатат корен во нашиот дух. Овие се моќни зборови, бидејќи нашиот Небесен Татко говори дека секој Негов збор не се враќа празен, туку го прави она за што е наменет. Затоа ни го даде Неговиот Збор за да бидеме победници. Да го оставиме багажот од минатото, да направиме место за нови убави нешта во нашиот живот. Да ги оставиме работите, повредите, нападите кои ни биле нанесени неправично, грешките што сме ги направиле.
Така што, во моќното име на Исус Христос, го отпуштаме минатото и нема да се навраќаме на истото, туку ќе чекориме во новите работи што Бог ни ги создал. Ние сме нови битија во Исус Христос. Старото помина, и сега сѐ е ново. Изјавуваме дека имаме очи за да ги видиме новите нешта, за да бидеме свесни за она што Бог го прави за нас. Ние сме храбри, одиме од победа во победа. Изјавуваме дека ние сме благословени и дека не можеме да бидеме проколнати. Ние сме над, а не под, ние сме главата, а не опашката. Ќе извршуваме моќни дела за Господ Бог и дека ништо нема да може да нѐ запре, затоа што Бог ги скина сите синџири што нѐ држеа заробени и врзани. Ние сме благословени.
Ние сме паметни, талентирани, креативни, дисциплинирани, и секој ден сме сѐ подобри и помудри. Ја имаме Божјата благонаклоност и ќе просперираме на секое поле во нашиот живот. Од денес ние и нашето семејство сме просперитетни, како финансиски, така и на секој друг начин. Изјавуваме дека сѐ што ќе допрат, сѐ што ќе работат нашите раце ќе просперира и ќе успее, клетвата на сиромаштија и недостиг е прекината. Од денес започнува нашиот проперитет, нашето изобилие. Бидејќи му даваме од срце на Небесниот Татко Тој ќе нѝ даде и ќе нѝ возврати до степен до кој не би можеле да чуваме и складираме и би давале и на други. Ќе искусиме неочекувани благослови и натприродна благонаклоност. Врз нас е помазанието да успееме финансиски.
Изјавуваме дека од денес сме слободни, ослободени од страв, вина, срам, осудување, депресија, анксиозност, бидејќи Божјиот Збор гласи: Секој кој што е ослободен од Исус Христос е навистина слободен. Заради тоа што Исус Христос го направи на крстот, секој синџир е скинат и ние ја надминуваме секој ситуација и секоја пречка што ни стои на патот, бидејќи поголем е оној што е во нас отколку оној што е во светот, и од денес ќе бидеме сѐ она што Господ Бог нѐ создал да бидеме.
Му веруваме на Семоќниот Бог дека ќе го води нашиот живот, дека ќе ги води нашите одлуки, сѐ што е скршено во нашиот живот ќе го направи ново. Изјавуваме надеж, лекување, обнова со сигурност дека сме деца на Севишниот Бог и дека неговата љубов кон нас никогаш не престанува. Изјавуваме, живот, љубов и заштита.
Од денес ќе добиеме повраток на сѐ она што непријателот - ѓаволот нѝ го одзел, нѝ го украл. Си ја земаме радоста назад, си го враќаме мирот назад, си го земаме здравјето назад. Изјавуваме во моќното име на Исус Христос дека ни едно оружје ковано против нас нема да просперира и секој јазик кренат против нас на суд ние ќе го обвиниме. Преку раните на Исус Христос ние веќе сме излекувани. Ние нема да се откажеме од Божјите ветувања бидејќи Исус Христос рече Јас дојдов за да имаш живот вечен и живот во изобилие. Господ Бог прави нови нешта. Тој го обновува нашиот живот, го обновува нашиот живот, ги обновува семејните врски, го обновува нашиот ум, обновува сѐ што ни било одземено, украдено и скратено.
Изјавуваме дека сме луѓе со визија, сите наши соништа и планови ќе се реализираат. Имаме нови идеи, нови вештини, откриваме нови таленти. Изјавуваме дека имаме натприродна мудрост за да ги донесеме најдобрите одлуки што ќе ја остварат нашата судбина. Изјавуваме дека имаме натприродно изобилство и пробив на секое поле во нашиот живот. Овој ден го создаде Господ! Да се радуваме и развеселиме во него!