Патот до обновен ум (14)
- Elena Gj.Kostadinovikj
- Mar 21
- 7 min read
Мислите се составени од спомени. Спомените се детали на искуството, односно мислите се создадени од искуствата што сме ги имале или имаме. Од моментот кога се будиме, па се до моментот кога заспиваме, нашиот ум, нашето тело акумулира нови информации и искуства. Умот, всушност, е оној кој ги филтрира и обработува искуствата во магацинот на нашиот ум, во магацинот на нашето тело, во магацинот на нашиот мозок и во магацинот на секоја наша клетка.
Мрежата што е изградена од спомените, мислите од одредено животно искуство и неговото влијание врз нашиот живот се претвориле во дел од нашиот живот, психички и физички, и колку повеќе размислуваме на тоа искуство, толку повеќе се вкоренува во нас, се гради како тврдина. Колку повеќе размислуваме на тоа, толку повеќе тоа нешто е активирано. Ако тоа доживување, искуство е повеќе од неколку месеци присутво во нас, тоа веќе станува навика, и дел од нашето секојдневно функционирање. А знаеме дека за да се одвикнеме од нешто потребно ни е подолго време. Затоа, кога-тогаш ќе треба да се соочиме со некои работи во животот. Колку повеќе избегнуваме, тоа повеќе расте. Ние не можеме да го промениме минатото или тоа што се случило, но можеме да го промениме влијанието на тоа искуство врз сегашноста и иднината.
Ѓаволот сака нашиот проблем да го направи наш идентитет. Човек не смее да гледа назад, туку треба да го премине Црвеното Море, како што го направија тоа Израелците. Мора да се разруши тврдината односно упориштето каде што престојува ѓаволот.
Во Божјиот Збор одлично се опишува што е тоа тврдина. Имено, во Второ послание до Коринтјаните 10-та глава е наведено:
Зашто, иако живееме во телото, не војуваме со телото, зашто оружјето на нашето војување не е телесно, туку е силно во Бога за разурнување на тврдини, па ги рушиме мудрувањата; и секое превознесување што се крева против познавањето на Бога; и ја поробуваме секоја мисла за послушност на Христос; и готови сме да казниме секаква непослушност, кога ќе се исполни вашата послушност.
Упориште е место што е заградено како тврдина. Така што, менталното упориште е тврдина од лаги што ѓаволот ги гради во нашиот ум и емоции. Тоа е место на заробеништво, ограничување, задржување, затворање во нашето мислење, што го оневозможува искусувањето, доживувањето на сето она што Небесниот Татко го има за нас.
Најчестите упоришта се: стравот, гневот, одбивањето, депресијата, злоупотребата и себеомразата. Целта на ѓаволот е да изгради упориште, при што и без негово присуство поединецот да страда и да се измачува. На тој начин му оставаме простор да престојува. Затоа многу е важно да се урнат тие тврдини. Во Послание до Ефесјаните 4:27 е нагласено:
Не оставајте простор ѓаволот да дејствува!
Се поставува прашањето: Каков е нашиот духовен имунитет? Исто како имунитетот на нашиот организам, некој ќе се зарази од некој вирус, а некој не. Исто е и со духовниот имунитет - некој е поотпорен на одредена негативна мисла, емоција, ситуација или слично, а некој не. Духовниот имунитет се гради преку читање на Божјиот Збор, медитирање на истиот, молење, постење. Спиритуалниот имунитет ни дава сила да одиме по Божјите патишта и да не се плашиме од злото.
Ѓаволот сака да го уништи нашиот живот, но во исто време да го изгради нашиот светоглед. Тој користи мигови, ситуации за да изгради одреден светоглед. Понекогаш ќе го искористи и она што е вистинито, само за да изгради упориште во нашиот ум.
Исус Христос ја употребува вистината за да го руши упориштето.
Еве друг пример: постои риба која се нарекува баракуда и таа е предатор и се храни со други риби. Била ставена во аквариум, и уште веднаш ги изела другите риби. Следниот ден ѝ била ставена преграда од стакло, а во другиот дел риби. Веднаш се активирала да ги зграпчи другите риби, но силно се удрила во преградата. Следниот ден го направила истото, но со послаб удар. Така и третиот ден. И заклучила дека не може да стигне до рибите и повеќе не се обидувала. После тоа, преградата била тргната, но таа не се осмелувала да плива во другиот дел од аквариумит.
Зошто се однесувала така? Истото го правиме и ние. Кога ќе паднеме многу пати, и сме поразени, ѓаволот во исто време, покрај нашето уништување, гради и погрешен светоглед. А што гради? - Пораз! Со мислата: Не се обидувај повторно!
Стравот се гради.
Нешто се случува кога нашиот ум се менува. Тој преминува во магнет што го привлекува она што е во него, со она што е исполнет. Токму затоа и стихот гласи:
Не се огледувај со овој свет туку трансформирај се преку обновувањето на умот.
А ние мислиме дека прво, Небесниот Татко треба да направи нешто за нас, за потоа ние да имаме позитивни мисли и живот. Но, тоа е обратно. Ѓаволот креирал ситуација за во нас да изгради упориште. Името на Исус Христос ги отстранува демоните, а упориштата се срушени од вистината на Исус Христос - Божјит Збор. Но, без знаењето на вистината, нејзината употреба, нема промена. На пр., можеме да купиме најразлични сапуни, но доколку не ги употребиме, нечистотијата останува. Сапунот сам по себе не нѐ мие, не нѐ чисти. Или пак, лекот доколку стои во шишето нема никакво влијание врз нашето здравје, но ако го внесеме во нашиот организам, тогаш ќе има влијание и ефект. Ако сакаме да ги обоиме ѕидовите, треба да нанесеме боја, нели? Кантата со боја не ги бојадисува ѕидовите, туку нејзиното аплицирање на ѕидовите.
Рушењето на менталните упоришта или тврдини не се случува одеднаш, потребно е време. Тоа е процес. Тврдина не се гради одеднаш, нели? Така и нејзиното рушење. Да дадам пример. Доколку имате простор кој го изнајмувате, станарите можете полесно да ги иселите, но за објектот да го разрушите ќе биде потребно време.
Менталните концепти се всушност магнет - го привлекуваме она со што сме исполнети. Што носиме во себе? Што привлекуваме? Зошто ни се случува нешто континуирано, повторно и повторно?
За да се разруши менталната тврдина потребно е да се уништи лагата дека ако се сменат моите околности тогаш ќе го променам и мојот ум. Дали ќе чекаме сите луѓе околу нас да се променат и да нѐ прифатат за ние да бидеме среќни и задоволни? Дали ќе чекаме околностите во средината да се променат, па ние конечно да бидеме опуштени и задоволни? Што е она што ја дефинира нашата благосостојба? Ние им ја предававаме контролата на околностите, на луѓето. Тоа значи дека другите се одговорни за нашето расположение, за нашите мисли, за нашите постапки, за се останато.
Ние велиме: „Господи, промени го мојот брат, сопруг, сопруга, колега, шеф, роднина, средината итн., па потоа јас ќе го променам мојот ум..“ Ама, Небесниот Татко ни говори дека мирот, радоста, задовослтвото доаѓа од Него, а не од околностите. Тој сака да биде нашата светлина, нашата радост.

Колку ги контролираме нашите мисли? Треба да знаеме дека ние не сме нашите мисли. Мислите доаѓаат и си одат. Нашиот ум е како дете, треба да биде трениран, дисциплиниран. Детето може да биде разгалено и затоа му е потребно воспитување. Дали сме свесни за нашите мисли? Кои мисли автоматски ни доаѓаат? Мисли на страв и сомнеж или мисли на сигурност и вера? Да ги заробиме нашите погрешни мисли, а не ние да бидеме заробеници на нашите мисли.
Да ги тренираме нашите мисли, а не да им веруваме. Во Изреки 3-та глава нагласено е:
Надевај се на Господ од сѐ срце и не се потпирај врз твојот разум. Понекогаш мислите можат да не измамат.
Да не го празниме умот, туку да го исполнуваме со вистината. Со сѐ што го храниме нашиот ум станува наш светоглед. Што стои во нашата потсвест? Со тоа што го храниме нашиот свесен ум се складира во нашата потсвест, и по автоматизам излегува на површина. Тука настапува обновата на умот, исполнување со нови мисли на вистина, со Божјите мисли, за што ќе биде потребно време. Тоа не се случува преку ноќ. Божјиот збор не укажува на празнење на умот, туку медитирање на Божјиот збор дење и ноќе, што значи да се исполниме со вистината, за да нема простор за лагите на ѓаволот.
Да го декларираме она во што веруваме, а не она што го чувствуваме. За да го обновиме умот треба да престанеме да бидеме зависни од нашите чувства. Не треба да се потпираме на чувствата туку треба да веруваме во Божјиот збор. Животот не се менува чувствувајќе се подобро. Токму заради ова се јавуваат зависностите од никотин, алкохол, дрога и друго. Трагајќи по чувството за подобро, всушност поединецот паѓа во уште поголем амбис. Обновувањето на умот не е промена на моите чувства, туку промена на моите мисли и промена на мојот говор, а со тоа моите чувста ќе се синхринизираат со новата реалност. Да ја говориме вистината, а не она што чувствуваме. Она што е најважно да се знае е следново: не ги соборуваме погрешните мисли со други мисли, туку мислите ги соборуваме со зборови. Пример: Ги одбивам тие мисли во името на Исус.
Небесен Татко, го избирам Твојот збор за да го обновам мојот ум. Ја одбивам и отповикувам секоја лага од ѓаволот. Ја рушам секоја умствена тврдина, во името на Исус. Се обврзувам на Твојот Збор. Се обврзувам дека ќе ја говорам вистината. Се обврзувам да ги користам Твоите принципи. Ја уништувам секоја демонска лага во областа на моето здравје, во областа на финансиите, во областа на односите со луѓето. Се тренирам да мислам мисли на вера, да не живеам живот на страв, да не живеам живот на негативност, песимизам, да не живеам живот во кој постојано ќе очекувам ѓаволот да се епојави, туку да живеам живот во кој ќе очекувам да се појавиш Ти, Господи, да очекувам добри работи да ми се случат, не дека сум оптимист туку дека сум верник. Јас верувам во Тебе. И денес се одрекувам од секое негативно очекување. Се одрекувам од секој песимистички говор, рамката на говор која не се синхронизира со вистината на Исус Христос. Господи, постави стража на мојата уста. Се покајувам за сите песимистички зборови и зборови на поплака, жалење, самосожалување. Нека моите зборови ја имаат во себе Твојата вистина, да те имаат Тебе, нека бидат исполнети со вера во Тебе, во моќното име на Исус Христос. Гоподи се молам и за здравјето на мојот мозок. Помогни ми да се исхранувам здраво, помогни ми да вежбаш за мојот мозок да функционира совршено.
Јас денес одбирам Твојот збор да ми биде духовна храна, Твојата вистина да ми биде духовна храна.