top of page

Патот до обновен ум (13)

Обновениот ум е дисциплиниран ум, а дисциплинираниот ум е обновен ум. Ако Божјиот Збор ни е на прво место, при првата прилика кога некоја ситуација не е позитивна, се запрашуваме што говори Божјиот Збор за оваа ситуација, што Божјиот Збор ми налага да сторам во врска со оваа ситуација. Во колку ситуации Исус Христос беше прашуван за тоа што треба луѓето да сторат за одредена ситуација. Еве на пример, богатиот човек прашувајќи: „Учителе добар, што да направам за да наследам живот вечен?” Ги знаеш заповедите: не прељубодејствувај, не убивај, не кради, не сведочи лажно, почитувај ги татка си и мајка си.” А тој рече: „Сето тоа сум го запазил од младоста своја.” Штом го чу тоа, Исус му рече: „Уште едно не ти достига: продај сè што имаш и раздај го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; потоа дојди и врви по Мене!”

Или кога книжниците и фарисеите доведоа при Него една жена, фатена во прељубодејство; па како ја изведоа насреде, Му рекоа: „Учителе, оваа жена сега е фатена во прељубодејство. А Мојсеј во Законот ни заповеда: такви со камења да ги убиваме; Ти, пак, што велиш?”, а Исус се исправи и им рече: „Кој од вас е без грев, нека прв фрли камен на неа!”

Или во ситуацијата кога учениците на Исус не можеа да го избават момчето од демонот што го мачеше. Учениците пристапија кон Исус насамо и Му рекоа: „Зошто не можевме ние да го истераме?” А Исус им рече: „Заради вашето неверие: зашто, вистина, ви велам, ако имате вера колку синапово зрно, ќе ѝ речете ли на оваа планина: Премести се одовде таму? и таа ќе се премести, и ништо нема да биде за вас неможно. Овој, пак, род се истерува само со молитва и пост.”

На ист начин го обновуваме и умот - го тренираме да мисли како што Небесниот Татко мисли. Ако мислиме спротивно од она што Бог го мисли, наша задача е да го промениме тоа. Што е најтешкото кога ќе искрсне некоја непосакувана ситуација? Прашањето: Што да правам сега? Што е она што треба прво да го сторам? Во тоа се состои обновениот ум - да го знаеме одговорот и да знаеме што треба да правиме.



Обновувањето на умот не застанува во одредена точка, тоа трае постојано. Ум исполнет со страв, грижи, измачување, каква било негативност не е од Небесниот Татко. Ако ја прифатиме негативноста како нормала, тогаш тоа е погрешно размислување. На тој начин му даваме уште поголем простор на ѓаволот да си игра со нашиот ум, со нашите мисли.

Привилегија, но и одговорност, е да водиме грижа за нашето тело и за нашиот ум. Обновата на умот е една од најсилните оружја за одбрана од ѓаволот. Погрешните мисли доаѓаат од ѓаволот, а Небесниот Татко ни говори:

Зашто само Јас ги знам замислите, што сум ги смислил за вас, замислите за добро, а не за зло, за да ви дадам иднина и надеж.

Што да правиме кога ни надоаѓаат вознемирувачки мисли?

Прво, препознаваме од каде доаѓаат, дека не се наши, дека не се од Небесниот Татко. Не се обидуваме да ги разоткриеме и објасниме, туку им се обраќаме и ги откажуваме. Божјиот Збор гласи:

Спротивстави се на ѓаволот и тој ќе побегне.

Она што сака да го направи ѓаволот е да мисли за нас, без ние да сме свесни дека тоа го прави, да ни ја проектира и имплементира неговата агенда, која очигледно не е добра; дали станува збор за нашиот финансиски, здравствен, емоционален, социјален просперитет итн. И да, за жал, ова се случува. Зошто? Затоа што, како прво, не знаеме дека позади тие мисли стои тој, како второ, не преземаме ништо во врска со тоа, и како трето, ја прифаќаме таа реалност како вситина за нас. Се постапува прашањето, дали правилно расудуваме? Тука настапува обновувањето на умот - да расудиме која мисла од кого доаѓа, и што да направиме. Обновениот ум се согласува со Небесниот Татко, а необновениот ум се спротивставува, се расправа со Него. На пример, ако Небесниот Татко ни каже да направиме нешто, а ние речеме 'не, јас не го можам тоа' - тоа е необновен ум. Ако Тој говори дека ќе ги обезбеди сите мои потреби, според Неговото богатство и слава, како што пишува во Послание до Филипјаните 4 та глава, значи тоа е вистина, но доаѓа мисла од ѓаволот која гласи: 'Ти ќе ја изгубиш куќата; ќе немаш доволно пари'. Необновениот ум вели: 'знам дека Божјиот Збор вели дека Небесниот татко ќе ги задоволи сите мои потреби, но јас ги немам парите. Обновениот ум се согласува со Бога, без оглед на околностите. Необновениот ум партнерува со околностите, со она што е видливо. Необновениот ум се расправа со Божјиот Збор затоа што верува во околностите.

Не можеме да му веруваме на Небесниот Татко со нашиот ум. Имаме доверба во Него преку срцето. Божјата вера е во нашиот дух. Но, умот треба да се донесе во позиција да се согласи со духот, со верата. Како што го обновуваме умот, тој ќе се усогласи со верата што е во нашиот дух. А необновениот ум ќе се расправа со верата што е во духот. На пример, обновениот ум ќе рече: 'Небесниот Татко ќе ми обезбеди куќа', а необновениот ум ќе рече: 'Но, ти немаш доволно пари, не заработуваш толку пари, од каде ќе најдеш пари за аванс?' И секогаш ќе ги истакне причините зошто не би успеало, зошто не би ја добиле посакуваната куќа. Што значи, обновениот ум се согласува, се синхронизира со Божјиот ум. Необновениот дух ја попречува верата да ги привлече и да ги добие благословите од Небесниот Татко. Целта е нашиотум и нашето срце е да се усогласат со Божјиот Збор. Доколку не го обновуваме умот, ние сме во ропство на необновениот ум, а необновениот ум е полн со лагите на ѓаволот. Необновениот ум нѐ оддалечува од Божјите благослови, а обновениот ум нѐ упатува кон нив, од каде што извираат без прекин.

Во Јов 22 пишува:

Зближи се со Бога – и ќе бидеш спокоен; преку тоа ќе ти дојде доброто.Прими го од устата Негова законот и стави ги зборовите Негови во срцето свое.

Кога се зближуваме со Бога, ние се согласуваме со Него, а се согласуваме со него бидејќи знаеме дека е во право. Во Послание до Римјаните 3 глава стои:

Да признаеме дека Бог е верен, а секој човек лажливец, како што е напишано: „За да се оправдаш во зборовите Свои, и да победиш кога си во суд”.

Како покажуваме дека се согласуваме со Него, со Неговата волја? - Преку послушност и спроведување на истата, како што пишува во Послание на апостол Јаков:

Бидете извршители на словото, а не само слушатели, мамејќи се сами себе. Зашто, кој го слуша словото, а не го извршува, тој прилега на човек кој го гледа своето сопствено лице во огледало; ќе се погледне, па ќе си замине, и веднаш заборава каков бил.

Согласувањето со Божјиот проблем не е никаков проблем кога нашиот ум е обновен. Кога мислиме како што мисли Небесниот Татко, кога се согласуваме со Неговиот Збор, ги привлекуваме убавите и добрите нешта. На ова го надврзувам и стихот:

Барајте го првин Царството Небесно и Неговата правда, и сето тоа ќе ви се придаде.

Ќе запрашаме: Како тоа само така, нештата доаѓаат? - Тоа се случува затоа што го обновуваме умот преку Божјиот Збор, делуваме според Него, и сме во мир и спокој.

Многу често се бориме со убедувањето дека Зборот не е вистинит, не е остварлив, се спротивставуваме, се бунтуваме, му докажуваме на Бога дека ние знаеме повеќе и подобро, а Неговиот Збор е јасен:

Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; Исчистете ги рацете и очистете ги срцата, луѓе со разделена душа!

Необновениот ум се спротивставува на Божјите планови, Божјата волја.

Во Послание до Филипјаните 2:5,6 пишува:

Бидејќи вие треба да ги имате истите мисли, што ги има Исус Христос, Кој, иако беше во обличје Божјо, сепак не држеше многу до тоа што е еднаков со Бога; но Сам Себе се понизи, откако зеде обличје на слуга и се изедначи со луѓето; и по вид се покажа како човек.

Која е целта на трансформацијата? - Да го имаме истиот ум што го има Христос.

А во Послание до Ефесјаните 4 глава се надополнува:

Додека сите не стигнеме до единство во верата и познавање на Синот Божји, до состојба на совршен маж, до мера на полната возраст на Христовото совршенство, та да не бидеме веќе мали деца, што ги лула и занесува секој ветар на лажните учења, по лукавството на луѓето, по итрото искуство на измамата, туку со вистинска љубов во сè да растеме во Оној, Кој е глава, Христос, од Кого целото тело, составено и склопено и сврзано преку сите дарувани врски, при дејството на секој дел, поред силите негови, нараснува за да се изградува во љубов.

Обновувањето на умот е всушност осознавање на нашето Совршено Јас.


 



1 view

Recent Posts

See All
bottom of page