top of page

Патот до обновен ум (10)



Целта на злото е да го распарчи нашиот ум, да го раздели на многу делови и притоа да навлезе во секој дел и да го поседува. На тој начин, ќе ја измести вистинската слика за нас. Тоа не го прави одеднаш туку дел по дел, постепено. Позната е поговорката дека подобро е да направиш нешто од 0, од почеток отколку да го поправаш старото. Дали ова важи и за нашиот ум? Имајќи го предвид фактот дека сме составени од три дела: тело, дух и душа, која е составена од умот волјата и емоциите, заклучуваме дека духот се раѓа наново, умот се трансформира, а телото се дисциплинира. Затоа продолжуваме да ја разработуваме темата за обновување на умот.



Поговорката 'раздели, па владеј', ни е позната нели? Во оваа поговорка се крие стратегијата на ѓаволот , а тоа е да раздели, да расипе сѐ што е добро. Истата стратегија ја користи и кај нас. Го распарчува нашиот ум до степен на појава на збунетост, страв, сомнеж и несигурност кај нас, при што, војната ја водиме со самите себе. Неговата цел е да ја изгубиме конекцијата со самите себе. Ние сме совршени како личности според Божјиот план, но начинот на кој се менуваме и прераснуваме во личности се две сосем различни работи. Ова е причината што кај многумина се јавува полемика и спротивставеност, и им наидуваат прашања од типот: Зоште се случува ова? Зошто Небесниот Татко го дозволи ова? Тој сака да патам и да се мачам! А ова, со вистината, нема никаква врска! Случувањата на овој свет со Божјата волја често немаат заедничка точка. Овде се случуваат работи диригирани од другата страна т.е. од злото. Во тоа се состои и обновата на умот - да ја знаеме вистината и врз основа на апсолутната вистина, да се трансформираме, со цел да ја знаеме и докажеме совршената Божја волја.

Имаме избор: ќе останеме онакви какви што нѐ оформил светот, животните околности, погрешниот светоглед, или ќе се нафатиме на предизвикот што Светиот Дух нѝ го нуди и со Негова помош ќе се трансформираме во линости какви што нѐ замислил и создал Небесниот Татко. Целта на постоењето на Елиезер е токму таа - да се трансформираме преку обновување на нашиот ум. Наместо да се огледуваме на обрасците на светот, да се огледуваме на обрасците на Божјиот Збор.

 

Како знаци што укажуваат дека сме разделени во нашиот ум се огорченоста и гневот, кои водат кон непростување. Во Послание до Ефесјаните 4-та глава апостол Павле укажува:

Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба; а еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христос.

Кога нешто ни се случува, а тоа нешто не е добро, и тоа нешто не го разбираме, зошто ни се случи, како ни се случи, се наоѓаме заглавени во таа ситуација и се гледаме како жртви на околностите. Треба да сме способни сето тоа да го процесираме, да го преработиме на правилен начин. За таа цел потребно ни е знаење. И тоа се учи. Затоа секојдневно се тренираме и се унапредуваме. Не треба да му дозволиме на ѓаволот да нѐ изолира и да нѐ затвори во погрешниот свет што тој ни го пласира. Исто така, потребно е да разбереме дека секоја наша одлука влијае и на другите. Како што пишува во Прво Послание до Коринтјаните 6:19-20:

Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси? Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.

Сите ги разбираме нештата поинаку, различно. Нејаснотијата, поделеноста во умот настанува кога нешто не ни е јасно и не ни е разјаснето. Тоа нешто доаѓа против нас и ние стануваме жртва. Дали било по наша вина или не, важно нешто негативно ни се случило, и тоа влијае на нашата благосостојба и менува сѐ во нас, како ментално, така и емотивно. Сето тоа потребно е да го разбереме правилно. Огорченоста се јавува кога почнуваме да се чувствуваме лошо за тоа што ни се случило. Не ни е јасно зошто ни се случило тоа. Не знаеме како да се соочиме со тоа. Потоа следува гневот. Емоциите преовладуваат и сето тоа го поминуваме преку мисловниот процес. И на крај, гласно и вербално ја напаѓаме личноста или организацијаташто ни сторила неправда. На тој начин не ја обработуваме и не ја восприемаме ситуацијата правилно. За да не ѝ дозволиме на таа ситуација да биде причина за изместување на нашите перцепции и тоа да стане постојан обрацец во нас, потребно е да го стопираме пред да се развие. Доколку не го сториме тоа, ѓаволот ќе ја користи таа ситуација со сите нејзини пропратни манифестации преку спомените, емоциите да биде постојано во нашиот ум и да зафаќа простор сѐ повеќе и повеќе, до степен каде што го губиме чувството за расудување. Затоа не смееме да дозволиме какво било негативно чувство да зафати корен во нас.

Навидум, нашата реакција кон ситуацијата е оправдана бидејќи тоа е еден вид одбранбен механизам. Но на долг рок е штетно. Во ова ја гледаме смислата на овие стихови:

Секое огорчение и јарост, гнев, викање и хулење нека бидат подалеку од вас заедно со секоја друга злоба.

Ако не постапуваме според овој концепт, ѓаволот тоа ќе го искористи против нас и ќе нѐ направи оружје за неговите зли планови против другите луѓе. За таа цел мора да нѐ доведе до состојба на гнев, навреда и сето тоа да навлезе длабоко во нас и тоа да нѐ промени како личности. И потоа ќе реагираме поразлично, неправично, гневно, злобно, без грижа за другите и средината. Доколку стигнеме до степен во кој ќе се промениме како личности од негативен аспект, тогаш потребно ќе ни биде избавување и лекување.

А за да го превенираме тоа потребно е да се одделиме од негативното, односно еден спрема друг бидете добри, сочувствителни, проштавајќи си еден на друг, како што и Бог ви прости во Христос. На овој начин ќе бидеме ослободени од злото и ќе можеме да функционираме со полн потенцијал. Секогаш имаме опција да избереме. Дали ќе живееме во сферата на темнината односно во сферата на ѓаволот или ќе живееме во светлината односно во сферата на Небесниот Татко. Обновениот ум живее во сферата на небесната татковина. Во Послание до Евреите 16: 15-16 стои:

И ако ја беа имале на ум онаа татковина, од која беа излегле, ќе имаа време да се вратат. Но сега сакаат подобра, односно небесна; затоа и Бог не се срами за нив да се нарекува нивен Бог; бидејќи им приготвил град.
 

Простувањето не секогаш е лесно. Мислиме дека ако му простиме некому тоа значи дека оправдуваме нечие однесување или сторено дело, и дека едноставно ќе се извлечат со стореното и дека ги ослободуваме од казна. Она што е важно е да се знае дека ние треба да му дозволиме на Небесниот Татко да стори сѐ што треба без нас, без ние да бидеме вклучени во тоа. Мора да простиме поради фактот дека нам ни е простено. Ѓаволот ќе направи сѐ за да нѐ повреди. Ќе ги искористи другите луѓе за да го направи тоа. Можеби дел од тие луѓе не се ни свесни за тоа што ни го сториле, како и ние што не сме биле свесни што им сме сториле на другите. Во Послание до Тит 1:15 стои:

За чистите е сè чисто, а за осквернетите и неверните нема ништо чисто; ним им се осквернети и умот и совеста.

Врз основа на ова, она што треба да го сториме е да не дозволиме нашиот ум да се оскверни и да останеме чисти. Да се фокусираме на светлината, а не на темнината. Како што пишува во Прво Послание на Коринтјаните 1:16:

Зашто, кој го познал умот Господов, та да го објасни? А ние имаме ум Христов.

Треба да Му дозволиме на Небесниот Татко да ни зборува за секоја ситуација во нашиот живот која нѐ изместила од личноста што ја создал Тој, да ни го покаже патот по кој ќе се обновиме било тоа да е физички, емотивно или ментално. Да не дозволиме да бидеме заглавени во дел од нашиот ум бидејќи ментално таму престојува злото. Злото престојува во менталната сфера, не престојува во духот. Борбата е во умот, а не во духот. Злото нѐ навлекува преку лажни информации, идеи, претстави. Затоа треба да се огледуваме и трансформираме според Божјиот Збор, а не според светот. Божјиот Збор во Второ послание до Коринтјаните 2:17 гласи:

И така, кој е во Христос, тој е ново создание; старото помина; ете, сè стана ново.

 


0 views

Recent Posts

See All
bottom of page