top of page

Отворени и затворени врати


Најчесто, при почетокот на новата календарска година се молиме, поставуваме цели, визуелизираме нови нешта, планираме. Да прецизирам - бараме одговор на прашањето која е нашата визија за периодот што следува. При започнување со реализација на поставената цел, сигурна сум дека секој од нас наишол на препреки, затворени врати, потешкотии, можеби стагнација или можеби и никаков напредок. Да, сме започнале со реализација на идејата што Небесниот татко ни ја ставил како задача, но околностите воопшто не укажуваат дека сме на вистинскиот пат. И си го поставуваме прашањето дали навистина ова треба да го правам? Нели требаше да имаме повеќе клиенти во нашата работа или нели досега требаше да ми биде подобро, да оздравам, или нели требаше детето мое да не се дружи со тоа лошо друшто. Токму напротив, детето мое завлезе во уште поголеми проблеми. Или аплицирав за програмата, но мојата апликација не ја прифатија. ...Прашања безброј.

Кога се соочуваме со вакви затворени врати, уназадувања, неочакувани случувања често тоа резултира со обесхрабреност од наша страна и доведува до степен да се откажеме.



Сите ние мислиме дека штом сме добиле идеја за да започнеме нешто, сѐ ќе тече без предизвици, без грешки, без одложувања, без адаптации, без значителни промени, дека ќе биде лесно, удобно... со други зборови, за нас, разбирливо. Но, наместо правецот да се движи по една линија со благо покачување и на крај да го достигне врвот, правецот зазема сосем друга насока односно во почетокот можеби ќе има благо покачување, па одеднаш паѓање, па повторно благо покачување, па неочекувано вртење во круг, па застој, па по некој сплет на околности се качува на одредена висина и застанува. Па по одредено време одеднаш стигнува до целта.

Има многу нешто кои немаат смисла за нас, дури и во Божјиот план. Нам ни изгледа така и затоа го губиме мирот, спокојот, радоста и се откажуваме. Ние му веруваме на Небесниот Татко за секој детал од планот (или мислиме дека Му веруваме), но кога не изгледа баш така, верата не доаѓа до израз.

Ќе споменам извадок од Божјиот Збор токму за ова. Во Исаија 55:8 Небесниот Татко укажува: Моите мисли не се ваши мисли, ниту вашите патишта се Мои патишта. А Во Изреки 3:5 говори: Надевај се на Господа од сè срце и не се потпирај врз твојот разум. А потоа додава: По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки.

Дружењето, живеењето, соработката и заедничкиот однос со Небесниот Татко, со Исус Христос и со Светиот Дух е една интесна и воодушевувачка мистерија. Прашањето е кој сака да живее во небесната мистерија? Јас да, а вие?

Да бидеме сигурни дека Исус Христос ќе нѐ води по патишта кои навистина, според нас, немаат смисла. Ќе нѐ носи на места кои се неразбирливи за нас. Мора да Му веруваме на Небесниот Татко со цело срце.

Врз основа на ова, треба да сме свесни дека Небесниот Татко намерно ќе дозволи некои врати да бидат затворени. Зошто? За да го трасира нашиот пат за сигурно да сигнеме до исполнување на нашата судбина, нашата мисија. Така што, некои застанувања, некои застои, паузи мора да се случат за ние да станеме сѐ она што Бог нѐ креирал да бидеме. Бог работи на мистериозен начин, и Тој ги користи затворените врати за да нѐ однесе, да нѐ насочи на вистинската патека.

Во контекст на ова, би го споменала Ное кога ја изгради арката во која требаше да живее односно да го преживее потопот на Земјата. Да си го поставиме прашањето, доколку ние бевме на местото на Ное и Небесниот Татко ни вели да изградиме огромен брод во кој ќе собере сѐ и дека тоа го правиме дека има најава за потоп!? Ќе бидам искрена со вас, но јас веднаш ќе прашав: Молам? Како? Што треба да правам? Тоа нема смисла! Сѐ изгледа како што треба. Нема никакви знаци дожд да заврне, а не пак потоп. Но, за разлика од мене, Ное се нафаќа на Божјиот план за неговиот живот и го гради големиот брод, сѐ е подготвено, сите се во бродот, сите животни, тој и неговото семејство.

Што останува незавршено? Што е она последно што треба да се направи и да се комплетира целата задача? Во Божјиот збор пишува дека вратата на арката треба да се затвори за да биде комплетирано сѐ. Водата започнува да надоаѓа, нивото се подига, а вратата? Што со вратата? Како му беше на Ное? Зарем не се соочуваше со непознатост, напнатост? Како ќе се затвори вратата? Кој ќе ја затвори? Вратата не ја затвори ни Ное, ни членовите од неговто семејство, ни некое од животните туку во Битие 7 глава пишува: И Господ Бог потоа го затвори ковчегот однадвор. Вратата не беше затворена од ничија рака туку од невидливата рака на Небесниот Татко. Невидлива рака?

Зачудена и воодушевена од овој факт дефинитивно ќе ми треба некое време за да го обработам овој податок.

 

И? Каков заклучок ќе донесеме врз основа на ова? Без Небесниот Татко не можеме да направиме ништо, не можеме сѐ сами, а и не треба да правиме сами. Исто така, стануваме свесни дека ние имаме дел што само ние треба го исполниме, и има дел што само Тој може да го исполни. Не секоја затворена врата значи неуспех и застој. Затворената врата значи и заштита. Божјата рака ја затвори вратата од арката за да ги заштити сите што беа во неа од поплавата, од потопот. Небесниот Татко ја гледа големата слика, ние не. Но, да бидеме свесни дека некои врати нашиот Татко ќе ги затвори за наше добро и за да нѐ пренасочи кон вистинската насока, вистинсиот пат. Зарем немаме такви случувања во животот кога сме рекле дека подобро што резултирало токму така, а не поинаку? Да бидеме благодарни за сите затворени врати од страна на Небесниот Татко. Да веруваме во Неговиот Збор, неговите ветувања за да препознаеме што е од Него, а што од ѓаволот. Можеби вратата на кариерата се затворила, но Бог има подобар план, или вратата на социјалниот или семејниот живот се затворила, без грижа, Бог има подобар план.

Зарем не се уплашија учениците на Исус во коработ кога имаше бура? Зарем не видоа во далечина нешто што наликуваше на дух и извикаа гласно? А Исус им рече: Не плашете се ! Јас сум! И тој влегува во коработ и бурата се смири. Така, учениците се смирија и почнаа да го слават Господа. Така што, некогаш нештото што се слувуча за да нѐ уништи всушност доаѓа за да нѐ спаси. Само треба да расудиме што е односно од кој е, за да не донесеме погрешен заклучок и како многумина да речеме дека Небесниот Татко сака да нѐ казнува, дека Тој нѐ води грижа за нас, дека нѐ става во искушение. И во Послание на апостол Јаков стои:

Ниеден, кога е во искушение, да не вели: „Бог ме искушува”, бидејќи Бог со зло не се искушува, и Он никого не искушува, но секого го искушува неговата похот, која го влече и мами. Потоа похотата, откако ќе се зачне, раѓа грев, а гревот извршен раѓа смрт. Не заблудувајте се, браќа мои возљубени. Секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината, во Кого нема промени ни сенка од измена. Оти Он нè роди по Своја волја преку словото на вистината, за да бидеме почеток на Неговите созданија.

Нашата одговорност е да останеме во вера, со интегритет, да бидеме добри кон луѓето, да го извршуваме она што ние дадено за извршување. Еден од поголемите предизвици со кои се соочуваме се прашањата од типот: Ако тогаш не се случеше тоа, јас сега ќе бев на друга положба. Ако се нафатев на таа работа сега ќе бев поуспешна. Ако постапев поинаку, сега ќе беше ситуацијата сосем поинаква. И така натаму.

Ваквиот начин на размислување ни носи само уназадување, фрустрација, ниска самодоверба, неблагодарност, самоправичност, повлекување, себепотценување и слично. А Небесниот Татко упорно ни уажува на фактот дека сѐ треба да му препуштиме Нему, не треба сѐ да правиме сами. Небесниот Татко за секој од нас има голем план. Да веруваме во планот што е направен за нас, за мене, за тебе. Секој од нас се вози во својот животен автобус, и на секој постојка, некој ќе слезе, а некој нов ќе се качи, ќе се случуваат многу настани, но најважно е да дозволиме шоферот да ни биде Исус Христос, а помошникот Светиот Дух. Не туку така Небесниот Татко го прати Исус Христос и рече: Ова е мојот возљубен син кој ми е по волја. Него слушајте го. А Исус ни рече: Јас сум патот, вистината и животот. Јас сум вратата: кој ќе влезе преку Мене, ќе се спаси. Така што, што е најдобро да направам? Јас не ги следам моите соништа. Јас го следам Исус Христос, а моите соништа и желби ме следат мене. Како што укажува Божјиот Збор: Барај го првин царството небесно и се останато ќе ти се додаде.

Има ли нешто друго што може да се додаде на ова?

Драги мои, ве поздравувам со желбата Божјата светлина, радост и мир да бидат дел од вашето секојдневие.


 

1 view
bottom of page