Сите минуваме низ тешкотии и разочарувања, периоди на стрес, нервоза, анксиозност, можеби депресија. Животниот притисок не омалаксува, уморува. Во такви периоди живееме со чувство на тежина, загрижени за нашето здравје или за здравјето на некој челен од семејството или сосем некој друга причина која ни ја одзема радоста. Најчесто го имаме ставот дека штом помине тој период повторно ќе бидеме среќни и опуштени. Во Книга Неемија 8 глава 10 стих стои:
Радоста пред Господ е поткрепа за вас.
Без нашата радост, нема да бидеме во можност да ги издржеме нападите. Радоста е директно поврзана со нашата сила. Без радост нема да бидеме способни да ја издржеме опозицијата, притисокот од одредена животна ситуација, фрустрациите од работа или влошената здравствена состојба или односите со одредена личност. Причините се различни и многу, а резултатот е ист - немаме радост!
Дали некогаш радоста сме ја гледале како неоходност? Кога ја гледаме радоста како извор на сила тогаш сигурно дека таа ќе биде позастапена во нашиот живот. Ѓаволот ќе ги употреби сите начини и методи само да ни ја згасне радоста. Сигурна сум дека сте имале случка кога во одредена ситуација кога сѐ било одлично и кога одеднаш некој ваш близок, дали член од семејството или пријател, само со една невербална акција или збор ќе ја упропасти целата таа радост и пријатното чувство што го имате? И, да, вие не сте виновни туку тој или таа од другата страна, но важно радоста исчезнала и настапила потиштеност, можеби лутина, гнев. Ѓаволот и тоа како знае кое копче да го притисне за ние да влеземе во неговата арена. Тој знае дека доколку немаме радост ние ќе ослабнеме и ќе бидеме лесен плен. Ако нѐ одржува обесхрабрени, разочарани од притисокот, вознемирени од тоа кој ни наштетил, во страв од медицинскиот извештај; на тој начин ќе нѐ победи во секоја област. Понекогаш чекаме од Небесниот Татко Тој сѐ да направи, но треба да го сработиме и нашиот дел. Навидум изгледа невозможно, но и тоа е тренинг - да бидеме свесни и свесно да реагираме во таквите ситуации сѐ со цел да бидеме цврсти и издржливи. Можеби имаме претстава во нашата глава дека издржливоста се однесува само на физичката издржливост, кондиција, но треба да бидеме и емотивно, психички и духовно издржливи, исто така. И за тоа е потребен тренинг, и тоа се учи. Дваесет и четвртиот стих од Псалм 119 или 118 според православниот превод гласи:
Овој ден е што го создаде Господ за да се зарадуваме и да се развеселиме во него.
Овој стих укажува на донесување одлука дека ништо нема да ми ја одземе радоста затоа што овој ден е направен од Небесниот Татко.
За да го оствариме ова, треба да бидеме проактивни. Кога се будиме наутро мора да донесеме свесна одлука дека ќе се радуваме на денот што го креирал Небесниот Татко само за нас, дека ќе се смееме, дека ќе бидеме благодарни, дека ќе го гледаме доброто во денот. Да, може и да е тешко, но Небесниот Татко сѐ уште седи на својот престол и се грижи за сите оние кои го бараат. Како што укажува Неговиот Збор: Посилен е Оној што е во мене отколку оној што е во светот. Кој може да е против мене кога Небесниот Татко е со мене?
Во Евангелие според Јован 16:33 Исус говори:
Во светот ќе имате маки; само не плашете се, зашто Јас го победив светот.
Да, нормално е човек да не се смее, да не се радува во тешки ситуации, но дури и тогаш треба да се потсетиме на Зборот што ни укажува Исус Христос. Зошто? Затоа што радоста не е само чувство туку сила, моќ. Мора да признаеме дека вака изгледа и звучи чудно и нелогично, но кога подлабоко ќе размислиме сфаќаме дека е така. Божјата радост е извор на сила, издржливост, храброст. Ако ја перципираме радоста како неопходнст, како што ја гледаме водата како неопходна за живот, тогаш ќе ја практикуваме и внесуваме секојдневно.
Павле и Сила кога беа ставени во затвор не се препуштија на дадената ситуација туку пееја, како што пишува во Апостолски дела 16 глава:
А стражарот, штом прими таква заповед, ги фрли во внатрешниот затвор и нозете им ги стегна во клада. Во полноќ, пак, Павле и Сила се молеа и Го славеа Бога, а затворениците ги слушаа. Одеднаш настана потрес голем, така што и темелите на затворот се поместија, и веднаш се отворија сите врати и оковите на сите отпаднаа.
Штом тие со нивната радост и славење на Бога добија слобода, зарем нема и ние да добиеме слобода од нашата ситуација?
Лесно е да се биде радосен, расположен кога сѐ оди добро, но тестот е кога е обратно; кога луѓето се однесуваат неправедно спрема нас, кога ситуациите не се фер, како што кажуваме, ни криви ни должни, трпиме некаква штета.
А да пробаме нешто што досега воопшто не сме го примениле ? Имаме ли нешто да изгубиме? Не! Едно од најтешките нешта е да се декларира, да се зборува обратно од ситуацијата во која се наоѓаме. Фактичката состојба е таква каква што е, но наша задача е да ја пророкуваме нашата иднина како да е сегашност. Наместо да се жалиме, да го славиме Небесниот Татко за Неговата добрина и верност, наместо да бидеме незадоволни, да бидеме благодарни за сѐ. Едноставно, некои работи во животот треба да се прават свесно и со вложена снага. Имено, Божјиот Збор гласи: Верата доаѓа преку слушањето, а слушањето преку Божјиот Збор. Да ја практикуваме радоста свесно и намерно!
Во Книга Неемија 8 глава пишува:
Овој ден е свет пред Господа, вашиот Бог; не тажете и не плачете.
Истото важи и за нас. Небесниот Татко нема да нѐ остави.
Не може да се оспори фактот дека ни се случиле лоши работи, но Небесниот Татко не сака да останеме во таа состојба. Потребна ни е радоста за да зачекориме во новите работи што Тој ги има подготвено за нас. Во Послание на апостол Јаков нагласено е:
Радувајте се, браќа мои, кога ќе паднете во разни искушенија, знаејќи дека испитувањето на вашата вера создава трпеливост: трпеливоста, пак, нека ви биде совршена работа, за да бидете совршени и целосни, без никаков недостаток.
А во Послание на апостол Павле до Филипјаните тој пишува:
Браќа, јас не мислам дека сум го достигнал тоа; но едно правам: го заборавам она што е зад мене, а се стремам кон она што е пред мене, трчам кон целта – кон наградата на горното призвание од Бога во Исуса Христа.
Да се потсетуваме на ова секојдневно, иако не е фер, иако не го сакаме она низ што поминуваме, но одлучуваме да биде Божјата радост со нас и во нас! Дека не очекуваат нови успеси, напредувања, нови случувања, нови личности. И да бидеме сигурни дека Небесниот Татко ќе го присили ѓаволот да ни плати за сторената штета. Во Соломонови Изреки 6 глава стои:
Не му проштеваат на крадецот, ако краде за да си ја насити душата, кога е гладен; ако го фатат, тој плаќа седумпати повеќе, го дава целиот свој имот.
Понекогаш немаме друг избор освен да ја надминеме ситуацијата. Мора да ја надминеме. Фокусот мора да ни биде во Небесниот Татко. Во спротивно, ветровите на злото можат да нѐ одвејат во погрешен правец.
Ние сме како бунар. Сите диви растенија, тиња, камења во бунарот претставуваат нашите тажни спомени, мигови на разочарување, чување гнев и потреба за одмазда, непростување, било на други или на себеси, одложувања, несупеси, вина, грешки, затворените врати, пропуштените можности и што уште не. Да го исчистиме бунарот за да можебе да ги примиме Небесните благослови.
Овој ден е подарок од Небесниот Татко. Овој ден е свет! Да ја избереме Божјата светлина, милост и радост!
Нека биде Божјата радост дел од секој ваш животен миг.