top of page

Небесни решенија на земски прашања

Имам прашање до вас: Дали во моментов барате решение за излез од одредена животна ситуација? Можеби во моментов размислувате и смислувате како да ја решите. Денес ви нудам еден предлог, размислете, разгледајте го. Нема што да се изгуби, туку само да се добие.


Исус Хритос во Новиот Завет рече дека Царството Божјо е при рака. Откако Тој седна од десната страна на Небесниот Татко, синовите и ќерките Божји го примија Светиот Дух. Со тоа ние сме обврзани да го манифестираме Царството Небесно на земјата преку менување на светот околку нас. Како да го манифестираме Царството Небесно тука? Како го изразуваме авторитетот што нѝ е даден?

 

Станува збор за друго царство, друга влада. Исто како што секоја држава има своја влада, така и Царството Небесно има своја влада, свој парламент, устав, закони и сл. Тоа царство владее над сѐ. Првенствено, тоа царство се манифестира во секој поединец кој верува во истото. Штом поединецот е наново роден, тоа царство е воспоставено во него, и тоа царство е дизајнирано за да го води, советува, учи и да обезбедува сѐ што му е потребно, независно од другите царства околу него. Во тоа се вклучува и мирот кој го надминува секое разбирање.

Небесното Царство нуди решенија, одговори на нашите земски прашања и предизвици. Ние сме пратени како небесни амбасадори на земјата за да менуваме, да креираме, да иновираме. Не по случајност и во молитвата стои: „да биде на земјата како и на небото“.

Секоја влада, секоја власт, секое царство има свој цар, свој претседател, нели? Во Откровение 17 глава стои:

Исус Христос е Господар над господарите и Цар над царевите, и оние што ќе се со Него, се повикани и избрани и верни.

Кога сме претставници на некоја организација, движење, влада ги претставуваме интересите на таа организација. Како небесни амбасадори го претставуваме и промовираме Царството Небесно. Но, како би претставувале нешто или некого кога тоа нешто или некој не го познаваме, не знаеме како функционира, какви се правилата, законите?

Нам, како претставници на Царството Небесно, нѝ е вграден неограничен извор на ресурси, на мудрост, сѐ што ни е потребно за живот во изболие.


За да се биде дел од Царството Небесно, потребен е нашиот интерес за тоа, потребен е нашиот избор да го направиме тоа, потребна е наша согласност. Но, некој ќе запраша: Како може Царството Небесно да има корист од мене? Што можам јас да сторам? Некој ќе рече: Јас не сум богат! Друг ќе рече: Јас не сум здрав. Трет ќе рече: Јас го немам потребното знаење, вештини. Четврт ќе рече: Кој сум јас да претставувам царство, јас сум само еден обичен човек кој никој не го забележува!?

Одговорот е следен: Штом го прифатиме Царството Небесно преку Исус Христос, ние стануваме решение на нечиј проблем бидејќи Царството е во нас. На пример, постои некој проблем, некој предизвик што треба да се реши. Она што го правиме е го поднесуваме до властите на Царството Небесно, како случај, како предмет што треба да се реши. Зарем не го правиме истото кога поднесуваме документи во одредена институција за да се исполни некое наше барање?

Како функционира тоа во Царството Небесно?

 

Нашиот дух постојано е буден, не спие. Тој е поврзан со Светиот Дух, кој знае сѐ. Исус Христос во Јован 14 глава укажува:

А Јас ќе побарам од небесниот Татко и Тој ќе ви даде друг Помошник, Кој ќе остане со вас засекогаш. Тоа е Духот Кој ќе ви ја открива вистината. Световните луѓе не се во состојба да Го примат Него, затоа што не Го гледаат, ниту Го познаваат. Вие Го познавате Светиот Дух, зашто Тој е со вас и ќе продолжи да живее во вас.

Така што, Светиот Дух му пренесува на нашиот дух, а нашиот дух го пренесува во нашиот ум. Царството Небесно ги има сите решенија и одговори. Затоа е кажано: „Татко, да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“.

Тајната е во предавањето, нашето предавање, понизување на Божјата волја, а не на нашата. Небесниот Татко го додава своето натприродно на нашето природно. Да не го перципираме нашето предавање во улога на робови и слуги, туку како синови и ќерки на Небесниот Татко. Во Евангелие според Лука, Исус говори:

И кој татко од вас, ако синот негов му побара леб, ќе му даде камен? Или ако побара риба, па да му даде змија наместо риба? Или, ако побара јајце, да му даде скорпија? И така, значи, ако вие, бидејќи лукави, умеете да давате добри дарови на чедата свои, колку повеќе небескиот Отец ќе даде Дух Свети на оние, што Му бараат?

Зарем се немаме запрашано како се случи Исус Христос да нахрани 5000 луѓе со два леба и пет риби? Од каде дојдоа тие лебови и риби? Или како е возможно од риба да излезе златна паричка? Или како е возможно, од мал сад да те тече масло непрекинато? Или од каде се појавија толку многу риби во езерото кога Петар со другите рибари цела ноќ не уловија ниту една риба? Од каде доаѓа сето тоа? Зарем не е од Царството Небесно?


Така, овој е мојот предлог за денес, да се бараат решенија и одговори на нашите проблеми, прашања и предизвици од Царството Небесно.





1 view
bottom of page