top of page

Месечевата сенка

Сенката од месечината паѓаше директно во собата на Оливер. Каде се видело месечината да има сенка, но за Оливер светлината од месечината не беше светлина, тука сенка. Ни тој не знаеше како, но ете, ја гледаше сенката од месечината која паѓаше на испрашената дрвена маса натоварена со книги, празни и испишани истуткани листови хартија. Ги прилепуваше образите на железните заштитни шипки од единствениот прозорец од неговата мала соба, така олеснувачки мислејќи дека така ја ослонува својата душа за да одмори малку. Се наслонуваше така тивко, спокојно дишејќи бавно. Со секој испуштен здив се доближуваше до месечината која, според него, наликуваше на отворена книга. Не сакаше ни за миг да го оттргне својот поглед од таа книга. По цела ноќ стаписано гледаше, како да сакаше да го запомне секој дел за да го има во својата меморија, за оние, за него, страотни денови без полна месечина.


Оливер беше сам. Живееше сам. Ноќите не ги спиеше. Спиеше околу три часа дневно. Беше човек кој не сакаше да го дели своето време со други. Ја сакаше само својата мисла. За него сѐ беше претворено во мисла. Реалноста се состоеше од мисли, не од вистински случки и луѓе. Луѓето претствуваа некој вид суштества и битија од сосем друг свет. Во една книга прочита дека најголема казна што може да му се даде на човек е да остане сам, оттргнат од светот. Никако не ја наоѓаше смислата на оваа мисла. Последната книга што ја препрочитуваше беше отворена на страница, која беше ја исчкртал со стрелки, знаци, а имаше неколку реда кои ги беше подцртал како важни за размислување: „Човекот е социјлно битие кое е создадено да живее и да создава заедно со други луѓе. Науката покажува дека човекот не е способен да живее сам. Доколку би било така, човекот би дошол до состојба на самоуништување т.е. би ја изгубил смислата на своето постоење...“

Оливер имаше некој умствен инает кон овие неколку реченици, и упорно си докажуваше себеси дека тоа е лага. Навикнат беше на тишина. Не беше разговарал со човек многу долго време. Во себе немаше страв. Се чувствуваше посигурен кога е сам.

До масата наместен беше стар метален кревет прекриен со темна прекривка. Многу ноќи Оливер ги преспиваше на столот, потпрен на масата. Во текот на денот вратата ја оставаше подотворена, а ретко излегуваше надвор. Една приквечерина седејќи на дрвениот стол претурајќи по старите книги, една книга падна на подот. По малку беше мрзлив, па реши да не ја подигне. Оливер не обрнуваше многу внимание на звуците од околината. Во тој момент слушна одреден шум несвојствен за него. Си помисли дека замислува, дека му се причинува, но тој шум се повтори. Ги разгледуваше книгите, да не има некој глушец или некое друго животно, но немаше. За кратко шумот исчезна. И таа ноќ остана да бдее над своите книжевни дела. Доцна во ноќта ја потпре главата на масата и заспа.

Утрото беше сончево, па сонцето ја одигра својата улога на будилник. Влезе во темната соба и зачука на неговите очни капаци да се отворат. Здрвен и укочен, Оливер имаше сили само да ги отвори очите. Очните капаци му беа како тешки капии, за кои беше потребна огромна снага за да се отворат. А пак, сонцето како да знаеше за овој факт, болсна уште посилно. И ете, очите ја имаа таа чест, како и секој друг ден, да го соопштат постоењето на новиот ден. Но, не беше само тоа нешто ново, дека започна денот, туку очите беа примамени и од нешто друго. До неговото лице стоеше токму онаа книга што му падна минатата вечер, а за која се сеќаваше дека не ја беше подигнал. Одеднаш таа забелешка го навлече целото тело рефлексно да се подмрдне. На глас ја изрази својата зачуденост: Книгата? Да не сонувам? Набрзина се погледна на подот, а на подот немаше никаква книга. Ту ќе се погледнеше во книгата, ту во подот. Започна несмасно да го движи телото, и не обрнуваќи внимение ја турна полу полната дрвена чаша која тресна на подот, и се истури виното што беше останало. Чашата се истркала под креветот. Без размислување се наведна да ја бара. Должината на раката беше недоволна за да ја земе, па се наведна со цело тело, се испружи и неговата рака наместо да ја дофати чашата дофати сосем нешто друго. Одеднаш телото вознемирено од непознатиот допир се поткрена и Оливер удри со главата во креветот.

-Уф! - извика. Какво утро е ова? Што се случува денес? Ја растреси главата за да се освести и брзо се врати под креветот. Со другата рака зеде за припомош едно стапче, па почна да мафта под креветот. На вториот замаф се слушна пискав глас:

-Ааааа! Оливер стаписано застана и стоеше некое време така недефинирано, не знаејќи што да прави. Сепак реши повторно да ја испружи раката. Со раката зграпчи друга рака, односно мало раче, и го тргна кон себе.

-Пушти ме! - викаше гласот.

Оливер го влечеше тоа нешто што беше под креветот. Го извлече на светлина. Се поттргна уплашено и збунето гледајќи вџашено и изненадено во појавата пред себе. Тоа беше девојче, мало исплашено девојче со разбушавена црна коса, валкани образи и прекрасни сини очи. Трепереше од страв и непознатост.

-Како влезе тука? - праша Оливер.

Девојчето покажувајќи со показалецот кон вратата, се стрча кон неа. Оливер ја пречека во прегратки. Девојчето мафташе со рацете, го отурнуваше, но Оливер беше внимателен, па го оттргна од себе и го погледна прашувајќи: Како се викаш? Од каде дојде? Колку години имаш? Чекај, не се вознемирувај, нема да ти направам ништо!

Полека го отпушти девојчето, и тоа за кратко се смири и застана во една позиција, не мрдајќи се. И тој и девојчето не знаеја како да реагираат. Она што прво се сети Оливер беше да го земе столот како најблизок предмет и да го стави пред девојчето.

-Седни! Не се плаши! Сакаш ли вода? Гладно ли си?

Девојчето трепкајќи нервозно, собра храброст барем да кимне со главата.

-Еве, ќе се тргнам, па ти седни! – со нежен глас Оливер го убедуваше девојчето.

На другата страна од собата се наоѓаше шкаф и до него една помошна маса на која стоеше бокал со вода и неколку чаши. Зеде чаша и тури вода, ја стави на масата и со испрекинат глас го замоли девојчето: -Еве, земи пиј!

Оливер почувствува дека на девојчето ќе му треба некое време за да се прибере, и затоа реши да излезе надвор.

На излегување девојчето со забрзан потег ја зеде чашата и пиеше лакомо и ненаситно.

Не помина многу време девојчето стана и излезе надвор да го бара Оливер. Беше седнат на прагот на плочест камен. Тоа седна блиску до него.

-Ти, чичко живееш сам? - запраша.

Помина време како Оливер разговал со некого. Гласот на девојчето ги размрда сите негови сетила. Заборавот го направил своето, го исклучи од многу нешта кои веќе станале непознатост. Несвесен за својот тажен поглед, Оливер одговори:

-Да, сам живеам. А од каде се најде ти овде, далеку од населеното место? Родителите сигурно те бараат.

-Мене никој не ме бара. Јас не знам ништо, не знам од каде сум, ни како се викам - одговори девојчето. Оливер се стави во голема дилема, што ќе прави со девојчето.

-Ти гладен ли си? – запраша - јас сум гладна.

Оливер се чудеше каде исчезна стравот на девојчето, па и тој реши да зборува поопуштено.

-Дојди – проговори пуштајќи ја раката за да го земе девојчето за рака - ајде ќе јадеме нешто.

Се прибраа внатре. Оливер зеде сѐ што имаше во шкафот, го постави на масата, а девојчето не чекаше и веднаш започна да јаде.

-Колку е вкусно! - со полна уста зборуваше. А зошто ти не јадеш? - продолжи со прашување. Еве, земи и ти - го подаде парчето леб со нежното раче, а Оливер стаписан, со испрекинати движења го зеде парчето леб. Го стави залакот в уста и заџвака полека. Девојчето започна да прави смешни гримаси, туткајки го лебот во секакви форми.

-Види, види какво е ова, ха ха! - се смееше со кикот кој придонесуваше во собата да се чувствува нешто убаво, нешто поразлично, нешто волшебно.

Оливер го обземаше несовладливо чувство, кое го тераше да ги подмрдне своите усни, и да, започна да се смее.

-Еве, и ти направи нешто! - девојчето му подаде топка леб. Што ќе направиш? - го прашуваше нетрпеливо за одговор. Што сакаш најмногу? - продолжи. Јас сѐ сакам. Сѐ ми е убаво. Ги сакам цвеќињата, дрвјата, небото, камчињата, водата... сѐ сакам. Колку е убаво кога се тркалам во тревата, кога трчам по пеперугите, кога си играм со децата, кога зборувам со секого. Многу сакам да се смеам. А ти? Сакаш да се смееш? Што сакаш да правиш најмногу? - не правејќи никаква пауза девојчето се обидуваше што повеќе да зборува и да прашува. Оливер само ги подотвораше усните, како да сакаше да каже нешто, но и покрај тоа што постојано читаше и размислуваше, немаше одговор на овие едноставни прашања.

-Па, јас... сакам... сакам...

Во тој момент Оливер како да имаше скаменета свест. Пребаруваше по купиштата мисли и размисли во главата и пак се чувствуваше празен. Ги бараше зборовите, но тие не му доаѓаа. Не му преостануваше друго освен да го гледа малото девојче и да учи од тоа што ќе го каже.

-Го сакаш ли сонцето? - продолжуваше девојчето со нагласена љубопитност што ќе одговори Оливер. Јас си играм со сонцето.

Одеднаш нешто се разбуди во Оливер и пролета едно прашање:

-А како си играш?

-Па, така си играм, го оставам да ме гали по образите, а тоа ми создава скокот, ме тера да се смеам, да скокам и каде што оди тоа и јас да одам по него. Тоа другарува со секого, сите ги буди, ги примамува да растат... еве и јас растам ха ха! - зрачеше девојчето со восхит дека знае сѐ за сонцето. А ти чичко зошто си го затворил прозорецот? Сонцето не може да влезе и да другарува со нас! - со раширени зеници девојчето очекуваше одговор.

Оливер исто како да беше во шах-мат позиција. Неговото постоење, неговото тело, неговата душа, неговата вистина и невистина за животот и светот се беа сториле две зеници, кои ја беа скриле светоста на човековото постоење. Чувствуваше како да не чувствува. Не постоеше книга во тој момент која можеше да го понуди одговорот на тоа прашање. Тогаш застана животот, застана времето, застана мислата, а нели за него мислата беше сѐ. Со главата направи мало искривување кој придонесуваше погледот да му се упати кон купот книги. Масата, книгите, креветот, ѕидовите, сѐ беше станало магла. Очите му гледаа магловито, само сликата на девојчето беше чиста, светла.

Во таа неполна минута време, не се чувствуваше при себе. Само како од далечина го слушна гласот на девојчето:

-Дојди, чичко да ти покажам како си играм со сонцето!

Почувствува нежен допир и несвесност за тоа како станува од столот и следи едно сосема непознато битие. Девојчето ја отвори закоравената дрвена врата. Сонцето болсна дирекно во неговото лице. Со страв ги отвараше неговите очи.

-Види, види чичко, погледни! - со радост извикуваше девојчето.

Оливер беше како слеп човек кој за прв пат прогледува. Човек кој за првпат го гледа животот, кој првпат осознава... човек кој за првпат живее.

За првпат после толку години... не ја гледаше веќе сенката на месечината туку светлината...


 

Автор: Елена Ѓорѓиевска - Костадиновиќ, збирка раскази „Бунар“, 2014



1 view

Recent Posts

See All

Comments


bottom of page