top of page

Крилја


Види мамо имам крилја! - довикуваше Софија мавтајќи со рацете качена на камениот столб што се наоѓаше на пристаништето. Како да не беше сигурна дека мајка ѝ ја слуша ја повторуваше истата реченица:

-Крилјата, мамо моите крилја ги гледаш ли? Имам крилја!

Софија ја имаше најубавата , најпаметната и најмила мајка на светот. Таа и беше сѐ. Својот татко не го познаваше. Во својата мајка гледаше светост. Сѐ што беше убаво на светот беше вгнездено во нејзината мајка. Ги сакаше игрите, смеата и забавата со неа, иако од непозната причина за неа, тие игри беа реткост. Иако дете, многу често си го поставуваше прашањето зошто е тоа така. Сакаше да го поминува времето со најмилото лице, а особено милуваше и се разгалуваше кога ќе го слушнеше своето име: Софијааа!

Рано беше да се дефинира значењето, и воопшто животот како поим за малата Софија. До тој ден за Софија постоеше убавото, а другата страна ѝ беше непозната.

-Мамо и ти имаш крилја! Зарем не ги гледаш? – продолжуваше Софија со негодување.

- Ајде Софија побрзај! Каде гледаш крилја? Такви нешта не постојат! – со немилозвучен, незаинтересиран и груб глас и возврати мајка ѝ. Мајка ѝ како да беше отсутна со мислите. Имаше навика да каже нешто но без смисла, неповрзано, едноставно како со умот да не беше во дадениот момент.


Софија потскокна и се стрча кон мајка си. Ја испружи раката за да ја пресретне нејзината рака, но таа гледаше во својот телефон и мрмореше нервозно:

-Каде си бре човеку? Зошто не се јавуваш?

Го чуваше своето раче така, испружено како питач за корка леб, а ова раче беше испружено за корка љубов и внимание. Мајка ѝ ѕверејќи се во телефонот продолжи да оди. Софија остана назад со очи како огледало во кое се гледаше очајот, разочарувањето и болката. А таа болка немаше кој да ја види. Мајка ѝ уште во раната младост сакаше да експериментира со животот. Дружењето, поминувањето на времето со различни мажи ѝ беше предизвик. Се гордееше со тоа дека секоја вечер примамуваше друго момче. Нејзината убавина ѝ одеше во прилог, па затоа немаше никакви проблеми при заведувањето на. Тоа беше нејзин стил.

Но, меѓу сите мажи постоеше еден кој не беше како и сите други. Тој ѝ остави впечаток на маж од соништата. Неколку пати се обидуваше да го придобие и на крај успеа. Тој беше оженет. Но, тој факт неа не ѝ пречеше. Времето поминуваше, а тие двајца се среќаваа тајно. Тоа премина во навика која траеше околу година дена. Една ноќ, како и секоја друга, се сретнаа на вообичаеното место. Таа потајно се надеваше дека еден ден тој можеби ќе ја остави својата сопруга. Се заљуби во него. Таа последна ноќ тој ѝ соопшти дека никогаш повеќе нема да се видат. Тој се отсели од градот. Плод од таа љубовна врска е Софија.

Го продолжи својот авантуристички живот и покрај тоа што ја имаше својата мала ќеркичка. Секојдневие беше за неа да излегува во доцните вечерни часови, да доаѓа дома со различни мажи. Лесно ја убедуваа и во секој од нив гледаше потенцијална љубов.

-Ало! Каде си? Зошто не ми се јавуваш? Дали знаеш само колку време те чекам? Зарем ме заборави? – вознемирено зборуваше мајка ѝ на Софија на телефон – те барам веќе неколку дена, а од тебе ни трага ни глас? Што се договоривме?

Софија се гледаше во нејзината мајка со последна надеж дека ќе го привлече нејзиното внимание, но ситуацијата продолжуваше во ист правец. Како рефлекс и доаѓаше да викне:

-Мамо, мамо!

Софија беше такво дете што не сакаше да плаче. Не се жалеше за ништо, не цимолеше. Беше секогаш тивка, скоро и незабележлива со своето смирено присуство. Имаше една интересна случка кога си играше со своите другарчиња, падна и ја повреди ногата. Таа со раскрвавена нога без да заплаче отиде дома, не барајќи помош.

Телефонскиот разговор продолжуваше со викотници. Мајка ѝ се повеќе го повишуваше тонот на гласот заборавајќи дека се наоѓа надвор меѓу луѓе и над сето тоа дека со неа ја има ќерка си.

Меѓу луѓето, еден маж и една жена се приближуваа кон нив. Софија ги забележа и одеднаш доби чувство на страв и веднаш се прилепи до мајка ѝ. Таа не беше ни свесна дека ја обзема некое негативно претчувство, и така се повеќе ѝ ја стегаше ногата.

-Софија застани! Што правиш? Тргни се, треба да разговарам! – нервозно ѝ се обрати.

Двајцата странци се повеќе се доближуваа и ја поздрави ја:

-Добар ден! Се извинуваме што ви пречиме, но имаме едно прашање за вас.

Од силниот притисок од стегањето што ѝ го задаваше Софија на мајка си, таа конечно изреагира:

-Софија!!! Па и вие! Човек не може да разговара на раат! – возврати таа.

-Извинете, вие ли сте Наталија Стојменова, а оваа вашата ќерка Софија Стојменова? – запраша жената.

-Да, ние сме тие. А зошто ве интересира? – со чудење и со некаква ароганција возврати Наталија – Кои сте вие и со какво право ме прашувате? Немам време да одговарам на странци! Ајде, Софија да си одиме! – ја тргна за рака и тргна да замине.

-Ние сме од Службата за социјална заштита. Ве баравме на повеќе наврати, но сте го смениле местото на живеење неколку пати. Ви пративме известување исто така, но не се јавивте на разговор – започна со објаснување жената.

- Се извинуваме, но тоа што ќе го направиме денес нема да биде пријатно ни за вас, ни за вашата ќерка, но еве погледнете тука пишува сѐ – продолжи мажот давајќи ѝ некој документ.

Наталија без размислување го зеде и им го фрли в лице.

-Почитувана Стојменова, ова сакаме да биде што побезболно за сите. Затоа јас ќе ви пренесам што пишува во овој документ. Значи вака, Службата за социјална заштита донесе решение врз основа на предходни анализи, дека вие не сте во можност да ја одгледувате вашата ќерка, па затоа одлучи ќерката да ви се одземе.

Во тој миг мажот и жената се доближи ја до Софија. Се обидоа да ја земат пуштајќи ѝ рака. Софија се вознемири и им се оттргна.

-Ама што правите? – ги туркаше Наталија.

-Госпоѓо, ве замолуваме да не ја отежнувате ситуацијата. Одлуката е донесена. Ајде, мила Софија дојди со нас! Ние не ти мислиме ништо лошо! Твојата мајка ќе дојде и ќе те посети! – и двајцата ја фати ја Софија за двете раце и ја поттргнуваа за да оди со нив.

-Мамоооо! Не ме оставај! – викаше Софија во очај.

Наталија во тој момент започна да се освестува и да сфаќа што всушност се случува. Во еден момент зборуваше на телефон со својот љубовник, а веќе во следниот гледаше како заминува нејзината ќерка.

Нејзината ќерка некако како да не ѝ беше во прв план изминатите години. Сѐ така поминуваше незабележано, нејзиното растење, нејзините чувства, нејзините потреби, нејзините детски соништа... важни беа машките зборови, милувања... За прв пат ја погледна со толкаво внимание. Ја гледаше право во очи.

Софија борејќи се да се отпушти од нивните раце, го забележа тому тој, долгоочекуван поглед на внимание од својата мајка. Отсекогаш знаела дека ја има најдобрата мајка, отсекуваш верувала во тоа, само што го чекаше вистинскиот момент. Се сети како да се извлече од нивните раце обраќајќи им се:

-Чичко, тетко! Ќе може ли барем да ја гушнам мајка ми?

И двајцата се погледнаа и кимнаа дека се согласуваат да го пуштат девојчето. Го пуштија.

Софија не трчаше кон мајка ѝ туку на смирен начин се доближи до неа, ја погали по косата, ја погледна во очи и ѝ рече:

-Мамо, јас те сакам!

Наталија се стаписа. Софија се врати кај мажот и жената. Заминаа...

Наталија се разбуди како од сон, долго сонуван сон. Тогаш сфати дека покрај себе ја имала најголемата љубов, најголемата добрина, најубавата прегратка, најубавата насмевка, најубавите очи...

Тогаш вистински ја почувствува љубовта кон своето чедо. За прв пат ги забележа крилјата на Софија. Сфати дека имала ангел покрај себе. Ангел кој несебично ѝ давал љубов, а таа не го забележала тоа и за возврат не ѝ давала ни трошка внимание, ни трошка љубов.

Наталија исправена, здрвена, со поглед застрелан во една точка во која веќе не ја гледаше својата ќерка. Го држеше в рака телефонот од кој се слушаа некакви гласови.

Ја рашири дланката. Телефонот падна...


Автор: Елена Ѓорѓиевска-Костадиновиќ

Збирка раскази „Бунар“ (2014)

1 view

Recent Posts

See All

Comentarios


bottom of page