Ме совлада сонот. Но, не оној сон што се сонува доцна во ноќта, туку оној, сонот на животот. Секој збор се слеваше во притоката на сонот. Редум еден по еден го чекаа својот миг. Седев под дрвото на животот и на момент ме угреа толку силно сонце што сонот се претвори во јаве, па започнав да го оплакувам животот свој. Зракот ми удри во глава, ми ја помати свеста и се најдов во некоја пустелија во која зборот како збор, и свој сам за себе, не постоеше. Јас сам и пустелијата. А зборот? Ќе остане ли празна страницата? Грутка ми застана в грло. Сакав да пуштам глас ама гласот ми згаснал.
Дотогаш знаев да плетам и од зборовите да правам толку прекрасни плетки што истите им ги подарував на оној, на овој, на кој ќе стигнев. Ама сега што? Мислите се такви, брзолети, час ги помниш, а наредниот час гледаш исчезнале, ти се искраднале од помнилото и заминале во некое непознато место од умот твој. Ти трагај по нив колку сакаш ама од нив ни траг ни потраг. Како што знам јас да кажам, зборовите се воздишки за оној што пишува. А воздишката е семе на укото и неукото, на убавото и грдото, на доброто и злото, на сештото и ништото.
Се исповедувам вака пишувајќи, но пред ова се случи нешто друго, се случи виденото, а и невиденото во исто време. Дрвото оживеа, ги обвитка своите гранки околу мене, ме притегна на грбот свој, како господар, а јас роб, и започна разговор со мене. Ме прашуваше, а јас така распнат молчев оти не можев да проговорам ниту една реч.
-Јанѕа те јаде нели? – запраша. Зошто не ме погледнеш мене и да се огледаш на мојата проникливост и бесмртност? – продолжи. Што си се приклештил толку за тие твои зборови, зарем од нив ќе живееш? Зарем зборот ќе те нахрани? Зарем тој ќе те негува? Еве, овде не постојат зборовите. Зарем мислиш дека зборот е толку силен што ќе те извлече од твојата мизерија? Будалетинка! Погледни се, трепериш!
-А ти? Зарем не би треперело да си на мое место? – возвратив, но не со зборови туку со мислите свои. Зарем не гледаш што создаде, каков род даде! Ме роди мене, оној „чудакот“ познат меѓу луѓето. Зошто ме стави меѓу нив? За да гнијам меѓу нивните растројства и од тоа да извираат вакви прашања што само чудак би ги поставил?
-Чудак? И тоа ли го има во твојот речник? – зачудено праша.
-Да, чудак. Само чудакот може да говори, и говорот свој да го преточи во течна низа од гласови, а на тие гласови да му даде форма, и да ги залепи на чудно создание што се нарекува хартија, и сето тоа да изгледа како твоите испреплетени гранки и лисја. Секој лист да е буква и секој збор да има по неколку лисја, а некој само еден или два, и така мајсторски да ги токми, да ги преплетува и на крај да ја создаде целината, како што сум јас, човек, целина од крв, месо, коски и тоа сè вдахновено со душа. Е тоа е таа целина!
-Ти залутал умот во недостижното, и сега не знаеш како да се вратиш назад, па се замајуваш со лудостите твои! - возрати потсмевајќи се.
-Еве дури и ти ме нарекуваш луд! Лудост ли го нарекуваш воздигнувањето на зборовите од темнината и нивно потпалување со жар од возбудата човекова, па нивно распламтување во оган што предизвикува дури и ерупција кај човековото срце што не го остава човека без здив при читање на истите? Зарем не веруваш во нивната моќ која достигнува степен на две крајности, на очај и среќа? Не знаеш ли дека со пишувањето можам да те овенам, да те исушам и повторно да те засадам! Мислиш дека си мој господар, дека животот ми го подари, но јас сум тој кој може да те преименува, и веќе да не постоиш во светот мој? Ми наликуваш на снобовите човечки кои секој ден плукаат отровна плунка и го трујат секојдневието. Тие ми зборуваат како тебе, за тоа дека во животот не постои ништо друго освен самиот живот. А дали е така? – го прашував бесно.
-Јас не сум тука за да ти одговорам на тие прашања. Јас, твојата, за тебе, тајна и неоткриена свест, сум тука за да те сослушам. Знам дека ти ме создаде, дека сѐ е твоја креација, но разбери дека сакаш да живееш во таа креација. Твоето човечко пека по тоа. Се бориш залудно да ме разбереш мене, бидејќи јас сум всушност ти! И не сум илузија, туку сум токму она што ме претставуваш да бидам!
Во истиот миг тоа истото дрво што ме распна, ме стави во својата крошна како мало дете и ме подигна толку високо што од таа висина се гледаше друг свет. Bo очите ми се всели тој пејсаж кој беше исполнет само со земсконебесна раскош, а сета таа раскош се состоеше само од созданија за кои дотогаш не постоеја зборови, нивните имиња. А јас од нестрпливост се вџашив, и го чекав тој величествен миг - излегувањето од нивната мајчинска утроба, да ги претворам во мисла, и со мојава дршка од која потекува темна течност, да ги запишам.
Не помина многу време кога одеднаш се појави создание именувано како Љубов, а веднаш потоа и созданија именувани како Вистина и Добрина. Дури да го погледнам секое сите се сторија едно. Тоа едно наликуваше на сѐ само не на нешто земско.
Доаѓаше од далечината, и како што се наближуваше ја менуваше својата форма и облик. Се обликуваше самото од себе. Еднаш беше мало, па одеднаш големо, па издолжено, во миг се стори и точка. Во секоја секунда се менуваше. При секое намигнување гледав нешто друго. И кој било збор да го употребам нема да погрешам. Тогаш сфатив дека нас луѓето сè уште не ни е дадена и подарена таква моќ и такво сетило за да го видиме, почувствуваме, вкусиме и да живееме со тоа создание. Одеднаш ме обзеде тага. Зошто е тоа така? Како да им го пренесам на другите тоа што го гледам? Ќе бидам ли разбран или повторно ќе ме турнат во занданата за чудаци? - размислував и се прашував.
Дури размислував тоа се претвори во огнена топка, како сонце. Испушташе таква светлина која не му пречеше на моите очи, толку силна, а сепак нежна. Се доближуваше менувајќи ги боите. Беше нешто како виножито. Гледајќи така ги изгубив сите човекови сетила. Се сторив „нечовек“! Созданието се приближи толку блиску што се обвиткуваше околу мене, влегуваше и излегуваше од мене, ми го пробиваше телото. Не чувствувајќи со своето тело, но гледајќи со своите очи видов како ме поткрева и ме поместува од крошната на која седев. Се видов како лебдам, полесен од воздухот. Ме движеше кон некое место во кое немаше граници, ни дно, ни врв, без страни. Само простор исполнет со воздишки од убавина. Ах, само колку воздивнував... заборавив и кој сум, од каде сум, и што сум. Само лебдев...
Така, во мојот заборав созданието се претвори во глас кој проговори:
-Во почетокот беше Зборот, и Зборот беше во Бог, и Бог беше Збор!... Јас сум Зборот!
Сонот... сонот стана јаве. Се разбудив со дршката в рака...
Автор: Елена Ѓорѓиевска-Костадиновиќ
Збирка раскази „Бунар“ (2014)