Превртливиот по срце, човек секогаш ќе го суди Господ Бог според она што Бог направил, а што не. Но оние кои навистина го следат Бог, го следат со нежност за она што е Тој, за она што Го рекол и за ветувањата кои Ги дал, за она што Го сторил. Една е вистината - дека Тој е секогаш апсолутно добар. Неодамна разговарајќи со човек кој го сподели својот став дека сака да биде добар без Небесниот Татко, прашање проструи до него: „А може ли да се биде добар, доколку не го познаваш Оној кој е добар?“ Дури и Исус Христос на изјавата дека е добар, потенцира дека Небесниот Татко е оној кој е единствено добар.
Понекогаш во животот, доаѓаат ситуации кои не ги избираме ние, ситуации кои вклучуваат болка од загуба на сакана личност, разделба и огромна тешкотија. Зарем не е чудно што Исус Христос на неколку наврати ни говори: „Радувајте се! И пак ви велам радувајте се! Молете се постојано!“
Да се радуваме? Како? Постои ли таа опција во такви мигови во животот? За што да се радуваме? Од каде би доаѓала таа радост кога целиот наш свет се руши? Кај некои од нас оваа изјава предизвикува дури и револт и бунтовност и навреда. Изгледа бесмислено, нели? Некои нешта во животот се мистерија и за нас, а ние ја имаме привилегијата да ја живееме таа мистерија.
Нивото на откровение што Господ Бог ни го дава ќе биде еднакво на мерата на мистерија што сме желни да ја живееме, а неспособноста да се живее со мистерија е одбивност да се живее како дете. Живеењето со духот како дете ни ивозможува пристап до димензии и атмосфери во Царството Небесно што на поинаков начин не може да се пристапат. Исус нѝ вели:
Вистина ви велам, ако не се обратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно: кој, пак, ќе се понизи како ова дете, тој е најголем во Царството Небесно; и кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима.
Во Псалм 91 односно 92 според православниот превод во кој пишува, „и да тргнам и низ долината на смртната сенка јас нема да се уплашам од злото зашто Ти си со мене“, можеме да ја искусиме Божјата љубов и загриженост за нас, дека нема да нѐ остави и ќе нѐ заштитува како мало дете. Во моментите на темнина и тешките предизвици во животот, можеме да ја искусиме добрината на нашиот Небесен Татко. Понекогаш резултатот не е онаков каков што сме го планирале во животот.
Нема поголемо богатство од тоа да се почуствува присуството на Небесниот Татко. Неговото присуство се чуствува дури и низ таа долина на смртната сенка односно сите мрачни и непосакувани настани во нашиот живот, во настаните на животот во кои не знаеме што се случува и зошто се случува она што се случува. Наидуваат прашањата зошто нашите очекувања не се реализирале. Она што треба да го знаеме за нашиот Небесен Татко е тоа што Тој не е апарат во кој ставаме желба и без оглед на околностите дека таа желба ќе се исполни. Верувале или не, не зависи сѐ од Него. Не станува збор само за нашите порачки и барања до Него, па штом ги исполни повеќе не ни треба. Се сведува на нашата врска со Него. Тој е Небесниот Татко, а ние сме Неговите деца. Неговата милост и наклонетонст кон нас е толку голема, дури и невосприемлива што навистина не постои причина зошто ние би Го испитувале Него, зошто би гГо суделе и би упатувале секакви недостојни зборови и навреди. Многумина од нас целата вина за сите неправедни работи кои им се случиле, ја префрлаат Нему, со изјавите дека болеста на ближниот ја дал токму Тој, дека преминувањето од овој свет во другиот на блиска личност го направил Тој, дека некој што останал без своите финансии вината се препишува на Небесниот Татко. Каков апсурд! Зарем може некој што го дал својот единороден син, за да претрпи секакви измачувања, понижувања и на крај распнување на крст, за нашето спасение, да го наречеме лажго , недостоен, негрижлив татко, татко со желба дека сака постојано да нѐ казнува, дека сака да нѝ ги одземе најблиските, па финансиите, па здравјетио и што уште не, е лудост и неразумност!
Токму тогаш, кога се наоѓаме во тој мрак од тага, депресија, разочараност, осаменост, беспомошност, безислезност спасот е во итањето, трчањето во Неговите прегратки!
Се наметнуваат прашањањата: „Дали го познаваме нашиот Небесен Татко? Каков е тој? Кои се неговите карактерни особини? Каков е како личност? Сме го прочитале ли Неговиот свет збор? Што говори?“ Колку е лесно да се зборува за човек кој не го познаваме, и така си земаме за право да го озборуваме, да го клеветиме лажно, да му ставаме лажни етикети, едноставно да го го ставиме во нашата имагинарна умствена кутија. Тоа го правиме за човек, а што да кажеме за Создателот на сѐ постоечко. Зарем Тој не пишува во Неговиот збор дека „Моите мисли не се ваши мисли и вашите патишта не се мои патишта?“
Не треба да дозволиме нашето прашање ЗОШТО да се попречи на врската, на љубовта што ја имаме кон Него. Сомнежот, стравот, разочарувањето, ѓаволот многу добро ќе ги искористи за ние да бидеме против Бога, да се бунтуваме и да бидеме зли, како тој што направи, сакаше да застане на престолот на Господ Бог. Критиката никогаш не треба да биде упатена кон Бога, никогаш. Имајќи предвид дека живееме во скршен свет, во кој не функционира сѐ во најдобар ред, свет во кој, ние сме одговорни за нашите постапки, за нашите грешки, кои не само влијаат на нашиот живот туку влијаат на животот и на другите, во свет во кој ѓаволот со максимални сили се спротивставува на правината и на добрината и прави сѐ за да украде, убие и уништи, можеме ли да очекуваме совршенство?
И? Имаме ли право врз основа на ова да го обвинуваме Бога за она што се случило? Да бидеме искрени! Да размислиме!
Дали постои човек кој би избрал болка, разочарување, загуба, тага? Не, секако дека не! Но, ете, под одредени околности нѝ се случува и тоа. Што да правиме тогаш? Како да го поминеме тој период? Како да го обработиме во нашата психа, како да го надминеме? Можеме ли токму во тие тешки мигови да подариме нешто, дел од нашето време, љубов, внимание? Хммм малку контрадикторно прашање, но да размислиме?...
Да, постои... можеме да му подариме славење на нашиот Небесен Татко, бидејќи заслужува. Радоста е дар од Него. Со славењето, обожувањето, благодарењето доаѓа радоста. Овие се негови зборови: „Не се вознемирувај зашто јас сум со тебе, ќе те закрепам со мојата десница, со мојата правда.“ Тој го дава мирот што го надминува секое разбирање. Секој ден од нашиот живот му го должиме Нему.
Едно од најважните нешта што треба да се знаат при разделба со блиска личност, е тоа што не смееме да го прескокнеме тој период на тага, жалење. Дури и во Светото Писмо писмо пишуава дека сѐ има свое време. Во спротивно, не е добро ни за нашата психа, ниту за нашето тело бидејќи во тие мигови се одвиваат толку многу работи, емоции кои доколку не бидат правилно испроцесирани, ќе направат уште поголема рана. При тагувањето постојат две опции: тагувањето ќе нѐ однесе кај Утешителот, во присуство на Светиот Дух или ќе нѐ одведе кон неверување. Тие се две опции. Најдобро е да ја одбереме првата. Во Евангелие според Матеј 5:4 пишува: „Благословени се оние кои тагуваат бидејќи ќе најдат утеха.“
Процесот на тагување може да нѐ однесе на место кое не го разбираме. Присуството на Бог е одговорот на нашата емотивна, душевна болка. Дури и да ги имаме најдобрите одговори зошто се случило токму така, зошто го поминуваме тој тежок период, не ја поправаат, не ја менуваат ситуацијата. Но, Божјото присуство може да промени и тоа многу. Дури и Бог да нѝ го даде одговорот на прашањето зошто, болката останува. Она што нѝ треба е мир кој само Бог може да нѝ го даде, само тој може да ги стави сите делови од нашето постоење на место, токму во тие тешки мигови. Зошто? Затоа што Тој нѝ вети дека никогаш нема да не напушти и остави. Неговите зборови не се лажни.
Во Евангелие според Марко 16 пишува:
А кога мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Салома, купија мириси, за да дојдат и да Го помажат. И многу рано, во првиот ден на седмицата, дојдоа на гробот кога изгреваше сонцето. И си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одмести каменот од вратата на гробот?” И кога погледаа, видоа дека каменот е одместен. Имено, беше многу голем. А кога влегоа во гробот, видоа младич во долга бела облека, како седи оддесно и се зачудија. Но тој им рече: „Не бојте се! Вие Го барате распнатиот Исус Назареецот. Воскресна! Не е тука! Еве го местото, каде што Го положија. Туку одете и кажете им на Неговите ученици, и на Петра; дека ‘Тој отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви рече.’” А тие излегоа и побегнаа од гробот, зашто ги опфати трепет и страв. И никому ништо не рекоа, зашто се боеја. А кога воскресна рано, во првиот ден на седмицата, и се јави прво на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони. Таа отиде и им јави на оние, кои беа со Него - кои тагуваа и плачеа. А тие, кога чуја дека е жив и дека таа Го видела - не поверуваа.
Жалењето, плачењето може да нѐ одведе или кон Утешителот или кон неверувањето. Апостолите тагуваа. Марија Магдалена му ја соопшти убавата вест дека Исус воскресна, но тие не поверуваа. Нивното тагување беше погрешен вид тагување.
Доживеаното искуство на Марија Магдалена, не е само едно секојдневно доживување, тука таа имаше што да каже, што да пренесе. Со самото кажување, таа всушност го пренесуваше присуството на Оној за кој зборува. Но, апостолите неверувајќи не го примаат тоа присуство, не ја примаат таа утеха, не го примаат мирот. Нели исус Христос нѝ напомена дека носи мир со зборовите: „Мир ви давам, мојот мир ви го давам, не како што светот го дава.“ Така и ние, како апостолите, во такви мигови на тага, разочарување, можеме за момент да се слизнеме и да преминеме во неверие. Наместо тоа, да бидеме свесни да го одбереме патот по кој доаѓаме до Утешителот. Апостолите наликуваа како изместена коска од некој дел од телото при што тој дел не може да функционира. Поради тагувањето тие беа одделени, раскинати од светлината при што не можеа да одговорат, да го примат дарот што Господ Бог им го прати во нивниот живот во тие мигови. Тој преку Марија Магдалена им прати подарок, за да ги утеши, но тие не можеа да одговорт, да го примат тој подарок. Не ѝ поверуваат, а преку неверувањето се скратија од Божјото присуство, бидејќи Божјото присуство беше во неа, во нејзиното, штотуку доживеано искуство. Нашите ограничувања, нашиот затворен ум ќе не доведат токму до ова - да не ја видиме, да не ја чуеме вистината, да не ја примиме утехата, или благословот, или љубовта што Небесниот Татко постојано ни ги праќа. Затоа Исус гласно нѝ говори: „Кој има уши нека чуе!“
Да не дозволиме тагувањето, тешкотијата да нѐ направат одбивни и затворени на Божјото присуство, туку со раширени раце да ги прифатиме утехата, прегратките, љубовта што само вистинскиот грижлив татко може да ги даде.
Во Прво послание до Солунјаните 4 стои:
Драги пријатели христијани, сакаме да знаете што ќе се случи со оние што се починати, за да не тагувате како луѓето што по ова прашање немаат никаква надеж. Ако ние веруваме дека Исус умре и воскресна, веруваме и дека Бог пак ќе ни Го врати, а со Него ќе ги врати и сите што пред да починат верувале во Исус.
Во овие зборови е суштината. Врз овие зборови се темели утехата дека сите оние кои поверувале во Исус Христос и го примиле како спасител, преминуваат во Царството Небесно и дека прашање е само на време кога повторно ќе се видиме. Вистината ослободува, нели? Како што ни говори Исус: „Вистината ќе ве ослободи!“ Исус ги понесе сите болки, го понесе сето тагување, сите тешкотии на крстот за ние да имаме утеха, мир, спокор, надеж, радост... за никогаш да не бидеме уништени од ситуацијата, за никогаш ситуацијата да не нѐ управува, да нѐ контролира, да не нѐ води, да не нѐ преобликува. Доколку ова го знаеме никогаш нема да имаме темнина во нашата душа и надежта секогаш ќе нѐ оддржува.
Божјата надеж е различна од надежта дефинирана од културата, од човечката гледна точка, односно „се надевам дека тоа и тоа ќе се или нема да се случи“. Но Божјата надеж е дефинирана како радосно очекување, чекање на доброто. Таа е момент исполнет со вера очекувајќи го доброто.
Како би се исполниле со ваквата Божја надеж? - Познавајќи го Небесниот Татко, кој целата своја природа ја открива преку Неговиот збор. Да бидеме искрени, понекагаш сме навистина чудни - сакаме да читаме, а не сме ја научиле азбуката. Истото е и со нашите очекувања од Небесниот Татко - сакаме сѐ, а ништо не правиме во врска со тоа. Даден нѝ е Божјиот збор, а не го проучуваме, па потоа како најлесен механизам ни е само обвинувањето и вперувањето на прстот кон личноста која воопшто не го заслужува тоа т.е Небесниот Татко! Чудно, понекогаш го имаме и пристапот кон Бога како да правиме трговија, бизнис, „јас ќе се помолам некоја минута, а Ти за мене ќе го сториш тоа и тоа“. И по неговата вечна милост и љубов, бараното ќе го исполни, но потоа нас нѐ нема. И пак кога ќе нѝ затреба, го имаме ставот на трампање. Но, каде е тука врската? Каде е нашата почит и љубов? Или, доколку не се случи тоа што го очекуваме и вината веднаш се препишува на Бога! Лицемерно е нели?
Првиот стих од Послание до Евреите 12 гласи:
Затоа и ние, имајќи околу себе толкав облак сведоци, да ги положиме настрана: секое бреме и гревот кој нè сплеткува лесно и да трчаме со трпение на трката што ни е поставена пред нас.
Исус ни говори:
Ова ви го реков за да имате мир во Мене. Во светот ќе имате маки; но не плашете се, зашто Јас го победив светот.
Која е мојата трка, која е твојата трка? Сѐ се сведува на фактот дека живееме, се бориме за вечноста! Секоја борба е за да се успее да се биде во вечноста! Штом сме свесни дека ова што го доживуваме е секојдневна духовна војна, дека при започнувањето на денот ја имаме улогата на воини кои се борат за праведноста и светоста, тогаш нештата во животот ги перципираме од поинаков агол. Да запомнеме дека секој миг на темнина, тага, разочарување, тежина нашиот Небесен Татко ќе го претвори во светлина! Да одлучиме да се стрчаме кон Утешителот!
Послание до Ефесјаните 6, нека биде молитва за денес:
Браќа и сестри, засилувајте се во Господ и во силата на Неговата моќ! Облечете се во сето оружје Божјо за да се одржите против ѓаволското лукавство; зашто нашата борба не е против крв и тело, туку против началствата, против властите, против световните управители на темнината од овој век, против поднебесните духови на злобата. Поради тоа примете го сето оружје Божјо, за да можете да се браните во лош ден, та, откако ќе победите, да се одржите. И така стојте, откако ќе се опашете со вистината и ќе се облечете во оклопот на праведноста, и нозете да ви бидат обуени во подготвеност за да благовестите мир. А над сѐ, земете го штитот на верата, со кој ќе можете да ги изгаснете сите вжештени стрели на лукавиот; земете го и шлемот на спасението и духовниот меч, кој е словото Божјо! Со секаква молитва и молба во секоја пригода молете се во духот. Затоа бидете постојано будни со сета истрајност и молитва за сите светии.
Comments